Protest Novo lisice, Zagaduvanje Vardariste
Фото: Маја Јаневска Илиева

Блокадата на раскрсницата кај мостот „Близнак“ и паркот „Авионче“ продолжуваат секој ден од 18 до 19 часот, сѐ додека не се реши целосно загадувањето во Скопје – велат од граѓанската иницијатива Стоп за Вардариште.

– Скопје со денови се дави во отрови. Не е само Вардариште – и Дрисла се вклучи во ова труење. Чадот и канцерогените честички не останаа во еден дел, туку се раширија низ целиот град. Вакво загадување од масовни размери – досега немало. Ова не е проблем на неколку општини – цело Скопје дише ист отров. Затоа борбата мора да биде заедничка. Излези на блокада. Барај одговорност – истакнуваат од Стоп за Вардариште.

Нивните барања се: Итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата; Континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења; Поставување ограда околу целата депонија; Поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7; Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди; Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста; Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.

– Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем. Доста е! Скопје не смее повеќе да тоне во отрови! – нагласуваат од граѓанската иницијатива.

Инаку, на раскрсницата на булеварот „АСНОМ“ и „Србија“ во Аеродром, пред мостот „Киро Глигоров“ веќе континуирано ден за ден протестираат локалци, но добиваат поддршка и од останати општини. Млади и стари – граѓани, активисти, доктори, експерти – сите на купче против загадувањето, сите со реакции за горливата состојба. „Секој ден во шест“ и „Стоп за Вардариште“ е мотото на блокадата.