Фељтон за значењето на процесот на образованието и воспитувањето во Македонија
Во какви услови работеле учителите во Дебарска Жупа во текот на 1944/1945 година доволно зборуваат доставените поплаки и жалби до Околискиот народноослободителен одбор во Дебар, при што се бара на сите учители да им се даде еднократна помош. Поставените учители по селата биле должни да останат на работните места, но поради немањето услови за работа и за живеење, како и поради нередовноста на учениците во посетата на училиштата, многу од нив ги напуштиле селата
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија
Во декември 1944 година, околискиот просветен прочелник им наредил на општинските народноослободителни одбори во Баланци и Папрадник „да го приспособат училиштето за работа, пошто је и за Папрадник назначен учител“. Вакви дописи и писма се доставени скоро до сите поголеми села. Во повеќето села во Дебарска Жупа уште во ноември се почнало со работа, но под многу тешки услови. За тоа се жалеле повеќе учители до Околискиот народноослободителен одбор во Дебар, а особено за неуредните простории, немањето инвертар, нередовноста на учениците, немањето исхрана за учителите, иако „на учителите селаните им обезбедувале исхрана“.
Во какви услови работеле учителите во Дебарска Жупа во текот на 1944/1945 година доволно зборуваат доставените поплаки и жалби до Околискиот народноослободителен одбор во Дебар, при што се бара на сите учители да им се даде еднократна помош. Притоа се вели: „Страшно е да се помисли човек во какво положение испадват фамилиите на вакви учители и на какви униженија се излага народниот учител, без какви и да е средства за преживување во едно време како што е нашето, при едно баснословно поскапување на предметите од прва неопходност… Во духот на горното, на сите учители да се дајт помош за издршка до 5 јануари 1945 година, за Божиќ“.
Поставените учители по селата биле должни да останат на работните места, но поради немањето услови за работа и за живеење, како и поради нередовноста на учениците во посетата на училиштата, многу од нив ги напуштиле селата.
Поради тоа, Околискиот народноослободителен одбор во Дебар, преку Просветното одделение, бил принуден да испрати наредба до сите училишта, како и во Дебарска Жупа, со следното предупредување: „Естит утврдено да селските учители се удалени од работа со или без дозволите од тије одбори. Оваја имат изазвано прекидањето на наставата и зауставление на редот просветни. За да се окончат овја неред наредуваме да от сега ниеден учител не му се дават дозвола за неговото удаление од должноста без знанието на овја одбор (оддел за просвета)“.
При крајот на 1944/1945 година, во Дебарска Жупа настапиле проблеми околу запишувањето на децата и неписмените селани, и тоа во прво одделение. За таа цел, Околискиот народноослободителен одбор во Дебар го испраќа следното напатствие:
„1. Децата над 10 години да не се запишуват во прво одделение, а за нив да се оранизира аналфабетски курс. 2. Учењето на основното училиште е задолжително од прво до седмо одделение. Родителите на учениците кој не посетуваат редовно или никакво учение да се глобјавет. 3. Обраќањето меѓу учителите и учениците ќе се обавува вака: ’Мили деца или мили ученици!, Добар ден драги деца, а учениците одговараат добар ден драги учителе или учителке!, никако даскале или даскалке‘“.
И покрај напатствијата, редовноста на учениците останала како проблем. Многу родители не ги пуштале децата на училиште, некои едноставно не сакале, а некои родители по традиција ги користеле децата за чување на стоката. Оваа појава била присутна кај децата од сите народности, а особено кај Македонците муслимани. Околискиот народноослободителен одбор во Дебар скоро секој месец доставувал наредби, а посебно во Дебарска Жупа, и тоа не само преку училиштата туку и преку народната власт.
Ќе изнесеме една од многубројните наредби: „Се наредува да се преземат најостри мерки за учениците од село Папрадник да одат редовно на училиште било машки или женски без разлика, у противном да се постапи по дадената наредба“.
Околискиот просветен референт од Дебар уште во почетните месеци во 1945 година постојано бил во посета во селските училишта и давал директни напатствија како да се работи. Таа задача ја вршел искусниот учител Новак Коловски. Тој ги посетил скоро сите училишта во Дебарска Жупа, при што за своите посети составувал записници, во кои исцрпно ги изнесувал согледувањата за наставно-образовниот процес. Така, во записникот од посетата на работата во народното училиште во Голем Папрадник, составен на 31 мај 1945 година, за учебната 1944/45 година го пишува следното: „Во ова училиште има едно одделение составено од I и II разред. По уписницата има 84 ученици и ученички. Во ова училиште работи учителот Евгениј Колеќевски, а училиштето отпочнало со работа од 16.2.1945 година. Тој работел внимателно, совесно и со голема волја. Наставното градиво е обработувано правилно према наставниот план и програм и во доволна количина. Припремата за почетни читања и пишење исто така е обработена успешно. Така да децата читаат правилно и со разбирање. Букварската настава е изводена правилно. Стеченото знаење кај учениците е постанато нивна лична своина, со која ќе можат во својот живот да се послужат, затоа што је наставата спроведена, базирајќи се на нивните психофизички развитиа. Рачунската настава се изведит нормално и се засниват на задачи од стварниот живот. Исто така и останатите наставни предмети се застапени правилно. Другарот Колеќев, како млад учител, почетник со полна спрема је изграден во својот позив, пратит со големо интересирање современите педагошки принципи и прашања. Принципот корелација и комплексна настава застапвит во својата училишна работа. Со учениците и ученичките односот му е благ и родителски, а со народот другарски“.
