Собраниското интерпартиско тело за помирување, интеграција и реформи го усвои текстот на предлог-законот за амнестија, со кој треба да бидат опфатени некои од учесниците во насилствата од 27 април. Веднаш по усвојувањето, со потписи од 20 пратеници, предлог-законот беше доставен до собраниските служби, по што претседателот на Собранието, Талат Џафери, за вчера, во 16 часот, закажа почеток на пленарната седница, на која се очекуваше тој да биде усвоен.
Според предлог-законот за амнестија, лицата што при упадот во Собранието на 27 април носеле оружје и фантомки, кои извршиле насилство и службени лица што ги прекршиле овластувањата нема да бидат амнестирани. Законот ќе важи само пет дена, односно оние што сакаат да бидат амнестирани ќе мораат да поднесат барање за амнестија во рок од пет дена од стапувањето на законот во сила.
Копретседателката на интерпартиското тело за помирување, интеграција и реформи, Фросина Ременски, рече дека секој обвинет ќе може да поднесе барање до надлежниот обвинител и суд, а судот, по добиено мислење од јавното обвинителство, ќе донесе решение дали се исполнети условите за амнестија.
– Право на секој, во согласност со законот, е да поднесе барање. Дали некој од пратениците ќе поднесе или не, не знам. Прашајте ги нив – рече Емилија Александрова, пратеничката на независната група на ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на средбата на собраниското тело за помирување.
Пратеничката Александрова е втората копретседателка на телото за помирување, чие формирање беше условено со гласањето за уставните измени на осумте пратеници што ја напуштија ВМРО-ДПМНЕ и преминаа да дејствуваат како независна пратеничка група.
Како и пратеничката Ременски-Ташевска, и таа се огради од коментарот дали овој закон ќе донесе селективна амнестија и дали е дел од политичкото пазарење.
– Судот е тој што врз основа на докази ќе носи одлуки. Ние како пратеници го немаме тоа право. Го подготвивме ова решение и тука завршува нашата работа – рече Александрова.