Фото: Пиксабеј

Мали подлоги направени од човечка коса се користат во Чиле за покривање на земјата и одржување на влагата во овоштарниците низ целата земја, која со години се бори со суша. Влакната, кои се механички вткаени во компактни подлоги, го намалуваат директното испарување за 71 отсто и заштедуваат до 48 отсто од водата за наводнување. Влакната се многу интересни, тие содржат хранливи материи, азот, калциум, сулфур и органска материја што се додава во почвата, подобрувајќи ги растот на растенијата и земјоделското производство за најмалку 30 проценти.
Земјоделката Марија Салазар изјави дека косата помогнала да се добијат одлични приноси од лимонови дрвја во Талтал, околу 900 километри северно од чилеанската престолнина во сушниот регион Антофагаста.
– Простирките се огромна придобивка за системот. Тие ја одржуваат почвата во сенка, задржуваат многу влага и спречуваат од сончевите зраци да испари и онаа малку вода што ја имаме – рече Салазар.
Фондацијата што ги произведува е основана во 2020 година за да промовира зачувување и регенерација преку креативна употреба на отпадот. Косата се набавува од договори со 350 фризерници и 10 салони за средување домашни миленици низ Чиле, при што околу 2 процента од косата што се користи во теписите доаѓа од домашни миленици. Другите производи на фондацијата вклучуваат течно ѓубриво направено од рециклирана коса и апсорбент на база на коса што се користи за црпење нафта, метали и други загадувачи од водата.