Фото: Википедија

Од извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа за Бугарија (ПССЕ)

  • Македонците во Бугарија остануваат исклучени од државните програми и тела, без можност за основање партии или организации, и покрај одредени забележани позитивни промени во однос на третманот и правата на малцинствата во Бугарија во европските извештаи. Притоа, неисполнетите пресуди на Европскиот суд на правдата од страна на официјална Софија остануваат долгорочен проблем

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) последен пат расправаше за Бугарија во 2019 година и тогаш одлучи да го продолжи постмониторинг-дијалогот со властите од Софија. Во најновиот извештај објавен во Стразбур, до кој дојде „Нова Македонија“, се нагласува дека во областа на човековите права на малцинствата, сѐ уште остануваат отворени проблемите поврзани со непризнаеното македонско малцинство и неизвршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Во својот последен извештај за Бугарија, објавен во март 2020 година, тогашната комесарка за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, со загриженост ја забележа „раширената нетолеранција кон малцинските групи во Бугарија, особено што ваквата појава ги погодува граѓаните што се изјаснуваат како Македонци (со македонско потекло), но слично важи и за Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил…“ Ваквите негативни ставови често се среќаваат во медиумите, кои имаат тенденција „да ги поврзуваат малцинствата со криминал и да ги претставуваат како опасност за вредностите или интересите на мнозинското население или за националните интереси“.

Остануваат длабоко загрижувачки прашањата за тамошните Македонци

Во своите најнови извештаи за Бугарија, од 2022 и 2024 година, соодветно, ЕКРИ и Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства забележаа некои позитивни случувања во врска со состојбата на малцинствата. Сепак, некои прашања остануваат загрижувачки, особено во однос на граѓаните од македонско потекло, потсетуваат известувачите на ПССЕ.

Така, меѓу проблемите што се однесуваат на почитувањето на правата на малцинствата во Бугарија, ПССЕ ги нагласува „проблемите поврзани со присуството на многу малата македонска етничка група (според пописот од 2021 година, 1.143 лица, помалку од 0,5 отсто од населението). Тие не се признаени од властите како „национално малцинство“ во смисла на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (ратификувана од Бугарија во 1999 година), поради строга примена на објективните критериуми утврдени во оваа конвенција и покрај повторените барања изразени од претставниците на групата.

Како резултат на тоа, Македонците не се вклучени во програмите за малцинствата, не добиваат помош и немаат претставници во консултативните тела; нивниот јазик, литература и историја не се изучуваат и тие не можат да создаваат партии или организации за да ги бранат своите права. Овие проблеми се поврзани со вжештените односи, кои Бугарија ги одржува како такви, со соседна Македонија, околу голем број од Софија наметнати небулози во врска со македонскиот национален идентитет, културното наследство, јазикот и историјата, кои понекогаш влијаеле врз ставот на Бугарија во врска со апликацијата на Македонија за членство во Европската Унија, како што се наведува во извештајот.

Сепак, известувачите забележуваат дека признавањето на „национално малцинство“ од страна на државата не е предуслов за користење на заштитата на Рамковната конвенција, а Македонците многу активно ги бранат своите права, додека властите се многу внимателни кон ова прашање.

Спроведувањето на пресудите на Европскиот суд и натаму е главна грижа

Главната загриженост во оваа област, во извештајот на ПССЕ останува спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во групата случаи „ОМО Илинден и другите против Бугарија“ во врска со прекршувања на членот 11 од конвенцијата (слобода на здружување). Овие пресуди се однесуваат на неоправданото одбивање на бугарските судови во 1998-1999, 2002-2004, 2010-2013 и 2014-2015 година да регистрираат здруженија чија цел беше да добијат „признавање на македонското малцинство во Бугарија“.
– Иако поминаа повеќе од 18 години откако првата пресуда во оваа група стана правосилна и покрај различните мерки донесени од бугарските власти за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација (од 1 јануари 2018 година), на горенаведените здруженија и понатаму редовно им се одбива регистрација врз основа на причини што се чини дека се поврзани со поширок проблем на неодобрување на нивните цели. Во март 2024 година, тогашниот министер за правда одлучи да формира работна група за анализа на можни мерки за спроведување на овие пресуди. Македонците од Бугарија ја потврдија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција – се наведува во извештајот на ПССЕ.

Сепак, бидејќи властите не го признаваат постоењето на објективни критериуми што се однесуваат на нив, тие не можат да уживаат индивидуални малцински права. Властите на Бугарија нагласуваат дека бугарското законодавство не го содржи терминот „национално малцинство“ и дека Бугарија ги исполнува своите обврски преку индивидуален пристап.

Македонците жртви и на говор на омраза

ПССЕ потсетува на последниот извештај на ЕКРИ, дека говорот на омраза е првенствено насочен кон граѓаните што се идентификуваат со македонско потекло, како и кон Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил, и ЛГБТИ-лицата. Целите се менуваат од една група во друга, честопати во зависност од моменталните политички приоритети. На пример, за време на миграциската криза, говорот на омраза беше првенствено насочен кон мигрантите, особено оние од муслиманските земји. Неодамна, тој се пренасочи кон Ромите и ЛГБТИ-лицата.

