Војната во Косово беше вовед за Украина и лабораторија за примена на стратегии за промена на режими

Паралела помеѓу двата воени конфликта од страна на пензионираниот полковник на армијата на САД, Даглас Мекгрегор

Американската воена помош за Украина се намалува и европските земји немаат ресурси или јавна поддршка за да ја продолжат таа војна долго време, изјави пензионираниот полковник на американската армија и поранешен советник во Пентагон, Даглас Мекгрегор, во интервју за белградска „Политика“. Тој тврди дека конфликтот во Косово во 1999 година бил вовед за војната во Украина, посочувајќи дека многу високи европски офицери приватно се спротивставиле на бомбардирањето на Србија.

Мекгрегор верува дека крајот на војната на истокот од Европа е на повидок по неодамнешната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска.
– Руското оружје преовлада. Од воена гледна точка, позицијата на Украина е безнадежна – смета Мекгрегор.

Зборувајќи за тоа каква форма би можел да има потенцијалниот мировен договор, бидејќи Русија ги вклучи Луганск, Донецк, Запорожје и Херсон во Уставот, иако сè уште не добила целосна контрола врз тие области, Мекгрегор изјави дека тие територии сега се дел од Русија и дека земјите од НАТО немаат ниту волја ниту способност да ја променат таа реалност.

Тој додаде дека власта во Украина не е сигурен преговарачки партнер за Русија и дека Москва, со оглед на однесувањето на сегашните влади на САД, Велика Британија, Франција и Германија, не може да очекува одржлив мировен договор заснован на договор.

Според неговата процена, веројатно ќе има политички промени на владите во Лондон, Париз и во Берлин и на власт веројатно ќе дојдат националистички настроени влади што нема да имаат интерес да продолжат со непријателството кон Русија. Зборувајќи за последиците од војната за Западот, Мекгрегор истакнува дека НАТО „тивко се распаѓа“ и дека европските земји ќе дојдат до заклучок дека мора да се бранат.
– Вашингтон мора да се фокусира на настаните во рамките на своите граници и на западната хемисфера. Американскиот народ сè повеќе бара промена во водењето на надворешната и одбранбената политика на САД – рече Мекгрегор во едно свое интервју.

Одговарајќи на прашањето за фактот дека бил учесник во воената интервенција на НАТО во СР Југославија во 1999 година, а подоцна изјавил дека бомбардирањето било грешка, Мекгрегор наведува оти Косово „е чекор во стратегијата на Вашингтон да го отстрани Слободан Милошевиќ од власт и да ја претвори Србија во сателит на НАТО“.
– Тоа беше вовед за поголемата драма што ќе се случи во Украина по 2014 година. Според мене, воздушната кампања беше и непотребна и погрешна. Добро бев запознаен со историјата на регионот, а особено на Србија, но сите ги игнорираа моите аргументи. Вашингтон беше желен да употреби сила – рече Мекгрегор.

Тој додаде дека еден од членовите на администрацијата на тогашниот американски претседател Бил Клинтон рекол дека „Косово е почеток на демократска револуција што ќе се прошири од Белград до Москва“.
– Косово беше лабораторија за експериментирање со стратегијата за промена на режими, која (стратегија) ќе се примени во Ирак, Либија, Сирија и Украина – посочува Мекгрегор.

Тој нагласи дека поголемиот дел од неа е дизајниран независно од Клинтон и дека главните поддржувачи на воената интервенција против Србија – државната секретарка Медлин Олбрајт, потпретседателот Ал Гор и советникот за национална безбедност Сенди Бергер, инсистирале дека воздушната кампања ќе успее.
Според Мекгрегор, кога воздушната кампања влегла во шестата недела, непосредно пред самитот на НАТО во средината на април 1999 година, се поставило прашањето дали Вашингтон ќе испрати копнени трупи за да го одземат Косово од српската контрола со сила, што на крајот не се оствари. Р.С.