Љубомир Јованоски
Кога ќе се спомне демократија, устата е полна со вредности. Достапни човечки права, слобода, слободен израз на мисли, владеење на народот, владеење на правото, регулирани односи и темелни правила во економијата, благосостојба. Но има нешто што сѐ почесто отскокнува од суштината и правилата на секојдневието. На пример, од каде толкаво количество насобрано глобално незадоволство на мнозинството изразено преку јавни собири и штрајкови, кога сѐ е подредено за добросостојба на сите во заедницата? Зошто толку изразен гнев против економско-социјалните политики на владејачките гарнитури избрани од електоратот? Се спомнуваат шпекулативно трупање пари, манипулација со измислени и во реалноста активни парични трансакции, опаѓање на квалитетот на понудите, вечна борба против мафиите и корупцијата, даночни раеви (затајувања даноци) за прикривање сомнителни износи, сѐ поголем број сиромашни, речиси исчезната средна класа и ограничен број милијардери што прават пари преку систем на илузии корисни само за нивните амбари. Туку не, тие не ги забораваат бедните. Им потфрлаат на разни начини на претпоставено ограбените. И што е уште поважно, имаме сѐ позачестени воени интервенции, страдања и закани од ескалации што може да го загрозат планетарниот живот, енормен раст на воените издатоци, сомнителни здравствени понуди и принуди. Се чини дека сме сѐ помалку пациенти, а се повеќе муштерии.
Многумина сигурно ќе влезат во одбрана на вредностите на демократијата, па ќе кажат дека таа е принудена да се брани од агресивните постапки на авторитарните системи што ги загрозуваат нејзините вредности иако и тие постојано се повикуваат на неа. Ако е така, таа нијансирано се прелева и се претвора во нешто слично на монструмот со кој се бори. Нејзините варијации внатре во општествено-политичките системи принудно ја мутираат нејзината структура иако „цврсто“ стојат зад нејзините вистински вредности. Вечната пресметка помеѓу инфлацијата и растот на платите и пензиите личи на стрелање во подвижна цел. Не е некој ум ако се побара цените да не растат, а трудот да биде достоинствено награден. Секако дека тоа е уште една голема илузија, сон на обесправените. Ако кажеме дека демократијата е процес како и секој друг што се инсталира во општеството, тогаш зошто не се покажа трпеливост ниту кон процесот на социјализмот – комунизмот кој во себе имаше потреба да опстои со демократски содржини и вредности? Нели и тој нудеше кули и дворови? Ама кој ќе се занимава со дополнителни анализи кога тие процеси се веќе умрени? Важно е дека демократијата нуди мед и млеко.
Што има поразлично во неа од она во тоталитарните режими? Тешко е да се одговори, но се чини дека разликата е во тоа што тоталитарните системи не ја препознаваат анархијата иако се чини дека таа е нивниот сопатник. Од друга страна, анархијата е Дамоклов меч за демократијата. Опасно е доколку општествените процеси масовно тргнат да ја скокнат тенката црвена линија што ја прави поразлична од анархијата.
Не е јасно ниту логично зошто ѝ се на демократијата средства за принуда? Сѐ повеќе светската полициска структура личи на киборг-дивизија што застрашува со самото појавување на улиците и во демократските и во недемократските држави. Што прави армијата? Се подготвува да ги брани границите на демократските општества од намерите на тоталитарните водачи? Или можеби да ги вразумува непослушните? Денес работите целосно се измешаа, па не се знае кој на која страна е и што е преку политичките методи на дејствување.
Се зборува за апсолутно најголем трансфер на капитал меѓу генерациите. Се зборува и за тоа дека младите што ќе наследат од постарите илјадници милијарди долари или евра како генерација икс, ипсилон или зед, сеедно, не знаат на што ќе ги трошат тие огромни парични средства. Освен тоа, се тврди дека во демократските системи натрупаните пари се во поголем дел плод на капиталот и игрите на пазарите на капитал, а помал дел од реалните активности во економијата. Голем број способни се многу сиромашни. Од устата на еден пријател Ром, кој долго време работел во Германија, а дома се врати како инвалид, слушнав една мисла. Човекот не се растегнуваше од работа, па кога ќе го предупредевме дека е мрзелив, велеше дека од работа се печалат само „грбле“ и губење здравје. Како да беше научил од животот дека определени методи во сивата економија носат приходи што тешко можат да се остварат со чесен пристап кон обврските. А во демократијата, за жал, сивата економија и коруптивните процеси како да станаа нејзино секојдневие, нејзин неизбежен приврзок. Можеби само овде, на Балканот. Не сакам да помислам дека станува збор за една од најзначајните увезени вредности.
Гледано од аспект на денешницата, демократијата како да го губи својот сјај по векови минати на општествено-политичката сцена. Во нејзиниот трезор како да се испомешаа многу нешта што ја правеа многу поразлична од автократијата. Искрено, сега дури е многу тешко да се прави разлика бидејќи параметрите што го исцртуваа нејзиниот карактер како да посегнаа по оние на омразениот систем. Некако како да се накалемија невообичаени појави и правила што ја сочинуваа нејзината општествена системска надградба. Едноставно, некој како да ги загрози нејзините пропагирани вредности или, со прости зборови кажано, како да ја изопачи до мера на непрепознатливост. Како за пример, треба да се внимава на изречениот збор оти сега постои и санкција што се занимава со тежината на неговата содржина. Да, во демократијата, секако. Има и безброј закони. Сите се колнат во неа, ретко кој се потпира врз нејзините вистински вредности. Од најголемите држави до најмалите.
Дури и оние таканаречени тоталитарни режими што под притисокот на погрешните политики почнаа да се менуваат и да ја прифаќаат. Најповеќе им одговараат и најатрактивни се нејзините аномалии. Оти тие се најпосакувани за секој што живеел во тоталитаризам и сега е „пуштен“ на слобода, а дадено му е правото да избира.
Како и да е, светот е на голема пресвртница. Бранителите на демократијата сѐ почесто посегнуваат по недемократски постапки и по неочекувани но неопходно потребни „социјалистички“ методи за да се заштитат себеси и својата досега недопирлива позиција. На тој начин ги менуваат досега поставените правила на економскиот просперитет како врвна цел на едно демократско општество. Преостанатите, кои само што „прогледале“ или стапнале на прагот на демократијата, поведени од искуствата на демократските општества, внимателно играат на картата и вака и така барајќи го сопствениот пат за развој.
Од Стара Грција до денес, основите на демократијата постојано се надградувале. Како и да ги приемаме облиците на системот во кој народот владее со општеството, никој од елитите или општествено-политичките структури, капиталистите или олигархијата, па дури никој од познатите мислители, се чини како да не бил доволно упорен да укаже на потребата за неопходно подигање на свеста и свесноста. Тоа се основни постулати на демократијата. Оти сѐ било, е и ќе биде попусто доколку нема свест, без разлика во кој и каков систем живееме.
Авторот е писател