Фото: Пиксабеј

Пред многу векови, човекот станал свесен за значењето на дождот, па затоа на многу начини се трудел да ги предизвика облаците да му го дадат ценетиот дожд. На почетокот се обидувал со молитви и посебни ритуали да испровоцира боговите да пратат врнежи. Дождовните капки отсекогаш имале егзистенцијална важност за луѓето, бидејќи благодарение на дождот човекот можел да го зачува житото од суша и да обезбеди храна за определен период.
Со векови истражувачите се обидувале да најдат начин да создадат вештачки дожд, но главно без успех. Непосредно пред Втората светска војна, францускиот метеоролог Бержеон го открил „процесот со кој можело да се предизвика паѓање дожд“. Овој негов изум функционирал со помош на авион. Од леталото на големи височини се погодувале облаците со кристали од лед. Овие кристали потоа поминувале низ облаците каде што биле изложени на повисока температура во пониските слоеви на атмосферата, па потоа се претворале во дождовни капки. По Втората светска војна, изумителите благодарение на современата технологија добиле поголеми можности за експериментирање и смислување нови начини за создавање вештачки врнежи. Една од идеите што истражувачите се обидувале да ја реализираат било посипување на облаците со сол, бидејќи солта има својство да ја впива водата. Исто така, изумителите се обидувале да произведат дожд со исфрлање мали капки од специјални уреди што биле истрелувани од авиони во воздухот.
Во последните децении, луѓето се обидуваат да ги контролираат и да ги насочуваат врнежите со помош на противградни ракети, кои се истрелуваат за време на невреме проследено со бура и град. Сепак, ни до денешен ден човекот не може целосно да ја совлада природата и да ги контролира врнежите. Најдобар доказ за тоа се честите поплави предизвикани од силните врнежи и невремиња. Денес наместо да гледаат во небото и да се обидуваат да ги задоволат боговите, луѓето се свртуваат кон земјата и наоѓаат начини со помош на каналите од реките и езерата да донесат доволно количество вода за наводнување на нивите. Со тоа, успеваат, барем делумно, да спречат суша и да ги зачуваат житата неопходни за живот.