Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгите од Никола Ристевски, магистер по маркетинг
-менаџмент, публицист и продуцент
Во заедничкото сеќавање на македонскиот народ сѐ уште постојат спомените за преданијата, легендите и митовите што ги раскажуваа нашите предци, како и споменувањето на повеќе суштества, створови, створенија, привиденија и слични ентитети, кои наводно живееле на другата страна од нашата реалност. Така, и ден-денес во атарите на селата постојат самовилските дрвја, каде што или воопшто не се поминува, или се оди само за точно определен празник во годината. Самовилските кругови каде што не вирее ништо и земјата изгледа изгорена сѐ уште се избегнуваат и не се поминува низ нив. Самовилските патишта, води, долини, како топоними – имиња на места, постојат низ целата република, а преданијата за истите тие се живи и се пренесуваат од колено на колено. Караконџулите, јудите, навите, децата – свирци, ламјите, алите, аждаите, ѓаволите, вампирите, самовилите – русалки, змејовите и преостанатите митолошки ентитети на кои најчесто им биле давани демонолошки карактеристики, се дел од сеќавањата на Македонците од памтивек, па до денес. Истите тие се опишани уште пред речиси два века, од Марко Цепенков од Прилеп, Ефрем Каранов од Кратово, Димитар Матов од Велес и други собирачи на народни умотворби од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, во нивните записи за сеќавањата на народот што живеел во тоа време. Вампирџиите, пак, биле оние луѓе што можеле да ги гледаат сите овие суштества, но и да се борат со нив и да ги убиваат – да им оневозможат присуство на местото каде што се правел ритуалот. Со себе носеле алатки, орудија и оружја со кои се бореле со различните ентитети, како и сребрени и златни куршуми и посебни билки. Адетите и обичаите што се прават на свадби, крштевки, погреби, празници, како дел од нашата традицијата имаат мистичен и ритуален карактер со кој некаде на глас, а некаде премолчено се истакнува присутната опасност од страната на постоењето, која обичните смртници најчесто не можат ни да ја ѕирнат. Навите по леунките, самовилите на крстопатите, ламјите што го крадат бериќетот, сенките што играат и верзиуловото коло се страшни и опасни појави, погледнато од денешната гледна точка на човечките очи, кои се борат со реалноста. Реално е тоа што сите овие појави, „бабини деветини“, езотерични и мистични виденија, како дел од заедничкото сеќавање, се присутни кај повеќе народи низ светот.

Записите на собирачите на народни умотворби од Македонија што работеле во 19 и почетокот на 20 век во изминатите децении беа преобјавени во повеќе наврати, со преводи на современ македонски јазик или на современ македонски правопис со зачуваната убавина на дијалектите на кои биле напишани. Собирањето легенди, митови, преданија, адети, но и потрагата по стари книги и записи биле дел од секојдневието на Џинот, Миладиновци, Цепенков, Шапкарев, Матов и многу други големи умови што живееле и твореле во преродбенскиот 19 век. Познато е и за контактите на многумина од нив со собирачи на народни мудрости од други земји, од цела Европа. Значењето на древните знаења, сеќавањата на возрасните староседелци од тие времиња, записите за народните толкувања на природните појави, народната метеорологија, народната митологија и преписите на стари книги, кои биле достапни во тие времиња, е непроценливо за дигиталниот 21 век.
Користејќи ја удобноста на најмодерната алатка за истражување – интернетот, можеме да дојдеме до дел од дигитализираните копии на оригиналните списанија во кои горенаведените собирачи на народни умотворби заедно со многу други нивни современици ги објавувале своите записи. Во многу од нив е забележлив локалниот дијалект на регионот од кој потекнувале или ги запишувале вредните записи од кои денес можеме не само да дознаеме за митот и битот на нашите предци туку и да добиеме знаења што се ретко достапни во векот во кој живееме. Податоците за легендите и преданијата, приказните и песните за славните личности од историјата, записите за народните толкувања на природните појави, собраните „иљачи“ и првите објавени текстови за народната медицина, народните соновници од неколку региони на Македонија, клетвите, благословите, нефелите и прокобувањата, баењата, врзувањата и вражењата, заедно со народната метеорологија се вистинско литературно богатство, кое вреди и треба да се зачува од современата култура на 21 век. Иако во минатиот и сегашниот век многу од тие оригинални записи биле обработени од научната јавност, истите тие се ретко достапни за пошироката јавност и се уште поретки за заинтересираните љубители на македонската култура, традиција и литература. Собирањето народни умотворби е дел од биографиите на многу големи умови од минатите векови, што не е случајно, затоа што тоа е основата на народните движења, кои ги зачувале древниот мит и бит во изминатите векови. Современите знаења за метеорологија, астрономија, медицина, иако нови и добиени со машините што се достапни за векот во кој живееме, се забележуваат и во записите од пред век и половина, па и поодамна. Новите теории за несоодветноста на историскиот календар од официјалната светска историографија можат да се видат уште во 19 век, во приказните за историските личности запишани низ Македонија.
За разлика од историјата, на која несомнено нешто ѝ сторија, која ја пишувале победниците и била сторија – приказна, митовите се живиот бит и сеќавање на генерациите што живееле на овие простори. Поимањето на стварноста и наводното гледање на вакви и онакви ентитети е само одраз на длабоката човечка потсвест и бескрајната несвест. Проблесоците на суперсвесноста се она што е вистина, за разлика од вистинитоста на оскудната свест.
Затоа што просветлувањето не е замислување на светлосни или какви било битија, туку соочување со длабокото море на свеста и искрен поглед во самите себе. Кој гледа надвор – спие, а кој гледа внатре – се буди. Во нашите гени се кријат информациите од сеќавањата на нашите предци, кои преку активирање соодветни делови од мозокот, за чија моќ и онака ниту сме свесни, ниту пак способни да ја спознаеме, можат да се спроведат од несвесното преку потсвесното, во свесниот дел од нашето поимање на стварноста. Па така, човечкиот ум најчесто ги визуализира ангелите со некаквиси крилја, иако во светите книги на религиите тоа никаде не го пишува. Небесната хиерархија, така како што е опишана во старите книги на неколкуте големи религии, но и во апокрифната литература, е составена од ангели, архангели, херувими и серафими, од кои само првите немаат крилја. Уште далеку во древноста, Старите Македонци ги претставувале различните божества со крилја. Еден пример за тоа е крилестата божица на победата Ника и нејзините претстави во различни форми, од кои најимпресивна е таа од Самотраки. Сѐ уште, иако ретко, и на некои живи луѓе им се придаваат демонолошки или ангелски карактеристики, натприродни својства и особини, кои потсетуваат на старите приказни, митови, преданија и легенди.
Интересно е тоа што во нашата народна митологија за рептилните суштества со крилја – змејовите и ламјите, најчесто се вели дека имале човечко потекло, и се поделени по пол соодветно – змејот е машко, а ламјата женско суштество што лета. Змејот е чувар на атарот, бериќетот, богатството, плодноста, здравјето и ја претставува силата на сотворението, а ламјата спротивното – деструктивната, односно сила на разрушението. Змејските води, пештери, патишта, ридови, долови, карпи и патишта, сѐ уште постојат во Република Македонија, како имиња на места, но и како локации на кои зрачи некоја мистична енергија. Такви топоними има низ цела Европа, но и на други континенти – дури и во Кина. Таму, уште од пред нашата ера луѓето препознавале змејски линии што поврзуваат различни локации…
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)