Зајакнувањето на Украина, општата безбедносна ситуација во Европа и можностите за посилен и побезбеден европски континент во актуелната геополитичка реалност ќе бидат главни теми на денешниот состанок Европската политичка заедница во Копенхаген, на кој ќе учествува и македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова.
Овој седми собир на Европската политичка заедница ќе започне со пленарната сесија, по што ќе следат неколку дискусии на панели фокусирани на различни аспекти на безбедносната ситуација во Европа, како традиционалните и хибридни закани, економската безбедност, трговијата со дрога и миграцијата.
Како што соопшти Кабинетот на шефицата на македонската држава, Силјановска-Давкова ќе има обраќање на панелот „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со кој ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.
– Се наоѓаме во четвртата година од руската агресија врз Украина. Тоа докажува дека колективното дејствување за изградба на силна и безбедна Европа е поважно од кога било досега. Треба да продолжиме да се координираме и да останеме единствени – се наведува во поканата до европските лидери за учество на собирот упатена од копретседавачите, данската премиерка Мете Фредериксен и претседател на Европскиот совет – Антонио Кошта.
На собирот е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа и тоа на 27-те членки на ЕУ, шесте земји од Западниот Балкан, меѓу кои и Северна Македонија, четирите членки на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), трите кавкаски републики, како и на Андора, Велика Британија, Молдавија, Монако, Сан Марино, Турција и Украина. Дополнително на состанокот се поканети и премиерите на данските територии Гренланд и Фарски Острови, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и претставници ОБСЕ и Советот на Европа.
Во пресрет на денешниот работен дел, учесниците на состанокот на Европската политичка заедница синоќа во кралската палата Амалиенборг во Копенхаген присуствуваа на вечера што во нивна чест ја организираа данскиот крал Фредерик Десетти и кралицата Мери.
Европската политичка заедница е платформа за неформален политички и стратешки дијалог меѓу европските шефови на држави или влади и лидерите на клучните европски и меѓународни институции. Целта на форумот е да промовира политичкиот дијалог и соработка, како и да придонесе за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент и не претставува замена за ниту една постоечка организација, структура или процес, ниту пак во оваа фаза има амбиции да создаде нови.
Следните состаноци на Европската политичка заедница ќе се одржат во Ерменија во текот на идната пролет и во Ирска во есента 2026.