Интервју со проф. д-р Марина Малиш Саздовска, експертка за еколошки криминалитет и меѓународна заштита на животната средина, по повод зачестените пожари во државава
Професорке, како експерт по еколошка криминалистика, еколошки криминалитет и меѓународна заштита на животната средина, наоѓате ли од стручен аспект елементи (индиции) кај овие пожари во земјава, со кои овие сторени дејанија (поведенија) влегуваат во рамките на дисциплините што ги проучувате и ги предавате на Факултетот за безбедност?
– Еколошкиот криминалитет ги опфаќа оние кривични дела што се регулирани, односно инкриминирани, во глава XXII од Кривичниот законик на Република Северна Македонија и претставуваат кривични дела против животната средина. Исто така, под еколошки криминалитет може да ги подведеме и прекршоците од областа на заштитата на животната средина предвидени во други законски прописи. Во поширок контекст, пак, еколошката безбедност може да ја дефинираме како состојба во која за живиот свет не постои закана или загрозување на животната средина.
Конкретно во глава XXII член 228 законодавецот го нормира кривичното дело Предизвикување шумски пожар, а во глава XXVI Кривични дела против општата сигурност на луѓето и имотот во членот 288 се предвидува и кривичното дело Предизвикување општа опасност кое се однесува на поведение при што со пожар, поплава, експлозија, отров или отровен гас, јонизирачко зрачење, моторна сила, електрична или друга енергија или со друго општоопасно дејство или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери. Со ова кривично дело се предвидува и одговорност за службено или одговорно лице што нема да постави пропишани уреди за заштита од пожар, експлозија, поплава, отрови, отровни гасови или јонизирачки зрачења или овие уреди не ги одржува во исправна состојба или во случај на употреба не ги стави во дејство или воопшто не постапува според прописите или техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвика опасност за животот или телото на луѓето или за имотот од големи размери.

Во Македонија во моментов се актуелни пожарите на депонии, магацини за отпад и сл. со кои директно се загрозува животната средина во поголем обем, што може да се подведе и под кривичното дело од членот 218 Загадување на животната средина и природа, каде што се предвидува казнено поведение за испуштање отровни или издувни гасови, материи или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или почвата, во најмалку двојно поголемо количество од максимално дозволеното со закон или со меѓународен договор ратификуван во согласност со нашиот Устав, за што е предвидена казна затвор од една година до три години. Ако материите се во петкратно или поголемо количество од максимално дозволеното, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години. Доколку со ова дело се предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, предвидена е казна затвор од три до десет години.
Со овој член е утврдена и одговорност на службено или одговорно лице во правно лице што со непридржување кон прописите за заштита на животната средина ќе пропушти да постави уреди за пречистување или ќе дозволи изградба, пуштање во дејство или користење погон што ја загадува животната средина или на друг начин ќе пропушти преземање мерки за спречување или оневозможување на загадување воздух, почва, вода или за спречување бучава, кои двојно ја надминуваат дозволената граница. За ова поведение сторителот ќе се казни со казна затвор од една до пет години. Доколку, пак, службеното или одговорно лице во правно лице предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителниот свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, казната затвор изнесува од четири до десет години.
Оттука, пожарите што се актуелни во земјата можат да се третираат како еколошки кривични дела. Во овој момент, додека трае предистрагата, сѐ уште не можеме со сигурност да го дефинираме видот на еколошкото кривично дело, но со реализација на мерките и активностите во рамките на криминалистичката истрага, со кои ќе се процени настанатата штета, ќе се утврдат мотивот и модусот операнди на овие кривични дела, ќе може и конкретно да се утврдат елементите на еколошките кривични дела.
Како што се наведува и во прашањето, во овој момент располагаме само со индиции, кои, според криминалистиката како наука, се факти што укажуваат на постоење или непостоење на кривично дело или на одредена врска помеѓу одредено лице и кривичното дело.
