РАКОМЕТ – „ТРОФЕЈ МАКЕДОНИЈА 2025“
- Тунис и Египет ремизираа во последното коло, што, пак, ѝ одговараше на Македонија да го освои првото место
Женската ракометна репрезентација на Македонија го освои првото место на меѓународниот турнир „Трофеј Македонија 2025“ викендов во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид. Турнирот беше дел од подготовките за претстојните квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година и дуелот со Словенија во Битола на 19 октомври (во групата три уште се и Германија и Белгија).
До посакуваниот трофеј, Македонките дојдоа по исходот на африканското дерби во третиот натпреварувачки ден, односно дуелот помеѓу репрезентациите на Египет и Тунис, кој заврши нерешено 25-25, што ѝ одговараше на Македонија за да биде прва. Ако Египет победеше на тој меч, тогаш тој ќе го понесеше победничкиот пехар. Македонија во првото коло го победи Тунис со 34-27, во вториот загуби од Египет со 18-19, а третиот дуел со Грција службено го доби, откако ривалот поради вирус во своите редови веднаш замина од Охрид.
За најефикасна и најкорисна ракометарка (МВП) на турнирот беше прогласена Фадва Ауж од Тунис, а за најдобра голманка беше избрана Гома Маи од Египет. Г.И.
Тргна „Ракометниот карван“

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) го почна „Ракометниот карван“, кој ќе се одржува во повеќе градови во Македонија, во кои ќе се одвива промоција на оваа динамична игра. Карванот почна во Охрид, поточно на меѓународниот турнир „Трофеј Македонија 2025“. Многу деца од Охрид и од Струга имаа чест да се сретнат и да поразговараат со своите ракометни идоли, меѓу кои беа Индира Кастратовиќ, Елена Ѓорѓиевска, Филип Миркуловски и други.
– Сликите зборуваат повеќе од милион зборови. Насмевките, енергијата и срцата на над 300 деца ја раскажаа најубавата приказна на нашиот прв „Ракометен карван 2025“. Секој кадар е доказ дека спортот носи љубов, среќа и магија – пишува во соопштението на Ракометната федерација на Македонија. Г.И.