Аркан Керим - Фото: Приватна архива

ИНТЕРВЈУ СО АРКАН КЕРИМ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ТУРИСТИЧКО-УГОСТИТЕЛСКАТА КОМОРА ПРИ СОЈУЗОТ НА СТОПАНСКИ КОМОРИ НА МАКЕДОНИЈА

  • Аркан Керим потенцира дека во ТУК при ССКМ ја користат секоја можност за да ја промовираат Македонија низ светот и да ја претстават во најдобро светло пред тамошните туристички организации и агенции, пред медиумите и многубројните потенцијални туристи, но макотрпен е патот во остварувањето на целта на ТУК при ССКМ, која сѐ уште е далеку – Македонија годишно од туризмот да има прилив од една милијарда евра
  • Кога би ги собрале грубо проектираниве средства што Македонија би ги наплатила, по основа на даночната стапка на имателите на становите и по основа на туристичката такса за гостите, од престојот на неевидентираните гости во приватните поседи, би добиле вкупна сума од најмалку три милиони евра прилив во државниот буџет, што не е за потценување, посочува Аркан Керим во разговор за „Нова Македонија“ по повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември

Живко Здравкоски

По повод Светскиот ден на туризмот – 27 септември, разговараме со Аркан Керим, кој втор мандат е претседател на Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ). Три и пол години е потпретседател на ССКМ – одговорен за меѓународна соработка. Овој, со децении, угледен туристички работник, е сопственик на туристичка агенција и на хотел. Мошне истакнат и заслужен амбасадор на македонскиот туризам во светот – Керим директно ги промовирал туристичките убавини и потенцијали на Македонија пред многу новинари во повеќе од триесет земји низ светот.

Преку истражување на достапни статистики од МАКСТАТ, базата на податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), во 12 од последните 14 години, гостите од Турција се најмногубројни странски туристи во Македонија. Од 31.706 ноќевања на туристи од Турција во 2008 г., бројот нарасна за 12 пати и достигна 400.251 ноќевања лани. Токму лани посетителите од Турција беа убедливо најзастапени од странските туристи, според бројот (284.406) и учеството (34,2 отсто) во вкупниот процент. Скромниот Керим не зборува за својот придонес во енормно зголемениот број на туристи од Турција и бројот на нивните ноќевања во Македонија последниве три години. Но доволен е фактот што лани, само во јули, тој имаше 35 репортажи и интервјуа за угледни турски медиуми, каде што ги покани турските граѓани да ги посетат Скопје и Македонија во што поголем број. Годинава, во Истанбул, во присуство на најпознатите естрадни имиња од турската естрада и 60 медиумски куќи, на Керим му беше доделена специјална награда од „Јуроп авордс“ за туристички амбасадор на туризмот на Скопје и Македонија во Турција. Како дополнување на овие факти, Керим само нагласува дека во ТУК при ССКМ континуирано, од 2007 година, работат на промоција на Македонија како дел од Балканот и сиот тој труд во изминативе 18 години резултира со сѐ поголем број турски гости во Македонија.

Почнувајќи од 2024 година и продолжувајќи во првите седум месеци од годинава, туристите сѐ повеќе ја посетуваат Македонија.
– Верувам дека 2025 година ќе биде рекордна во многу од категориите што ги споменавте. Годинава има наплив на туристи, што нѐ радува. Овие рекордни бројки од лани и годинава можат и неколкукратно да се зголемат, ако во целата статистика почнат, како што тоа прецизно се води во други земји, да се евидентираат и туристите од три други категории. Едната категорија се туристите што престојуваат во приватните домови, а кои досега не се евидентираат, што нанесува штета на буџетот на државата. Второ, нема евиденција на т.н. казино-туристи, пред сѐ од Косово и Грција, кои доаѓаат за да играат по казината низ Македонија, а неофицијално се проценува дека ги има околу два милиони годишно. Трето, се претпоставува дека годишно има од пет до шест милиони т.н. транзит-туристи. Ако во Македонија се воведат такви контроли и евиденции, а имаме капацитет да ги обмислиме и примениме, тоа позитивно ќе се одрази на многу полиња, ќе го зголеми приливот на пари од (дел од) ваквите три категории туристи, а за минимум 50 отсто би се зголемиле рекордниве бројки на доаѓања и ноќевања на туристите, над сѐ странските – нагласува Аркан Керим.

Нашиот соговорник додава дека, според некои процени, во Македонија годишно доаѓаат повеќе од половина милион туристи (пред сѐ странски), кои преку двете водечки светски туристички платформи „Ер-би-ен-би“ и „Букинг“ престојуваат во приватни домови кај нас.
– Но приватните иматели на тие домови, за кои се претпоставува дека најчесто наплаќаат износ помеѓу 30 и 40 евра на ден по објект, не ги пријавуваат ваквите гости кај надлежните. Така, ем сопствениците на овие објекти не ѝ плаќаат данок на државава ем туристите – кои се нивни гости – не плаќаат туристичка такса од 40 денари дневно. Кога би ги собрале грубо проектираниве средства што државата би ги наплатила, по основа на даночната стапка на имателите на становите и по основа на туристичката такса за гостите, од престојот на неевидентираните гости во приватните поседи, би добиле вкупна сума од најмалку три милиони евра прилив во државниот буџет, што не е за потценување – посочува Керим.

