Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, денеска ја посети Општина Гази Баба, како една од првите општини кои пристапиле кон промена на нови специјални таблици за службените возила. Томовски посочи дека покрај останатите државни институции кои ја прават промената, во процедура за нови специјални таблици се уште неколку скопски општини, како и Општините – Штип, Велес и Квадараци.
Истакна дека специјални таблици досега добиле околу 500 возила, додека голем број на возила веќе се во фаза на промена. До завршување на целата постапка, Томовски рече остануваат уште две недели, по што, најави краен пресек за вкупниот број на возила со специјални регистарски таблици. Очекувањата се, вели, да бидат 1.500 до 2.000 возила на ниво на држава.
– Продолжуваме со промената со специјалните таблици, веќе сме во крајна фаза на нејзина реализација, останувааат уште некои две недели додека ја завршиме целосната акција. Можам да кажам дека до денешниот пресек имаме некаде околу 500 возила кои што добиле специјални таблици, има голем број на возила кои што се во постапка. Ќе оставиме уште две недели да направиме краен пресек. Општина Гази Баба е една од првите општини кои што први пристапиле кон промена на нови таблици, односно почитување на препораките на Владата. Тука морам да ги споменам и другите скопски општини кои што се во процедура, морам да ги споменам Штип, Велес, Кавадарци, бидејќи тие се општините покрај останатите државни институции кои што ја прават промената – рече Томовски.
Најави дека денеска од страна на владината прес-служба ќе биде објавен телефонски број и мејл адреса каде граѓаните ќе можат да пријавуваат потенцијални злоупотреби.
– Денеска од страна на владината прес служба ќе биде јавно објавен и оној телефонски број и мејл адреса кои што ги ветивме, каде што граѓаните ќе можат да пријавуваат потенцијални злоупотреби. Тие можат да пратат до нас до Службата, па после ние како институција ќе ги препраќаме до сите оние институции кои што го направиле тој прекршок, по што раководителите ќе можат да пристапат кон дисциплински постапки и постапки кои што произлегуваат од законските и подзаконските норми на државата – рече Томовски.
Упати апел до сите државни институции да се обидат да ги рационализираат возилата кои што ги имаат, бидејќи, како што рече, доста институции имаат повеќе возила од што им е потребно, како и дека многу од нив се нефункционални.
– Би ги замолил сите институции во државата да се обидат да ги рационализираат возилата кои што ги имаат, бидејќи многу од нив се во нефункционална состојба, имаат повеќе возила од што им е потребно, затоа нека ги рационализираат и нека пристапат кон расходување на дел од тие возила. Ние како една владина служба од 220 возила кои што ги имаме во наша сопственост, во моментов имаме оберлежано 50 возила, можеби ќе обележиме уште десет возила со специјални таблици, а со другите ќе пристапиме кон нивна продажба и расходување со цел да ги заштедиме трошоците во државата и воедно да бидеме транспарентни пред граѓаните – рече Томовски.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека промената на специјалните регистарски таблици на службените возила кои што се во сопственост на Општината е вториот чекор кој го презема за спречување на нивната злоупотреба. Првиот, рече, бил поставување на „GPS“ систем за 24-часовен надзор.
– Ова е втор чекор што го преземаме како локална самоуправа со цел спречување на злоупотребите на службените возила за приватни цели. Само што дојдов јас градоначалник поставивме 24-часовен надзорен систем на службените возила, односно поставување на „GPS“ систем со којшто ја следиме траекторијата на службените возила во текот на целиот ден. Ова е втор чекор што го преземаме за комплетно спречување на злоупотребите на службените возила за користење на приватни цели, бидејќи сведоци сме дека во годините наназад голем број на службени возила се користеа за приватни цели, за време на викенди и слично. Сакам да напоменам дека јас како градоначалник користам мое приватно возило за работни обврски и со тоа испраќам порака дека треба да се грижиме за граѓаните и ресурсите со кои што располагаме – посочи Стефковски.