Проект на ученици од ООУ „В. Чернодрински“-Скопје по повод 90 години од раѓањето на писателот Петре М. Андреевски
- Членовите на клубот „Млади библиотекари“ дознаа многу интересни факти за авторот на „Дениција“, за неговиот живот, страста кон ликовната уметност и пишаниот збор и за универзалната љубов во која е содржана и онаа кон Македонија
„Ништо не е поприсутно од твоето отсуство“,/како ветер што шепоти твое име во ноќта./Ни детските шепоти,/што сега само ехото ги чува,/солзите од дождовите,/што паѓаат како недоискажани зборови…“
Ова се почетните стихови на песната „Пепел и сенки“ што ја напиша ученикот во деветто одделение во ООУ „В. Чернодрински“-Скопје, Масимо Ерби, која ја создаде како дел од проектот „Водопад меѓу две раце“, кој во ова училиште го реализираше Дијана Петкова, стручна соработничка/библиотекарка.
Всушност, „Водопад меѓу две раце“ е инспириран од поетската збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски и наедно претставува чествување на деведесетгодишнината од неговото раѓање.
Изработен е во учебната 2024/2025 од членовите на клубот „Млади библиотекари“ во библиотеката на ООУ „Војдан Чернодрински“-Скопје: Масимо Ерби, Евгенија Петрова, Елена Антовска, Софија Стојмановска, Ана Лазарова, Калина Ивковска, Ана Стојмановска, Каја Митевска, Калиа Николовска, Калина Величковска, Ивана Мијалчева, Викторија Филева, Мила Булатовиќ, Тамара Трајковска, Гала Булатовиќ, Катја Јотевска, Марија Ивановска, Христина Димовска, Илеана Божиноска, под менторство на Дијана Петкова.
Преку учеството во дваесет работилници, посета на предавање кај проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска, експерт и најдобар познавач на творештвото на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, присуство на чествување во КИЦ организирано од проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска и асс. Иван Антоновски и запознавање со Сергеј Андреевски – реномиран македонски сликар и син на Петре М. Андреевски, членовите на клубот „Млади библиотекари“ дознаа многу интересни факти за авторот на „Дениција“, за неговиот живот, страста кон ликовната уметност и пишаниот збор и универзалната љубов во која е содржана и онаа кон Македонија.
Песните во збирката „Водопад меѓу две раце“ се пресоздавање на песните за Дениција од истоимената збирка на Петре М. Андреевски, преку користење на техниките затемнување на околниот текст, книжевен колаж и пишување писмо до сакана личност. Збирката е поделена на три циклуса: Капе светлина, Светлосни преѓи/Постојана убавина и Писмо дo сакана личност.
Во првиот циклус насловен Капе светлина, користена е техниката затемнување на околниот текст, во вториот циклус Светлосни преѓи/Постојана убавина песните се создадени со техниката книжевен колаж, а во третиот циклус Писмо дo сакана личност најпрвин работевме со техниката пишување писмо до себеси, а потоа секој напиша писмо до сакана личност. Корица за книгата, која би требало да биде отпечатена до крајот на учебната година, изработи Калиа Николовска од 9-а одделение.
Во продолжение можете да прочитате дел од создадените творби на учениците. М.Т.
ПЕПЕЛ И СЕНКИ
„Ништо не е поприсутно
од твоето отсуство“,
како ветер што шепоти
твое име во ноќта.
Ни детските шепоти,
што сега само ехото ги чува,
солзите од дождовите,
што паѓаат како недоискажани
зборови.
Ни воздушните патишта,
испишани со замаглени спомени
ни она што добива форма,
само за да исчезне во сенките.
Ни мојот слух
што очајно го бара твојот глас
ни родилните маки
што ја носат тежината на твоето молчење.
Ни разгорениот пожар,
чие срце сè уште гори за тебе,
додека бега од сенката
што излегува од небото.
Меѓу твоите два припека,
каде што некогаш љубовта
се одмораше
ни змијата, што ги носи нашите тајни
ни снежните наметки,
што покриваат заборавени чекори.
Ни пламенот што надоаѓа,
како есенска магла
меѓу тишината и копнежот
ни љубовта и омразата,
што танцуваат како сенки
во темнината.
Ништо не е повидливо,
ништо не е повидливо
од твојата тага-
пред мене и зад мене,
со мене и во мене.
Масимо Ерби, 9-в одделение
ПРЕД ЗРАКОТ
Ти беше сè што
моето минато чува низ
тие летни ветрови што навечер
се криеја
како возбудлива неволја
што на врвот трепери
знаејќи дека, секогаш,
пред зракот е мракот.
Ана Лазарова, 9-б одделение
БЕЗ СЕБЕ
Една година јас без тебе!
Телото не ме прифаќа
живеам со бестелесна тежина.
Те оживувам од сите слики,
нигде те немам.
Во нашето растојание ги гледам
причините за сите војни.
Со тебе легнувам
без тебе се будам и
се враќам кај тебе
само со твоите писма…
Една година празен,
една година оставен,
ти без мене, а јас…
Јас без себе.
Гала Булатовиќ, 9-1 одделение
ОТСУСТВО
Твоето отсуство
во сеидбите на дождовите
од крајпатните меанчиња
добива форма само во мојот слух.
Мојот разгорен пожар
што слегува од небото
ми остана меѓу твоите раце.
Змијата што надоаѓа
во низата од љубовта
меѓу клучот и катанецот
не е пред мене ни зад мене,
со мене и во мене е.
Викторија Филева, 9-а одделение
ТРЕПЕРЕЊЕ
Во твоите предници
ти трепериш.
Твојот збор можат да го чујат сите.
Влези-излези
гаснеш секаде…
и во мене изветруваш.
Ќе остане
најцелосниот душман
од моето тело, зашто
ја гаѓаш само мојата душа.
Мила Булатовиќ, 9-а одделение
ПРВИОТ ПЛАМЕН
Во тебе бев заљубен
од првиот дожд што се
успа на небо
пред првиот пламен
на земјата
пред првите шуми
пред првиот мирис
на болката.
Во тебе бев заљубен
пред првото врапче
и јарето
да ме нападнат
пред првиот збор
што го изговори
твојата уста,
за да преживее несреќи
што беа и мои и негови.
Тамара Трајковска, 9-а одделение
ТУЃО ЛИЦЕ
Навечер,
мојот сон порачува
туѓо лице,
губам сè во ноќта.
Небото зборува,
за да го збогатува воздухот,
а ти?
Катја Јотевска, 6-б одделение
РАДОСТ НА ИДНИНАТА
Кога се враќам кај тебе,
живеам.
Те здогледувам
по патот кај што врвам
меѓу нашето растојание.
Мојата нежност ме открива
моето тело и мојата душа
секаде ќе те прочујат,
тебе-радост на иднината.
Со твоето име
секој говор ми почнува.
Месечината се празни
и веќе почнувам
да се бранам од себеси,
како на јуриш
со бестелесна тежина
трчкам по тебе,
жива те оживувам
и тогаш
ги гледам
причините за сите војни.
Илеана Божиноска, 7-б одделение