Ајде да му ја исполниме желбата на Ахмети – „државотворен албански народ“ како во Уставот од 1974 година

Сите сме исто крвави под кожата. И Македонци и Албанци. Крвта ни има иста боја. И чинам никому не му паднало на ум да си ги брои крвните зрнца, кој е посупериорен од оној другиот!
Идентични сме во тагата, како и во радоста. И солзите ни се исто солени, а громогласното смеење ни е исто „заразно“ и надалеку се слуша. Сведочам дека соживотот треба да си го патентираме како автохтона придобивка и така да им ја извезуваме на странците. Како урнек на уметност на живеењето, низ вреднување на различностите. Барем така со децении моето семејство гради фамилијарни мостови со мои сограѓани Албанци. За погреби и за радосни моменти! Ние ним со црвено велигденско јајце за Христовото воскресение, тие нам со превкусна баклава за Курбан бајрам. На емпатичната прегратка и на топлите насмеани очи, најмалку им е важно дали доаѓаат од Албанец или од Македонец. Важно да се човечни, нелицемерни, да не се со нож в грб!
Ама ако господинот Ахмети баш инсистира, тогаш ајде да му ја исполниме желбата, да им се врати „државотворноста на албанските граѓани во Македонија, по мера на Уставот на СФРЈ (Социјалистичка Република Македонија) од 1974 г.“. Дека, нели, сега се невидливи!?
Или, пак, тој некој што му раскажувал и го подбуцнувал како Албанците според Уставот од 1974 г. биле државотворен народ, а сега им е одземено нешто, сега ќе треба да му објасни зошто му го скрил овој текст од тогашниот устав.

Член 1 (Глава I: Општи одредби)

„Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа, и на сите работни луѓе, и социјалистичка самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност“.
Значи, формално, Македонците се наведени како „национален народ“. Албанците и Турците се дефинирани како „народности“, кои се рамноправни со македонскиот народ, без разлика што формално не се идентификувани како државотворни народи.
Оти во спротивно, не сум сигурна дека читаме од иста книга, од истиот устав од 1974 год. со кој толку бучно се мавта, а и се мавтосува, како слово на спасот за македонските Албанци. А во тимот на лидерот на ДУИ има и професори по право, довчерашни парламентарци, чинам и еден поранешен уставен судија, сегашен пратеник, кому не знам зошто не му пречи кога неговиот коалиционен шеф заборава да спомне дека барабар со албанската народност, во тогашниот Устав на СФРЈ, е спомнато дека СРМ е држава и на турската народност, каде што тој припаѓа.
Што можат му објаснат тие на својот претседател, што значи „државотворен статус“!?
Во правна смисла, тоа е статус на народ што ја создава државата и има суверено право на самоопределување. Во СФР Југославија, такви беа шесте републички народи (Срби, Хрвати, Словенци, Македонци, муслимани (денес Бошњаци) и Црногорци). Албанците беа националност (не републички народ) – имале културни и јазични права, но не и државотворност во правна смисла.

Зошто тогаш Ахмети вели дека „беа државотворен народ“?
Да не е можеби затоа што овој политички наратив се базира на следново: „Во 1974 година, СФРЈ им даде повеќе автономија на покраините Косово и Војводина. Во Косово, каде што мнозинско население беа Албанци, тие фактички управуваа со институциите. Албанскиот јазик беше службен во неколку области, па и во Македонија во албански средини. Во овој период, се појави чувство кај Албанците дека тие се реално важен политички субјект, дел од федералната структура, и дека тие де факто се државотворни во одредени региони (особено Косово)“.
Значи, Ахмети се присетува на едно време кога Албанците имаа најмногу права во рамките на Југославија, а потоа, во 1989 г., тие права се укинаа или беа значително ограничени. Сепак, ако е искрен кон себеси, но и кон својата заедница, лидерот на албанската опозиција не ќе се служи со Уставот од 1974-та на поранешна Југославија, оти треба да биде свесен дека всушност не се повикува на буквален правен текст од тогашниот устав, бидејќи Албанците никогаш формално не биле признаени како државотворен народ во Социјалистичка Република Македонија. Наместо тоа, тој политички интерпретира еден период кога самата конструкција на уставниот текст создава впечаток на висока политичка и симболичка инклузија и рамноправност, што е клучниот елемент во неговата реторика кога зборува за „државотворен статус“ на Албанците во тој период. И точно, оваа негова политичка интерпретација е и рефлексија на перцепцијата на дел од албанските сограѓани дека низ одредени политички и уставни процеси биле маргинализирани и исклучени од процесите на одлучување, особено во предвечерјето на распаѓањето на СФРЈ.

Зошто го кажува сега тоа првиот човек на Демократската унија? Веројатно е дека сака да истакне дека Албанците изгубиле нешто што претходно (во 1974–1989) го имале, што им дава легитимитет на нивните политички барања денес. Тоа е таа реторичка стратегија – да се претстави дека Албанците некогаш биле речиси рамноправни, па биле „поништени“ еднострано. Во контекст на денешните политички дискусии (на пример, за уставни промени, симболика, јазик, идентитет и др.), ова е начин да се засили аргументот за повеќе права или симболично признавање на Албанците како државотворен народ.
Ама пострамковна Македонија е сѐ, само не Македонија на политички и општествено дискриминирани Албанци. И тие го знаат тоа, само така им одговара, поради реториката на приказната дека Македонците сѐ им одзеле! И тој филм не пропуштаат да им го репризираат на странците овде и надвор. А ако некој недоволно чита, или чита погрешни ноти, тогаш сѐ може со леснотија да се проголта.
Само ако се искрени и доблесни, особено политичарите Албанци, по малку ќе се срамат да „трубат“ дека Македонците им ги земаат работните позиции на Албанците, дека се невидливи на општествениот и политички статусен радар. Влезете во парламент, на пример. Кој „маргинализиран“ беше претседател на Собранието и, според Уставот, втор човек во државата? Кој сега раководи со парламентот? Техничкиот премиер од каде доаѓаше, потсетете ме, ве молам? Од Охридскиот договор наваму, каква беше и етничката мапа во Владата, да прашам? Каква е таа во министерствата, Врховниот суд, Судскиот совет, ЈО, директоратите, а може и по институционалните шалтери. Или, пак, најдете ги да ве демантираат, тие што ја заработуваат државната плата, а се на печалба во странство.
Одамна е 12 и пет, кога граѓанинот веќе е упатно да прави разлика меѓу реторички ќорци и вистински куршуми… се разбира, во преносна смисла! Моите пријатели Албанци, со кои и од иста чинија сме јаделе, го знаат тоа долго време. И го чувствуваат за сериозна навреда на нивниот интелект. Син ми студент има доверлив другар од Сарај и се ословуваат со брат. Редовно зема репете порција од зготвеното од рацете на мајката на другарчето од Гостивар, со кое си чуваат место во факултетската читалница. И знае на тетка Мирјета, како благодарност, да ѝ однесе внимателно одбрана бонбониера, со жиг на НАССР. Од почит!

Марија Весова новинар – политички коментатор