Цивилизацијата како рана (4)

Бришењето на домородните култури со нивно божемно култивирање по западен терк на колонизаторите, на преведување на нивната божем примитивност во цивилизирана форма, за што покрај Грин пишуваа и многу доблесни европски патописци и антрополози, тоа, имено, драг читателу е најинфективната рана на западната цивилизација што се прошири насекаде низ светот до кај што стасаа нејзините темплари, крстоносци, конквистадори, масони и илуминати како бајрактари на нејзините освојувачки и пљачкашки политики. Се разбира, пак, наместо во модерното време по двете светски војни да се опамети и хуманизира, таа не се ослободи од својот длабоко залегнат во неа варварски нагон за колонизирање и грабеж. Во Европа по Втората светска војна траеше мирот, а потоа во 1948-та таа посегна со напалм-бомби по Македонците во Егејска Македонија, како претекст, увертира, како што ќе се види подоцна тоа, покрај физички и за нивен идентитетски геноцид. Тоа од своја страна, пак, покажува дека варварската perpetuum mobile енергија на западната психа останала и по двете светски војни силно витална, иако таа цивилизација сега се обидува во некоја политичка смисла да го модифицира своето варварство и да го маскира со некои нови божем универзални форми на хуманизам и просперитет на човештвото. Така, во таа смисла дебаклот на Лигата на народите во новата поствоена епоха по двете светски војни, но пак како нејзина имитација, дојде формирањето на Обединетите нации. И тие воленс/ноленс го покажаа своето искривено карикатурално лице на немоќ мирно и во клучот на универзалниот хуманизам да ги решаваат проблемите на човештвото. Тоа денес посебно е изразено во нивната за жал статична улога при геноцидот над палестинскиот народ, штедро поддржан воено и „морално“ од западните сојузници. А тоа значи, да не мислиш дека претерувам драг читателу, пак на дело нагонот за варварство на западната цивилизација, која сѐ уште, иако ѝ тропа моќниот БРИКС на врата, не се откажува од улогата на цивилизациски хегемон на човештвото. Па и во ОН таа е доминантна со три претставника (Америка, Англија и Франција) од петте (во кои се уште и Кина и Русија) што имаат право на вето на одлуките.
Тука сега во контекстот на сето ова треба уште еднаш, сега посилно, да подвлечеме дека по Хирошима, Америка лека-полека, особено по заминувањето од овој свет на Черчил (за нас Македонците злосторник од прв ред), го зазеде до апсолут челното место во неа. Денес особено се гледа тоа. Германија е без каков било лидерски елан-витал во неа. Таа е слугинка на американските интереси во Европа. Така го отплатува фашизмот па Хитлер, а потоа и американскиот Маршалов план за нејзин спас, плус нејзиното кревање над урнатините како најмоќна економска сила. Тоа е компензацијата за нејзиниот блед и потчинет амероизмеќарски политички идентитет. Во тоа амероизмеќарство таа од Европа и беше најревносно ангажирана во 2001-та на страната на албанскиот тероризам против Македонците. Потоа од големите европски сили тука е Франција, која отсекогаш имала јак индивидуален идентитет и како авангарда на европските слободарски идеи, за разлика од гордите Англосаксонци во Лондон, кои до денес не ја отфрлија монархијата и останаа како во трагедиите на Шекспир зариени во мувлата на кралските палати со кралеви и кралици.

Впрочем дури и Америка по Граѓанската војна ќе биде инспирирана од идеите на Француската револуција, за што ќе кажеме нешто потаму. Франција горда на револуцијата и просветителството, со изразит нарцизам и цивилизациски авангардизам, отсекогаш била главен опонент на американската политичка и културна агресија кон Европа и нејзино поставување во улога на тотем што треба да се обожава. Во таа смисла и еден француски министер за култура пред четири-пет децении стави ембарго на увозот во Франција на американската, како што Французите ја нарекоа, „кока-кола култура“ со мирис на екстраавангарден кич. Но денес под власта на Макрон со наполеоновски комплекс се напукнати од американскиот цивилизациски хегемон ѕидовите на нејзината тврдина. Галскиот петел кукурига од нејзината највисока кула, но околу него веќе нема како некогаш кокошки (читај: колонии) што несат златни јајца, не во домородните туку во француските седала.
