ФУДБАЛ – ПОДАТОЦИ НА УЕФА ЗА МИНАТАТА СЕЗОНА
- Вкупно 240 милиони луѓе присуствувале на европските фудбалски натпревари за клубови и за репрезентации во сезоната 2024/2025, вклучувајќи повеќе од 80 милиони на мечеви надвор од највисокото ниво
Раст на посетеноста низ европскиот фудбал со рекордна публика е забележан во машките натпреварувања од највисоките нивоа, натпреварувањата од пониските лиги и во европските меѓународни клупски натпреварувања во сезоната 2024/2025, објави Европската фудбалска унија (УЕФА). Во свет каде што се емитуваат повеќе натпревари и е достапна повеќе онлајн содржина од кога било досега, апетитот за искуство на следење мечеви во живо е посилен од кога било досега, пишува УЕФА.
Извештаите за европскиот фудбал нудат длабински увид за играчите, тренерите, клубовите, лигите и за натпреварувањата што го сочинуваат европскиот фудбалски пејзаж, а УЕФА издвои некои од клучните заклучоци од најновиот извештај. Така, на пример, 240 милиони луѓе присуствувале на европските фудбалски натпревари за клубови и за репрезентации во сезоната 2024/2025, вклучувајќи повеќе од 80 милиони гледачи на натпревари надвор од највисокото ниво. Овие податоци се рекорди на сите времиња, пишува УЕФА. Вкупно 35 клуба имаа посетеност на домашни натпревари од повеќе од еден милион гледачи, а 17 лиги ги забележаа најголемите бројки на гледачи во најмалку една деценија, објави УЕФА.
Од другите податоци, овој летен преоден рок вклучуваше рекордни инвестиции, што ја одразува довербата во европскиот клупски фудбалски пазар врз основа на рекордните приходи на клубовите. Европските клубови потрошија вкупно 9,1 милијарди евра, од кои повеќе од половина беа инвестирани во играчи на возраст до 23 години.
Клубовите во Англија повторно вложија најмногу за нови фудбалери, пишува УЕФА.
Пласманот во повисок ранг и испаѓањето продолжуваат да носат возбуда. Вкупно, 1.240 клуба играле во највисокото ниво на нивните домашни лиги во текот на изминатата деценија, и покрај тоа што во моментов има само 732 места од највисокото ниво низ структурите на домашните првенства во Европа, пишува УЕФА. Пласманот во Конференциската лига се одредува преку плејоф по завршувањето на сезоната во десет највисоки лиги, додавајќи неизвесност до крајот на сезоната на домашните првенства, домашните купови остануваат важен дел од календарот, со 86 клуба надвор од највисоката лига, кои стигнаа барем до четврт-финалето лани, а повеќето земји имаа промена на шампионот во сезоната 2024/2025, што е најмал број одбранети титули од сезоната 2010/2011, објави УЕФА.
Клубовите сѐ повеќе се приспособуваат на притисокот од оптоварувањето, со распределба на времето за игра на натпреварите меѓу повеќе фудбалери, користејќи ги можностите за пет замени и ротирајќи ги своите состави. Во просек, секој клуб вклучи 30,5 играчи во текот на нивната најнова лигашка сезона.
Стабилноста на тренерите се зголемува. По неколку години зголемување на смените на тренери, просечниот број смени по клуб од највисоките лиги во една сезона падна под една, најниско во претходната деценија. Просечното времетраење на работата на главниот тренер останува ниско, сепак, и 60 отсто од европските клубови го сменија својот тренер барем еднаш минатата сезона. Н.М.