„Венеција 2025“: Фестивал на контрасти, емоции и големи прашања
И покрај официјалниот триумф на „Татко, мајка, сестра, брат“, филмот што ја освои публиката, но не и главната награда беше „Гласот на Хинд Раџаб“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханија. Филмот, инспириран од трагичната судбина на девојче во Газа, предизвика еден од најдолгите аплаузи во историјата на фестивалот – над 20 минути. Тој го освои гранприто од жирито, но многумина сметаат дека токму овој филм требаше да ја освои главната награда. Со ова, фестивалот покажа дека Венеција не може да остане изолирана од реалноста во светот
Годинашното издание на Венецискиот филмски фестивал јасно ја покажа тенденцијата на авторите да се занимаваат со политички и општествени прашања. Покрај Газа, беа допрени и темите на миграцијата, идентитетот и климатската криза. Венеција се претвори во огледало на современиот свет, каде што уметноста ја изразува болката, но и надежта
Годинава Венеција повторно ја потврди својата репутација како најстар и еден од најпрестижните филмски фестивали во светот. Од 27 август до 6 септември, островот Лидо стана центар на филмската уметност, каде што се вкрстија големите имиња на индустријата со новите надежи, а уметноста се испреплете со политиката и човечките судбини.
Осумдесет и второто издание на Венецискиот филмски фестивал заврши минатиот викенд. Жирито ги додели наградите за најдобрите филмови годинава. Реткиот триптих од семејни приказни на американската режисерска легенда Џим Џармуш, „Татко, мајка, сестра, брат“ неочекувано го освои „златниот лав“ во конкуренција со филмови што беа фаворити. Дури и самиот Џармуш беше вчудовиден кога ја зеде наградата на сцената.
Драмата, поделена во три дела, на интимен и суптилен начин ја истражува семејната динамика. Филмот не е спектакуларен по форма, туку тивок и длабок – нешто што е својствено за Џармуш. Неговата победа беше поздравена како триумф на независното кино во време кога блокбастерите доминираат на глобалната сцена.
И покрај официјалниот триумф, филмот што ја освои публиката, но не и главната награда беше „Гласот на Хинд Раџаб“ на туниската режисерка Каутер Бен Ханија. Филмот, инспириран од трагичната судбина на девојче во Газа, предизвика еден од најдолгите аплаузи во историјата на фестивалот – над 20 минути. Тој го освои гранприто на жирито, но многумина сметаат дека токму овој филм требаше да ја освои главната награда. Со ова, фестивалот покажа дека Венеција не може да остане изолирана од реалноста во светот.
Особено внимание привлече индиската режисерка Анупарна Рој, која ја доби наградата за најдобар режисер во секцијата „Хоризонти“ за филмот „Песната на заборавените дрвја“ – дебитантско остварување што покажа свежа перспектива и поетска визуелна моќ.
Годинашното издание на Венецискиот филмски фестивал јасно ја покажа тенденцијата на авторите да се занимаваат со политички и општествени прашања. Покрај Газа, беа допрени и темите на миграцијата, идентитетот и климатската криза. Венеција се претвори во огледало на современиот свет, каде што уметноста ја изразува болката, но и надежта.
Покрај актуелните награди, фестивалот им оддаде чест на Вернер Херцог и Ким Новак со „златен лав“ за животно дело, потсетувајќи дека традицијата и историјата се исто толку важни како и новите таленти.
Со ваков баланс меѓу класичарите, храбрите нови имиња и политички набиените теми, 82-то издание ќе остане запаметено како фестивал на контрасти: уметничка елеганција наспроти сурова реалност, интимни приказни наспроти глобални конфликти. И најважно, фестивалот покажа дека филмот сè уште има сила да отвора дијалог и да предизвикува силни емоции.
Наградата за глума „волпи куп“ им припаднаа на Тони Сервиљо за премиерата во натпреварувачката вечер на „Ла грација“ од Паоло Сорентино и на Син Жилеи за „Сонцето изгрева врз сите нас“, во режија на Каи Шангџун. Режисерот на „Машината за кршење“, Бени Сафди, ја освои наградата за најдобар режисер за филмот на „А24“, кој се емитуваше во САД во октомври. Драмата од Газа на тунискиот режисер Каутер Бен Ханија, „Гласот на Хинд Раџаб“, (што чека дистрибуција) веќе беше посочена како фаворит за победа, а тука ја освои и големата награда од жирито. Тоа е наедно и кандидатурата на Тунис за „оскар“за најдобар меѓународен филм.
