Интересни пијалаци за топлите денови
Одри Хепберн во романтичната комедија „Појадок кај Тифани“, Том Круз во романтичната драма „Коктел“ од Роџер Доналдсон, Сара Џесика Паркер во ТВ -серијата „Сексот и градот“… Ова е само краток список на познати актери и актерки што ги „засилиле“ своите сцени низ историјата со воведување интересни пијалаци со светли бои во кадарот. Благодарение на нив, коктелите станаа уште попопуларни, а нивна главна сезона е жешкото лето. Со чаша коктел во раката и неговиот сладок вкус во устата, многу луѓе се чувствуваат поинаку, поважно, поелегантно.
Најзаслужни за изгледот на коктелите се Џери Томас, кој во 1863 година прв објавил прирачник за мешани пијалаци, и Хари Џонсон, кој во 1868 година ја објавил својата прва книга „Миксологија“. За филмско сценарио дома, сончање покрај базен или за романтична вечера на отворено, издвојуваме неколку рецепти за коктели што не се комплицирани и чии состојки се лесно достапни.
Мохито
Состојки: сок од половина лимета, 8–9 листа нане, 2 лажичиња шеќер, 50 мл бел рум, 1 дл сода вода или минерална вода, многу мраз, исечен на коцки или згмечен, лимета и нане за декорација.
Ставете ги сите состојки освен нането во шејкер, промешајте и процедете во голема чаша. Потоа додајте нане и парче лимета.
Маргарита
Состојки: 3 чаши текила, 2 чаши сок од лимета, 1 чаша обичен сируп, 1 лажица ликер од портокал, 2 лажици сол и/или шеќер, лимета.
Измешајте ги сите состојки освен лиметата и солта и/или шеќерот во шејкер. Накапете сок од лимон околу работ на чашата за да помогнете шеќерот или солта да се залепат на врвот од кругот. Истурете го коктелот и украсете ја чашата со парче лимета.
Маи таи
Состојки: 50 мл сребрен рум, 20 мл темен рум, 20 мл свежо исцеден сок од портокал, 20 мл свеж сок од ананас, околу 20 мл сируп од бадеми, мелен мраз.
Протресете ги сите состојки во шејкер и процедете во чаша со мраз.
Огнен бакнеж
Состојки: 1/3 вотка, 2/3 сируп од цреши, неколку цреши претходно потопени во мараскино.
Во шејкер ставете неколку коцки мраз, вотката и сокот од цреши, добро измешајте и истурете во чаши за коктел со додавање неколку мараскино-цреши.
Чаша за двајца
Состојки: 9/10 мастика, 1/10 сируп од калинка, малку горчлив сок, мраз.
Додајте ги сите состојки во шејкер со мраз, добро измешајте и истурете во чаши за коктел.
Афродита
Состојки: 3/4 вотка, 1/4 бел вермут, малку перно, неколку парчиња мандарина.
Внимателно промешајте го коктелот и сипете го во високи чаши. Декорирајте со парчиња мандарина на пластични чепкалки за заби.
Небесна ноќ
Состојки: 1/2 вино марсала, 1/4 коњак, 1/4 сок од портокал, шампањ.
Сипете ги марсалата, коњакот и сокот од портокал во длабока чаша со мраз, добро измешајте и на крајот додајте го шампањот. Сервирајте го овој коктел со печени лешници.