Од големите европски сили во таа наша миницивилизациска анализа останува уште најмоќната и најненачната од прекуокеанскиот хегемон Англија. Всушност таа е најлојалната, но не како Германија полтронски, и најмоќната европска тврдина, која е близначка со американскиот нагон за владеење со светот. Таа близначка цврста врска оди и по линија на англосаксонизирањето на Америка и геноцидното чистење од неа на домородните Индијанци. Така и психата на Американците до бескрај витална и со свеж варварски, освојувачки инстинкт, е речиси до апсолут слична со англосаксонската. Во некои ситуации Англија (но не понизно туку и за свои цели) се јавува и како американски тројански коњ во Европа. Тоа е посебно евидентно во однапред смисленото сценарио за излегување на Англија од ЕУ за уште во стартот да бидат поткопани нејзините темели, со една типично англосаксонска иронија и по малку со мирис на црн хумор. Кој не го сфаќа (а не е сфатено) тоа значи дека не ја сфаќа големата слика на западната цивилизација. А сето тоа и пред да се случи, и пред да замине тој во рајот или во пеколот по геноцидот на Македонците во Егејска Македонија 1948, го знаеше лисецот Черчил. Во таа смисла тој во своите „мемоари“ за кои ја доби и Нобеловата награда за литература (иако неа не ја добил Толстој) и пишува дека Англија секогаш треба да се држи до Америка, но, според него, во една интелектуално надредена линија. Имено, како што се изразува тој во стилот на непоколебливиот челичен англосаксонски нарцизам, Американците во таа цврста врска треба да бидат мускулите, а Англичаните мозокот. Тоа. А што се однесува до самата Европска Унија, која на некој начин го имитира на најлош начин американскиот концепт на обединување на многуте доминантни етноси по Граѓанската војна меѓу Северот и Југот, тоа тука е гнила работа и никогаш нема да успее со таквите неинтелигентни и политички и визионерски тупави бриселски бирократи. Европа сега и воено и економски е речиси вазалски зависна од Америка. Неа сега ја растресе дијагностички, поддржувајќи ги ултрадесничарските европски партии, и само еден американски милијардер каков што е Илон Маск, нарекувајќи ги, може и со право, некои нејзини политофициози „будали“, како Шолц на пример, а камоли Трамп, кој ја најави новата американска хегемонистичка моќ и кон Европа.

Тоа е тоа, драг читателу. А што се однесува до Америка, веќе рековме дека таа уште со Хирошима ја зеде штафетата на западната цивилизација. И таа и направи некои нови Хирошими за своја цел, хегемонистичка моќ во блицкриг-стил (поинаков од европскиот) на колонизации со бомби и брз материјален профит: Ирак, Либија, Авганистан, Сирија. А тука е и Србија со НАТО-бомбардирањето во 1999 година. Македонија, пак, го окрка со албанскиот тероризам и доведувањето на терористите во владата на кревката македонска република, а потоа и со идентитетскиот геноцид со промена на името, проект на цивилизацијата остварен од страна на Европа и нејзините балкански предатори, но директно и моќно спонзориран од Вашингтон. Доказ за тоа е и опомената од американскиот претседателски призрак Бајден пред неговото заминување џенем да не се гиба Преспанскиот договор, кој е еден од најмоќните симптоми на болеста на цивилизацијата за која станува збор и на сликата на нејзината заразна рана.
