Стокхолмски синдром

Тргнаа предизборните карвани на партиите во уште една нова мисија да ги убедат граѓаните да ја одберат нивната понуда за советници и градоначалници, да им ветат решавање на проблемите, подобра иднина, европска Македонија, во меѓувреме да им поделат понекој тефтер, пенкалце, маичка, можеби и локум, и потоа да го чекаат денот на изборите напикани по локалните изборни штабови.
Експресно осамнаа и билбордите со партиските кандидати, сите пицнати како за на матурско табло, зачешлани, напудрени, решителност им извира од очите небаре ќе ги решат сите светски проблеми, сето тоа проследено со слоган во кој чиниш се собрала сета космичка мудрост. Ако на тоа се придодадат и спотовите што ќе се вртат низ медиумите на секои две-три минути, тогаш јака му душа на овој народ што сѐ ќе треба да истрпи во следниот период. И сето тоа се плаќа од народни пари или ние си ја плаќаме сопствената тортура. Како Стокхолмски синдром ми изгледа ова…
И како што реков, ќе треба да се истрпи кампањата, која, рака на срце, не започна завчера, туку се одвива уште од летоска. А богами, како што почна, ќе треба многу да истрпи, од орли до загари, преку Русија до Кина, од ЕУ до Америка…
Како и да е, сета оваа одбивност кон изборните кампањи е резултат на досегашниот однос на партиите кон предизборниот процес. Имено, во сите овие три и кусур децении независност и плурализам во државата, ниту една партија не се сврте самата кон себе. Ќе направат изборни програми, ќе истакнат кандидати, но сето тоа ќе го стават настрана и фокусот на кампањата ќе го насочат кон противкандидатите и политичките опоненти. Имено, ќе зборуваат колку не било добро порано или колку не е добро сега, колку немало демократија, па имало режим, немало правична застапеност, немало европски курс туку застранување во некои други насоки, немало чист воздух, имало пожари, хибридни закани, туѓи влијанија, нефункционално судство, корупција, ист муабет 30 години. Можеби ова со хибридниве закани го немаше порано оти стана популарно во последно време, хибридни мотори, хибридни семиња, хибридни бракови, па зошто не и хибридни закани. Ако не можеш нешто да објасниш, стави хибридно, па друг нека му ја мисли што значи тоа.
Значи, да беа работите нормални, партиите одамна ќе сфатеа дека тие се во служба на граѓаните, а не обратно. Затоа клучно е секоја македонска партија (притоа мислам и на партиите што имаат албански и друг етнички предзнак во името, оти во суштина тие се македонски) да почне во изборните кампањи да се претставува себеси во најдоброто светло. Што значи тоа во пракса? Значи да се подготви сериозна изборна програма и да се номинираат кандидати што ќе ја реализираат таа програма. Излегуваш пред граѓаните на собир и им кажуваш јас сум тој и тој од оваа партија, имам неколку проекти што сметам дека значително ќе ви го подобрат животот и имам финансиска конструкција и реални рокови како сето да го реализирам тоа. Толку треба, не треба ништо друго понатаму. Не треба да се зборува за противкандидатот, народот сам ќе си цени колку некој е добар. Озборувачи и алапачи не сака никој. На тој начин ќе се дојде до решение за сметот, за загадувањето, за уличното осветлување, за паркирањето, за водоводите и канализациите, за она што реално им е потребно на граѓаните. Дури, кандидатите можат да прифатат проекти и од оние што нема да ја добијат довербата на граѓаните, а кои се во интерес на заедницата. Тука на треба да има суети, туку само решителност да им се излезе во пресрет на граѓанските потреби.

Со таквиот пристап и самите партии конечно ќе почнат демократски да созреваат, да ги надминуваат детските болести, кои одамна требаше да ги надминат, но очигледно власта ги заслепува сите, па овие „болести“ уште ни се провлекуваат и, како што тргнала работата, ќе ги болуваме и на средни години.
Но за да се случи тоа, потребна е демократизација на партиите, односно тие да престанат да бидат султан-партии, туку да бидат субјекти што на граѓаните ќе им го нудат најдоброто од своите редови. Тоа гарантира силни индивидуалци што ќе работат да се докажат пред оние што им ја дале довербата, односно пред граѓаните, наместо отчетот да го даваат пред партискиот лидер. Способноста на кандидатите да ги спроведуваат проектите што ги ветиле всушност го билдаат и рејтингот на партијата што ги номинирала, па така, ако тие се докажат локално, нема зошто партијата да не ја ужива довербата и на парламентарните избори, бидејќи била доследна на она што го ветува пред граѓаните и нуди добар тим.
Да постоеше таков пристап претходно, тогаш оние што своевремено ветуваа дека нема да го менуваат името на државата „додека го дишат овој македонски воздух“, немаше никогаш да го направат спротивното, бидејќи тоа не им го ветиле на граѓаните, но кога ќе ја изиграат граѓанската доверба, нема враќање назад, одат само надолу и надолу.
Како и да е, овие три недели ќе се издржат некако, ќе се изнаслушаме сешто, но најважно од сѐ е партиите да сфатат дека македонските граѓани не се истите оние од пред четири, четиринаесет или 34 години. Видоа многу ветувања, доживеаја многу разочарувања, но повеќе никој нема да ги лаже. Ако го барате гласот на народот, тогаш тоа треба да се заслужи, да се заслужи со дела што ќе значат подобар живот на истите тие граѓани што толку ви се важни, но треба да останат важни постојано, а не само на денот на изборите. Ова е порака до сите партии, слушајте го народот, работете за народот, оти работејќи сами за себе, денес сте, утре ќе ве нема. Така ќе одлучи народот, а тој никогаш не греши!