Управувањето со културното наследство и туристичкиот потенцијал

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгите од Никола Ристевски, магистер по маркетинг -менаџмент, публицист и продуцент

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

М-р Никола Ристевски

Од кога човекот живеел во Македонија? Присуството на локалитетите, потврдени во официјалната археолошка карта, сведочи дека луѓето на територијата на денешна Република Македонија живееле уште од памтивек – во далечниот палеолит. Користеле орудија, имале живеалишта, а веројатно и многу помалку војни и немир отколку денешната човечка раса. И покрај привидната прогресивност на сегашната цивилизација и навидум напредните научни истражувања, не можеме да имаме јасен увид во тоа колку души живееле на овие простори во тие илјадници години. Малкуте вредни и значајни научни написи се доволни за да се воодушевиме од тоа колку времето може да биде непоимливо за нашиот современ ум. Видот на човечкиот род, начинот на живот, нивото на свест – исто така, доволно дамнешни за да не умееме да ги поимаме, оти немаме поим за тоа дали и колку, а и на каков начин, биле или не – понапредни или позаостанати од денешните луѓе. Научните записи остануваат за да предизвикаат понатамошно истражување и откривање на овие древни култури. Она што изненадува и предизвикува се слоевите на различни цивилизации што живееле на територијата на денешна Република Македонија, која чува скриени докази за секој возможен период во науката. Бројот на археолошки локалитети што се запишани во официјалната карта сведочи за територијата на која во тие илјадници години некои, некакви луѓе – живееле. Дали биле среќни? Веројатно.

Потребата да се презентира – претстави и прикаже културното наследство е повеќе од доволна причина за да се обидеме да започнеме од ново, како со заштитата така и со промовирањето и целосното управување со културното наследство преку современ менаџмент и маркетинг на туристичкиот потенцијал. Можноста за развој на посебна туристичка програма преку понуда што би опфатила повеќе локалитети од илјадници години во минатото, а се наоѓаат во непосредна близина, предизвикува започнување огромен потфат, преку кој идните посетители ќе можат да имаат увид во сите цивилизациски слоеви на овој простор. Oткривањето на различните ери и епохи од минатото на Република Македонија е толку сложен процес, што иако сме мала земја, многу е тешко детално да се откријат десетици локалитети од различни цивилизациски слоеви наеднаш. Она што ја чува надежта за такво нешто во блиска иднина е непроценливото културно богатство што го крие оваа земја и можноста за презентирање на наоѓалишта буквално од секој дел од историјата, со што би можеле да прераснеме во вистински центар на денешната човечка цивилизација. Колку и да звучи утописки и да изгледа невозможно, развојот на управувањето со културното наследство е една од гранките на кои современите раководители со македонската економија допрва ќе треба да поработат. Сложеноста на таквиот потфат, секако, би била охрабрена од најголемите меѓународни научни институции, а и волонтерски помогната од локалното население. Помошта од повеќето институции на државата, надлежни за сериозно, делумно инвазивно и целосно стручно научно истражување, нема да изостане. Она што треба да се направи е да се пристапи кон ова решение за иднината на туризмот во неколку региони во републиката на ниво соодветно со управувањето со културното наследство во другите земји. Економските ресурси со кои располагаме, во партнерство со научната фела, ќе бидат доволни за да не зависиме од други држави, па наместо сами да им покажуваме колку сме неуки, да ja возобновиме македонската наука, која потпомогната од економијата, интересот на туристите и волјата на Македонците, ќе биде извор од кој целиот свет допрва ќе учи за големината на Македонија.

продолжува

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)