Министрите за надворешни работи на Русија, Иран и Турција денеска во Женева објавија дека новата сириска уставна комисија треба да се состане на почетокот од следната година и да започне одржлив политички процес за мир.

Во заедничката изјава, што ја прочита рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по нивниот состанок со специјалниот претставник на ОН за Сирија Стафан де Мистура, се наведува дека новото тело „мора да работи врз основа на чувството за компромис и конструктивност”.

Во заедничкото соопштение се вели дека Москва, Техеран и Анкара, кои се земји гаранти на т. н. Астанински процес”, даваат позитивна оценка на резултатите од консултациите за составот на уставната комисија, јави ТАСС. Министрите за надворешни работи на Русија, Иран и Турција ја потврдиле одлучноста да и помогнат уставната комисија да почне со работа.

„Министрите се согласија да вложат напори да го организираат првиот состанок на уставната комисија на почетокот од следната година во Женева”, се наведува во изјавата прочитана од Лавров. Уставната комисија треба да биде составена од претставници на владата и опозицијата, како и група од граѓанското општество, избрани од Обединетите нации, објави ДПА.

– За да биде формирана уставна комисија за Сирија е потребна дополнителна работа – изјави денеска пред новинарите по средбата со министрите за надворешни работи од „тројката од Астана” Де Мистура.

– Јас и генералниот секретар (на ОН) сметаме дека ни претстои уште една дополнителна милја на патот кон изработката на пакет за креирање на инклузивна, која ќе предизвикува доверба и балансирана уставна комисија – рече претставникот на Светската организација, кој имаше одделна прес-конференција од тројцата министри.

– Ќе имам нови консултации со генералниот секретар во Њујорк и на 20 декември ќе поднесам извештај пред Советот за безбедност на ОН – истакна Де Мистура.

Специјалниот претставник на ОН за Сирија рече дека неговиот наследник
на функцијата Геир Педерсен ќе започне со работа во Женева на 7
јануари.