Методиката на сузбивање на еколошките кривични дела и преземањето репресивни мерки за откривање на веќе сторените кривични дела се одвиваат во неколку фази, и тоа: дознавање за постоење на еколошко кривично дело, соработка со вештаци за докажување на кривичното дело и целосно расветлување со утврдување на идентитетот на сторителот/сторителите. Со оглед на фактот дека во моментот се вршат форензички анализи на загадувањето на воздухот и другите екосистеми од пожарот во Трубарево, може да констатираме дека сме во втората фаза на истрагата, по што ќе се пристапи и кон целосно расветлување на кривичноправниот настан.
Ако тргнеме од премисата дека се работи за еколошки криминалитет, може ли попрецизно да се дијагностицира и именува со вистинско име ова што се случува деновиве во Македонија?
– Пожарите што се случуваат на депониите Дрисла и Вардариште, магацинот за електронски отпад во Трубарево, а за кои има индиции дека се предизвикани од човечки фактор, се лоцирани на објекти од ист вид односно дејност (депонирање отпад, електронски отпад, опасен отпад и сл.) и се случуваат во многу краток временски интервал, што може да укажува и за една посериозна криминална појава организирана од страна на организирана криминална група.
Сѐ уште е рано да се дефинираат конкретни криминални поведенија, бидејќи предистрагата е во тек, но оваа појава може да има и одредени облици на еколошки тероризам. Имено, под еколошки тероризам односно тероризам против животната средина се подразбира уништување на животната средина со цел заплашување, принуда и сл. Сведоци сме дека има појава на страв и загриженост кај населението, особено за состојбата за загаденоста на воздухот, но и за загаденоста на почвата во делот на земјоделските површини.
Доколку тоа се докаже во наредниот период, ќе биде потребно во рамките на криминалистичката истрага да се применат сите оперативно-тактички мерки и истражни дејства со цел утврдување на идентитетот на сторителот/сторителите и поднесување квалитетна кривична пријава.
Проблемите што тука би ги лоцирала во рамките на постојните капацитети се: стручна и професионална човечка екипираност, стручни кадри за форензички анализи, работа на лиценцирани лаборатории, опременост со софистицирана опрема за вештачење и слично.
Според комплексноста на овие дела, може ли да се каже дека е потребно посебно (вонредно) алармирање на институциите и нивно мобилизирање на највисоко ниво, како за најтешките дела против граѓаните и државата? Дали ова треба да мобилизира комплексност на ваков тип на истрага?
Овие дела се комплексни поради последиците што ги имаат на севкупниот жив свет, луѓето, но и животинскиот и растителниот свет. За таа цел, потребно е адекватно постапување на институциите, особено според протоколите за постапување во услови на криза. Доколку се докаже дека овој или други настани предизвикуваат сериозна штета, може да зборуваме и за кривичното дело Екоцид, кое се однесува на казнено поведение спротивно на закон, со намера да се предизвика штета на животната средина, со преземање дејство или пропуштање на преземање дејство поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина.
Со оглед на новата форма на загрозување на здравјето на граѓаните, животната и работната средина, живеењето, работењето, па и економијата и иднината на народот, дали сме подготвени за превенција или репресија и спротивставување на ваквите тенденции, кои имаат длабока и повеќеслојна заднина?
– Во врска со успешното сузбивање на еколошките кривични дела, препораката е зајакнување на превентивните мерки и активности од страна на сите надлежни органи: полиција, криминалистичка полиција, инспекторати, царина и др., со континуирани мерки за контрола и надзор, мониторинг, прибирање разузнавачки информации, интерресорска соработка и др. Во однос на репресивните мерки, потребно е зајакнување на капацитетите на човечките и техничките ресурси, водење ефикасни криминалистички истраги и изготвување квалитетни кривични пријави. Дополнителен проблем претставува и корупцијата во областа на животната средина, за која треба да се преземат антикоруптивни мерки во наредниот период, а со цел создавање услови за здрава животна средина за сите. Н.М.