А Америка сепак во почетокот со нејзиното конституирање по Граѓанската војна имаше слободарски визии не само за себе туку и за сите народи во светот. Тоа беа пред сѐ визиите со космополитска аура на таквите личности какви што беа втемелувачите на американската визија за праведност и вистина. Така, на пример, во Американската декларација за независност од 1776 година стии децидно: „Ние ги сметаме за очигледни овие вистини: дека сите луѓе се создадени еднакви, дека се избрани од нивниот Творец со одредени неотуѓиви права меѓу кои се животот, слободата и стремежот кон среќа…“ Итн. А Томас Џеферсон, основач на денешните САД, во својата Декларација за американската независност ги изнесува „суштинските принципи на американската влада“. Тие, вели тој, се „подеднаква и точна правда на сите луѓе, без оглед на нивната состојба, или уверување, верско или политичко; мир, трговија и чесно пријателство со сите народи…“
Така. Прекрасно. Како да ги пишувал тие визионерски и од денешен аспект утопистички редови еден Мартин Лутер Кинг, Мендела или нашиот Гоце Делчев. Но знаеме како се подоцна десакрализирани тие космополитски визии на Џеферсон и Линколн. За разликата, пак, на тој план меѓу Џеферсон, Линколн и Бајден треба ли да се зборува? Џеферсон и Линколн никогаш немаше како него да го поддржат и форсираат нацифашистичкиот геноциден Преспански договор, туку ќе ги заштитеа македонскиот идентитет и Македонците како онеправдан народ. Тие беа за мир, а не за војна и масакрирање на цели народи, почнувајќи од Виетнам па натаму. А еве што вели Рузвелт, еден од долгата плејада на американски воинствени претседатели. Вели: „Ниеден триумф на мирот не е толку величествен, колку што се тоа врвните триумфи на војната“. А за да ја дополниме американската цивилизациска слика како западен и светски хегемон ќе ја цитираме и ужасната изјава на Ален Далас , шеф на ЦИА за време на Студената војна меѓу капиталистичкиот Запад и европскиот социјалистички Исток: „Ние ќе го фрлиме сето злато на САД за да ги измамиме и направиме глупави луѓето од социјалистичкиот свет. Незабележливо ќе ги заменуваме човечките вредности со лажни. Простаклакот, наглоста, лагата и измамата, пијанството и наркоманијата, животинскиот страв среде луѓето, бесрамноста, поткажувањето и уште многу пороци што ги поседува човекот треба да се раздвижат. Сето тоа ќе го правиме под девизата ’Заштита на правата на човекот и на неговите граѓански слободи’“.
Перверзно и ужасно, но вистинито. Денес така функционира западната „демократија“ со нејзините стипендирани и платени подлизурковци, посебно за таа цел, во таканаречените финансирани од западни „невладини организации за изведување портокалови и шарени револуции на уривање системи, држави и народи што не ѝ се по волја на веќе сериозно канцерозната и умоболна цивилизација. Нејзиното психичко растројство и ариевска болест таа не само што ги проектира туку и директно ги наметнува во подрачјата над кои колонизаторски владее, уништувајќи ги притоа нивните митови и традиционални домородни култури. За тоа го цитиравме понапред Греам Грин со неговиот антрополошки патопис од Африка. Но не само жалната колонизирана Африка. Конкретно Европа, сега со седиште во Брисел и скриена зад божем хуманистичката маска ЕУ, тоа го прави и на нејзина почва. Конкретно на Балканот, темната митоманска крчма, како што го дефинира него Крлежа, но кој уште посаркастично од него ја дефинира и темната европска цивилизациска крчма на нејзиното варварство. Имам пишувано посебно и за тоа.

И што прави бриселска ЕУ со нејзините болни политумови. Тие, занесени во својата глупава политичка моќ, посегнаа и по Бог и неговата андрогинска концепција за неговите богообразни созданија во ликот на Адам и Ева, на мажот и жената како неменливи божји биолошки архетипови на човештвото. Арно ама западната цивилизација во тотално антрополошко растројство и негација на Бог, ставајќи се над него, како цивилизациско божество со болен ум го воведе трансродовиот концепт на повеќе од два рода, и конечно на избирање род по сопствена волја на секоја единка болна во болната цивилизација. Кон тој болен концепт на атрофирани биос и психа во Европа најсилен отпор има балканскиот homo sapiens, homo balcanicus. Но пристигна заканата од Брисел дека во име на новите „вредности“ на цивилизацијата мора да се разбие биолошки сѐ уште најздравото во Европа балканско ткиво, да се подложи истото тоа на антрополошко распаѓање, кое во неа, според Бодлер, е предизвикано од досадата како еден вид на болна меланхолија на западниот човек. А тој феномен, според него, е зачнат во аристократските салони од европската елита што ужива од натрупаните опљачкани богатства низ белосветските колонии на ариевската цивилизација. Тој тип на досадата-меланхолија Бодлер го има елаборирано во книгата песни во проза „Сплинот на Париз“. А што се однесува, пак, до неговата култна книга на модерната европска поезија „Цвеќињата на злото“, тој воленс/ноленс, можеби и несвесен за тоа, ја дал збито и едноставно формулацијата со дијагностички шмек на неговата цивилизација кон која тој покажувал посебен презир. А можеме да го замислиме него какво мислење би имал за неа денес. Најверојатно какво што имаме и јас и ти, драг читателу за неа. И Македонците, особено по нивниот идентитетски геноцид од неа!
(продолжува)