Според претседателот на ТУК при ССКМ, некои настани годинава требаше подобро да се изрекламираат, за што како еден од примерите го посочува и Европскиот младински олимписки фестивал одржан во Скопје и Куманово, за кој прочитал дека имало околу шест илјади учесници. Како неповолност го нотира и тоа што неодамна, додека во општината Илинден (12-14 септември) се одржуваше традиционалниот трет меѓународен фудбалски турнир за деца „Илинден куп 2025“ со учество на повеќе од илјада фудбалери (беа и повеќе од 500 нивни блиски), се случи големиот пожар во близината – во Трубарево.

Керим потенцира дека во ТУК при ССКМ ја користат секоја можност за да ја промовираат Македонија низ светот и да ја претстават во најдобро светло пред тамошните туристички организации и агенции, пред медиумите и многубројните потенцијални туристи.
– И самите креираме такви можности, што сметаме дека успешно го чиниме. Неодамна направивме прекрасен видеоспот за убавините на Македонија, кој на водечките два туристички портала во Турција („Туризм актуел“ и „Јени Балкан“) за десетина дена имаше околу 250.000 прегледи, а во него ги повикуваме турските туристи да ја посетат Македонија. Турција е втората најголема земја во Европа со близу 88 милиони жители, една е од петте водечки земји во светот по туризмот, не е случајно што последниве години оттаму доаѓаат најголемиот број и процент на странски туристи што ја посетуваат Македонија. Според Керим, макотрпен е патот во остварувањето на целта, која сѐ уште е далеку, на ТУК при ССКМ – Македонија годишно од туризмот да има прилив од една милијарда евра.
– Треба многу работа, во секој сегмент од туризмот и угостителството, на сите надлежни чинители во Македонија, за целосно да ги искористиме нашите многубројни и разновидни убавини. Помеѓу другото, треба многу подобро да ги користиме достапните придобивки од сферата на дигиталниот туризам, вклучително и од вештачката интелигенција, кои, за разлика од кај нас, масовно се користат во светот. Потребно е повторно да се рекламираме на „Си-ен-ен“ и „Евроспорт“, но и да почнеме со реклами на социјални мрежи (Фејсбук, Инстаграм, Тикток, Икс…). Да обмислиме, да изградиме и да примениме десетгодишна стратегија за развој на нашиот туризам. Да бараме нови пазари, да анимираме странски туристички организации и оператори, да привлечеме повеќе туристи од други земји, пред сѐ од Балканот… Откако ќе заврши целосната изградба на автопатот Скопје–Охрид, може да се удвои бројот на туристи што ќе доаѓаат и кон Охрид и кон Скопје. Имено, поради изградбата на автопатот, на неколку места има и застои, се прават повеќе паузи, па посетителите, наместо два, понекогаш, патуваат и четири часа. За разлика од некои од претходните години, годинава немаме проблем со одлив на работен кадар во туризмот и угостителството – оценува Аркан Керим во ова интервју за „Нова Македонија“.


Голема шанса е проектот „Скопје – европска престолнина на културата“

Сметам дека треба многу повеќе да се работи за да ја искористиме големата шанса за промоција на Македонија со историскиот проект „Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година“ и притоа да постигнеме одличен резултат не само во организација и во реализација на проектов туку и со, се надевам дека е достижна, бројка од близу два милиона туристи што посакуваме да го посетат Скопје во 2028 година, нагласува Аркан Керим. Ж.З.


Туризмот и угостителството учествуваат со 7,4 проценти во вкупниот БДП

Радува податокот, до кој е дојдено во едно темелно истражување, дека туризмот и угостителството учествуваат со 7,4 проценти во вкупниот бруто-домашен производ (БДП), што е повеќе од учеството на земјоделството во вкупниот БДП (7,1 процент), ако се има предвид дека Македонија важи за земјоделска земја. Но ние се стремиме процентов на учеството на туризмот и угостителството во вкупниот БДП да нарасне до околу 15 проценти, за што сметаме дека во Македонија има капацитет да се постигне, открива Аркан Керим. Ж.З.


Големи проблеми му наштетуваат на туризмот во Македонија

Туристичките работници се соочуваат со големи проблеми што му наштетуваат на туризмот во Македонија. Сите ние надлежните субјекти целосно треба да си ги извршуваме задачите за да биде сѐ како што треба. Tреба да се отстранат, или барем намалат, голем број аномалии. Видлива е голема нечистотија во некои градови, особено во Скопје, а пред сѐ на неколку места во строгиот Центар (кај Камени мост, просторот близу старата скопска чаршија, градскиот плоштад…), кои се едни од главните симболи на Скопје. Недоволната чистота на многу јавни места особено е присутна на некои булевари и улици. Нехигиена има и по патиштата. Сѐ повеќе се шири непријатен мирис од некои депонии. Недостигаат добра инфраструктура и подобри патишта, иако засилено се гради. Зачестија и пожарите. Болка е и аерозагаденоста во некои градови. Овие и други недостатоци веќе негативно влијаат, а можно е од в година сѐ повеќе да влијаат врз бројот и ноќевањата на потенцијалните туристи, кои сакаат да ја посетат прекрасната Македонија и да уживаат во нејзините убавини. Кога ќе ти дојде гостин, а во домот ти е нечисто, се чувствуваш непријатно. Истото важи и за туризмот. Ж.З.