Сепак, двајцата известувачи на ПССЕ во извештајот за постмониторинг-дијалогот за почитувањето на обврските преземени од Бугарија со членството во Советот на Европа во 1992 година, забележуваат дека, и покрај напорите и добрите намери на властите, многу прашања остануваат нерешени.

Тука тие особено наведуваат: Реформата на судството и обвинителството е само делумно спроведена и оттогаш е суспендирана поради пресудата на Уставниот суд од 26 јули 2024 година. Препораките на телата на Советот на Европа, како што се оние во врска со составот на Високиот судски совет, овластувањата на генералниот обвинител и одговорностите на Судскиот инспекторат, сè уште не се спроведени. Понатаму, иако бугарските власти воведоа многу важни мерки за борба против корупцијата на високо ниво, сè уште нема солидна евиденција за конечни пресуди во вакви случаи, а поголемиот дел од препораките на ГРЕКО од петтата рунда на евалуација за спречување на корупцијата и промовирање на интегритетот во централната влада и агенциите за спроведување на законот останува неспроведен.

Понатаму, и покрај одреден напредок во однос на општото почитување на слободата на изразување, тие се загрижени за концентрацијата и недостигот од транспарентност на сопственоста на медиумите. На крајот известувачите остануваат длабоко загрижени за кревката состојба на ромското население, присилните иселувања и уривања на нивните домови (како што е илустрирано со пресудата на Судот од Стразбур во случајот „Јорданова и други против Бугарија“), како и неспроведувањето на пресудите на Судот во врска со одбивањето да се регистрираат здруженија на лица од македонско потекло („ОМО Илинден и други против Бугарија“, меѓу другите).


Непријатно изненадување: Предлог за прекин на постмониторинг-дијалогот со Бугарија

  • За издвојување е изненадувачкиот предлогот на известувачите, кои предлагаат „да се затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија и за сите нерешените прашања, меѓу кои и тие за Македонците во Бугарија да бидат разгледувани во идните периодични прегледи“ (!?). Според експертите, овој предлог би бил логичен доколку Бугарија би ги исполнила сите обврски кон Советот на Европа! Но не е така. Наместо да го интензивира процесот на следење на дијагностицираните негативни појави во Бугарија, со овој предлог на некој начин се олеснува односот кон Бугарија од страна на ПССЕ!?

Предлогот за прекин на постмониторингот изненадува, бидејќи самите известувачи признаваат дека темпото на законодавната реформа во Бугарија е делумно резултат на меѓународен притисок и одложувања предизвикани од политичката нестабилност. Тие сметаат дека процената на напредокот на Бугарија во исполнувањето на стандардите за демократија, владеењето на правото и човековите права не може да се разгледува изолирано од ограничувањата наметнати од последователните избори. Тие велат дека се целосно свесни за тешкотиите со кои се соочуваат бугарските власти и „уште еднаш им честитаат за нивната посветеност и политичка волја да ги почитуваат обврските и заложбите што ги презедоа по пристапувањето во Советот на Европа“.
Нивниот предлог уште повеќе изненадува ако се знае дека една од главните обврски на една земја членка на Советот на Европа е спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
– Повеќе од 90 водечки пресуди на Европскиот суд за човекови права што се однесуваат на Бугарија чекаат на извршување, од кои повеќе од половина се во тек на извршување најмалку десет години. Собранието ги повикува властите на Бугарија да продолжат да соработуваат со Комитетот на министри на Советот на Европа со цел да се постигне видлив напредок во извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, особено во случаите што се однесуваат на реформата на судскиот систем („С.З. против Бугарија“, „Колеви против Бугарија“ и „Мирослава Тодорова против Бугарија“), присилните иселувања и уривањето на ромските куќи („Јорданова и други против Бугарија“) и одбивањата за регистрација на здруженија на луѓе од македонско потекло („ОМО Илинден и други против Бугарија“ и други слични случаи) – потврдуваат самите известувачи.
Расправата и гласањето на извештајот изготвен од Комисијата за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа (Мониторинг-комисијата), кој е изработен од коизвестувачите Ив Крухтен, Луксембург, Група на социјалистите, демократите и зелените, и Дебора Бергамини, Италија, Група на Европската народна партија, се предвидени на идната есенска сесија на ПССЕ. На таа сесија ќе учествува и македонската парламентарна делегација и сигурно ќе треба да ги каже своите видувања по сите овие прашања на принципиелен начин.

Бидејќи се добива впечаток дека и покрај сите овие елементи и неисполнети обврски, особено 90 пресуди на ЕСЧП, ПССЕ ќе одлучува да го затвори постмониторинг-дијалогот со Бугарија и потоа да ги следи случувањата во земјата во врска со владеењето на правото, плуралистичката демократија и човековите права како дел од своите периодични прегледи. Како да не се сака да се признае дека една земја што 33 години е членка на Советот на Европа и членка на Европската Унија треба да биде под постмониторинг. Т.Г.