Александар Пејн го предводеше жирито на натпреварот, заедно со панел во кој беа вклучени реномирани режисери, како Кристијан Мунгиу, Мохамад Расулоф, Стефан Бризе и Маура Делперо, како и актерите Фернанда Торес и Жао Тао. Во натпреварувачката селекција беа вклучени нови филмови од Парк Чан-вук, Кетрин Бигелоу, Мона Фастволд, Бени Сафди, Гилермо дел Торо, Ноа Баумбах, Џим Џармуш, Јоргос Лантимос и други.
На црвениот тепих пред церемонијата во Венеција беа видени Тони Сервиљо (ѕвездата на „Ла грација“ на Паоло Сорентино), Џармуш (режисерот на победничкиот „Татко, мајка, сестра, брат“), Каутер Бен Ханија и Сафди (режисерот на „Машината за кршење“), што значи дека сите беа предодредени да освојат нешто.
Жирито во секцијата „Хоризонти“, која е посветена на филмови од најсовремената уметничка форма, го предводеше режисерката Џулија Дукурно, заедно со италијанскиот режисер Јури Анкарани, аргентинскиот филмски критичар Фернандо Енрике Хуан Лима, австралиската режисерка Шенон Марфи и американскиот режисер Рамел Рос. Меѓу признаените филмови во таа секција беа „Розата од Невада“ од Марк Џенкин, со Калум Тарнер и Џорџ Мекеј во главните улоги, „Доцната слава“ на Кент Џонс, со Вилијам Дефо и Грета Ли, „Барио Тристе“ на Стилц, „Божествената комедија“ на Али Асгари, „Хиедра“ на Ана Кристина Бараган и други.
Наградата за најдобар филм во делот „Хоризонти“ му припадна на мексиканскиот портрет на машката желба од Дејвид Паблос, „На пат“, додека наградата за најдобар режисер му припадна на Анупарна Рој за „Песни на заборавените дрвја“, кој застана во поддршка на Палестина во емотивен говор.
Целосна листа на наградените
Златен лав: „Татко, мајка, сестра, брат“ (режија Џим Џармуш)
Сребрен лав, голема награда од жирито: „Гласот на Хинд Раџаб“ (режија Каутер Бен Ханија)
Сребрен лав за најдобар режисер: Бени Сафди, „Машината за кршење“
Специјална награда од жирито: „Под облаците“ (режија Џанфранко Рози)
Најдобро сценарио: „На работа“, Валери Донзели и Жил Маршан
„Волпи куп“ за најдобра актерка: Син Жилеи, „Сонцето изгрева врз сите нас“
„Волпи куп“ за најдобар актер: Тони Сервило, „Ла грација“
„Марчело Мастројани“, награда за најдобар млад актер: Луна Ведлер, „Тивок пријател“
Награда од публиката „Армани бјути“: „Кале Малага“ (режија Марјам Тузани)
Најдобар филм од „Хоризонти“: „На пат“ (режија Давид Паблос)
Најдобар режисер од „Хоризонти“: Анупарна Рој, „Песни на заборавените дрвја“
Специјална награда од жирито на „Хоризонти“: „Изгубена земја“ (режија Акио Фуџимото)
Најдобра актерка во „Хоризонти“: Бенедета Поркали, „Киднапирањето на Арабела“
Најдобар актер во „Хоризонти“: Џакомо Кови, „Година на училиште“
Најдобро сценарио во „Хоризонти“: „Хиедра“ (Ана Кристина Бараган)
Најдобар краток филм во „Хоризонти“: „Без Кели“ (режија Ловиса Сирен)
Лав на иднината „Луиџи де Лаурентис“, венециска награда за дебитантски филм:
„Кратко лето“ (режија Настија Корки)
Венециски класици – најдобар документарец за кино:
„Мата Хари“ (режија Џо Бешенковски, Џејмс А. Смит)
Венециски класици – најдобар реставриран филм: „Башу, малиот странец“ (режија Бахрам Бејзаие)
Mакедонската кинематографија доби заслужено внимание и признание на светската сцена
Годинава македонската кинематографија се претстави мошне впечатливо на 82. Венециски филмски фестивал. Во програмата „Хоризонти“ светска премиера имаше филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска – драмска приказна инспирирана од животот на Мајка Тереза, со меѓународна актерска екипа предводена од Нооми Рапас и Силвија Хукс. Во официјалната програма, но надвор од конкуренција, беше прикажан и документарниот филм „Силјан“ на Тамара Котевска, кој преку македонска народна бајка и современ контекст ја истражува врската меѓу човекот и природата. Со овие две премиери, македонските авторки уште еднаш покажаа дека нашата кинематографија има силен и автентичен глас на светската сцена.