Во основното училиште во селото Житинени на 30 мај 1945 година е извршена ревизија за работата. Притоа е констатирано дека имало само едно одделение во кое се запишани 60 ученици од кои 35 машки и 25 женски, а почнале со работа на 28.11.1944 година. Учител бил Кипро Славковски. За проблемите со кои се судирало ова училиште во записникот, покрај другото, пишува: „Другарот Славковски својта должност ја имат вршено совесно. Али по причина да училиштето неје во исправно стање, да ученичките родители не сакале да гу пуштајет редовно своите деца на училиште, наставата је течела многу нередовно, успехот је показан слаб и ниедно дете немат да префрлит во постар разред. Кривицата неје од учителот пошто тој се обраќал честопати до селскиот и општинскиот Н.Одбор, али тије не му излагале во сусрет, веќе се изговарале да им се децата потребни за полски работи и да не се во стање да можат да го поправат училиштето“. Додека во еден записник за работа на Основното училиште во Елевци, кај што бил Дамјан Славковски биле запишани 48 ученици од кои 28 машки и 20 женски во прво и второ одделение, наставата по тие предмети успешно била предадена и совладана од учениците“.
За учебните 1946/47 година и 1947/48 година, многу малку се зачувани податоци. Единствено е зачуван податок дека во Дебарската околија во 1946 година работеле 26 аналфабетски курсеви, од кои 15 на македонски, осум на албански и три на турски јазик. Овие курсеви ги посетувале 502 машки и 78 женски или вкупно 580 посетители, а од нив успешно завршиле 290 ученици. Успехот бил минимален затоа што „кампањата започала доцна така да немаше време да се направи план кој би се реализирал. Причината е таа што не се кампањски свати сериозно од сите масовни организации, но беше целата работа оставена на просветниот одбор“.
Во учебната 1948/1949 година, зачуван е еден преглед на запишани ученици, како што следува: „1. Во основното училиште Баланци имало 35 ученици кои учеле на македонски јазик и 32 албански јазик, 2. Брештани 73 ученици на турски јазик; 3. Броштица 81 ученик на македонски јазик; 4. Горенци 50 ученици на македонски јазик; 5. Голем Папрадник 118 ученици на македонски јазик; 6. Долно Елевци 6 ученици на турски јазик; 7. Горно Елевци со 118 ученици на турски јазик; 8. Житинени 2 ученици на македонски јазик; 9. Кочишта 13 ученици на македонски јазик; 10. Коџаџик 103 ученици на турски јазик; 11. Долгаш 33 ученици на турски јазик и 12. Пареши 19 ученици на македонски јазик“.
Да се напомене дека, во Дебарската околија при крајот на учебната 1948/1949 година, бројот на учениците според изведувањето на наставно-јазичното подрачје изнесувал 3.780 ученици, од кои 2.006 машки и 1.774 женски ученици, а особено како слушатели по јазични подрачја бил следниот: 1. На македонски јазик 2.787 ученици од кои 1.298 машки и 1.189 женски ученици; 2. На турски јазик 486 од кои 268 машки и 218 женски ученици и 3. На албански јазик 806 од кои 439 машки и 367 женски ученици.
Според некои податоци, за образовниот процес во Дебарската околија, а делумно и за Дебарска Жупа, заклучно со учебната 1950/51 година, во оваа учебна година се образувале 3.579 ученици, од кои на македонски мајчин јазик 2.325, на албански 783 и на турски јазик 471 ученик. Наставата се изведувала во 32 основни училишта на македонски јазик, во 17 на албански и во седум на турски јазик.
Биле отворени 10 аналфабетски курсеви, а неписмени имало и во селата Голем Папрадник 35, Коџаџик 35, Елевци 35 итн. Интересно е дека во овој извештај се дадени некои проблеми за текот на наставниот процес. Овде презентираме само дел од нив: „Во учебната година да се воведе полн ред и обезбедена редовност кај учениците. Една особена пречка, нарочно во малцинските селски училишта и кај Македонците кај што живее торбешко население, кај родителите има сосема неодговорен однос кон своите деца, а посебно во Могорче, Мал и Голем Папрадник, Косоврасти и други“.
Мошне е интересен статистичкиот податок за бројот на населението во 1954 година. Така, во Дебарска Жупа живеле 2.847 Турци, 2.353 Торбеши (Македонци муслимани), 150 Македонци и 167 Албанци. Или вкупно 5.517 жители. Според тоа, наставниот процес кај Македонците муслимани во Дебарска Жупа по завршувањето на Втората светска војна се одвивал на македонски мајчин јазик.
продолжува
(извадок од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски)