Познатиот поет за деца Перо Миленкоски наполни 86 години

На 18 септември, својот 86. роденден го прослави нашиот познат писател за деца и долгогодишен уредник на „Колибри“, драгиот и почитуван Перо Миленкоски.
Уште од почетоците на неговиот долг професионален ангажман, тој другарува со децата и е нивен верен сопатник, прво десетина години како наставник по македонски јазик, а потоа триесетина години со перото в рака како соработник и уредник на додатокот за најмладите читатели на „Нова Македонија“ – „Колибри“. Миленкоски долго беше присутен на детскиот фестивал „Златно славејче“ со осумдесетина песни, кои беа преточени во музика и кои и денес живеат, како што е „Има една земја мила“.

Тој е роден во прилепското село Слепче во 1939 година. Завршил Педагошка академија во Битола. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. На своите млади читатели им ги подари стихозбирките: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сончев дворец“ и „Сонце во око“, за која во 1997 година ја доби наградата „Ванчо Николески“. Неговите песни се препеани на неколку светски јазици.

Иако е во деветтата деценија, тој сѐ уште активно пишува и повремено гостува во основните училишта низ земјава, одржувајќи средби со неговата омилена публика – децата. Во телефонскиот разговор со него, тој ни кажа дека подготвува нешто ново за неговите читатели.

Ние му посакуваме добро здравје и со нетрпение ги чекаме неговите нови стихови, а вас драги млади читатели ве потсетуваме на неколку негови песни од книгата „Сончев дворец“.

Подготвил: Ф.Д.


Мојот дворец

Рој од желби-дворец градам,
волшебен, во сонце свети.
Гнездо свидно ко во сказна
добрината кај што цвета.

Каков дворец, каква убост!
Голем, широк, крај му нема.
Кој е без дом – нека дојде,
јас кирија насмев земам.

Дење-ноќе, ѕидам, градам –
а ни камен, ни грам песок.
А тој расте в небо вишно,
ко утрински сончев блесок.

Таков дворец нигде нема,
в него сонце не ќе зајде.
Кај ли расте, кај ли сјае?
Во срцево ќе го најдеш!


По зрак сончев

По зрак сончев
поздрав праќам
нежен како цвеќе,
еј, да стигне насекаде –
секој да е среќен.

По зрак сончев
песна праќам,
песна кај што нема,
каде некој на децата
топол дом им зема.

По зрак сончев
желба лета
секаде по светот:
сите деца љубете ги
ко сонцето цветот!


Радосница

Ако има негде река
кај што силна љубов тече,
сакам море јас да бидам
што го полни утро-вечер.

Ако има негде птица
сал за љубов што си пее,
срце мое гнездо биди,
таа птица да ја грееш.

Ако има топла рака
за да гушка и да гали,
нека биде дар за сите,
дар за сите деца мали.

Нежен букет ден ми краси,
цвеќа разни, плам од бои,
цвет на мирот нека биде
в раце мои, раце твои!


Позлатена песна

На „Златно славејче“

Песната волшебница
не знае за граница,
птица в небо вивната –
честитка нестивната.

Песната радосница
желба е крилатица,
мориња прелетува
в срца наши слетува.

Желби наши цветаат,
копнеж ги раскрилува,
кој со тебе вишнее
сончев зрак го милува.

Со тебе си растеме,
играме и пееме,
песна си позлатена
секаде испратена.

(Од книгата „Сончев дворец“ на Перо Миленкоски)