Во фокусот е западната цивилизација, драг читателу. Со неа, како што ти е познато, почнав да се занимавам по Лисабонската декларација (1992), нацифашистичка во основа, со која бевме бележани за идентитетски отстрел. Тоа во етапи на страшен политички, но и физички притисок (албанскиот тероризам 2001) и се случи во Преспа (Нивици) 2018. „Во Нова Македонија“ во неколку продолженија го имам објавено есејот „Цивилизација“ (август 2018) непосредно по нашиот евробалкански идентитетски геноцид. Денешниов текст, кој ќе има неколку продолженија, е варијација на тема. И во него ја имаме основната теза за цивилизацијата како култура и варварство, нејзиниот основен опозитен пар, за Западот јасно дефиниран почнувајќи од Римската Империја, па потоа преку средниот век со нејзините темплари, крстоносци и конквистадори, сѐ до денес, до Македонија и Преспа, каде што стаса нејзиното варварство. Во овој есеј сега ќе почнеме од 19 век, од првиот свиреж на парната локомотива на Џемс Ват, кога почна со брзо темпо да расте техничкиот и технолошки прогрес во Западна Европа на нејзините колонијалистички нации, а со тоа да се гои и златното теле на капиталот и новиот систем на колонизација и материјален грабеж на колонизираните народи под претекст дека тие се цивилизираат, духовно култивираат и демократизираат. Или, како што велеше Черчил, во нестабилни подрачја да се создаваат „стабилни системи“, заборавајќи дека Европа на двапати во 20 век со двете светски војни беше најнестабилното подрачје во светот. А и сега не е стабилна, но сѐ уште обожава да „стабилизира“ не можејќи да се откаже од нејзиниот ариевски синдром на надмоќ и културна супериорност.
Во куси црти тоа се основните симптоми на болеста на западната цивилизација, во која сега, драг читателу, ќе ја спуштиме подлабоко аналитичката сонда за да направиме рендгенска снимка и да ја обликуваме синтезата на нејзината голема слика, која е канцерозна и во распаѓање. Тоа е, како што неа ја детектиравме дијагностички уште во насловот на овој есеј, цивилизација-рана, загноена, гангренозна и раширена на сите четири страни до кај што стасала во нејзиното варварско цивилизирање под претекст дека е тоа духовно и културолошко. Нејзиниот организам е болен, со пластично срце и нагризани бели дробови, кои произведуваат заразен и непријатен здив. За разлика од азијатскиот организам, на пример, на Кинезите и Индусите, кој тие го викаат антропокосмос како органска слика на вселената. Според неа се организирани и функциите на чакрите во него со цел на спојување на земното и небесното, на индивидуалното (Атман) и космичкото Јас (Брахман).
Постојат прастари, пред Ное и потопот, предбиблиски цивилизации за кои говорат некои окултни книги и митови, како и некои езотеричари, како што се тоа Блавацка и Рудолф Штајнер. Такви се цивилизациите Лемурија во Тихи Океан и Атлантида во Атлантски Океан. Тоа биле, како што тврдат митските сведоштва за нив, цивилизации со надземно знаење, дирекно поврзани со космичката свест и енергија. Според езотериските списи, тие се служеле исклучиво со мислата не само за духовни туку и за физички, градежни операции, па така и се кревани од Атлантите со мисла големите камени блокови и се градени египетските пирамиди како некој вид кондензатори на космичката енергија, користена за разни полезни цели, меѓу другото и за лекување.
Од реално историски аспект постојните стари цивилизации што имале на еден или на друг начин врска со Европа на културолошки план, тоа била сумерската асировавилонска цивилизација на Блискиот Исток и Стариот Египет во Африка. Тука, паралелно со нив, секоја со свој културолошки идентитет и ментален склоп, се и македонската, старогрчката и римската цивилизација како европски. Од нив, само македонската е со космополитски менталитет, психа и визија, додека старогрчката и, посебно изразито, римската се етноцентрични и со жестока варварска нарав. Тоа е одлика и на психата на западниот европски човек, кој ја усвоил инстинктивно и нагонски патолошки. Тоа се рефлектира силно во сликата на западното колонизаторско варварство што трае со столетија низ светот, а денес истото тоа е присутно божем во целофанска форма на демократија и ариевски политички дух на надреденост и експлоатација кај помалите и послабите од себе народи. Тука по римската е и византиската средновековна цивилизација, Источното Римско Царство, кое, иако од почетокот фиданка на Рим, гради своја многу попитома од него ментална и културолошка цивилизациска слика, за што, колку и да го негира некој тоа, пак се заслужни Македонците во неа, иако Римјаните ги санкционирале по нивниот пораз, разделувајќи ги на четири дела и контролирајќи ги. Но духовниот космополитски културолошки македонски ерос и тука, како во антиката на Александар, се остварил во целосна духовна и визионерска светлина. Првин тука е Јустинијан роден од селото Таор близу Скопје, кој го проектирал со своите архитекти најубавото здание во Византија, црквата „Аја Софија“ во Цариград, а потоа како човек длабоко упатен во правните науки го реформирал римското право, кое според реформаторот е исправно да се нарекува и македонско. Но познато е дека Европа ништо што е македонско од древноста досега не го смета за такво. Како што се покажа тоа впрочем и со геноцидниот Преспански договор. Така. А по Јустинијан, уште една голема светлина на македонскиот космополитски и визионерски дух светна. Тоа е мисијата на Кирил и Методиј и нивните ученици, кои го описменија целиот словенски свет и го изведоа на европската културолошка сцена со необјатната енергија на неговиот цивилизациски дух.
Така стојат работите, и тоа културолошко благо им го зема на Македонците бриселска Европа и го префрла како културно-цивилизациски имот во катастарот на Бугарите, кај кои исто како кај Римјаните, Грција и колонизаторска Европа, е јасно дефиниран варварскиот, паралелно со културолошкиот, нагон на нивната колективна психа. Така. Но ние сега, драг читателу, по овие неопходни ремарки, влегуваме во полето на модерната европска цивилизација, чиј почеток, разбирливо од цивилизациски аспект, симболички и реално го одредивме со првиот свиреж на првото нејзино чудо што го повлече нејзиниот технички прогрес ‒ парната локомотива. А тука некаде, како идеален цивилизациски паралелизам, е и најпронајдокот за тоа, двофазната наизменична струја на балканскиот гениј во Америка, Тесла. Таа ја отвори епохата на машините што почнаа да го движат со неверојатна брзина индустрискиот развој, првин на Америка, а потоа и на Европа. Машините во кои беа смртно вљубени футуристите Маринети и Мајаковски дионизиски опијанети од сликата на техничкиот прогрес, кој потоа ги донесе на свет и капиталистичките тајкуни и експлоатацијата на работничката класа со клучот на „вишокот на вредноста“ кој го откри Маркс со една монументална анализа во „Капиталот“, книга над книгите, модерна Библија за болеста и раната на модерната и постмодерната денес западна цивилизација, која првин е капиталистичка, а потоа либералкапиталистичка. А префиксот либерал пред капиталистичка е всушност оксиморон, маска со која се обидува да се затскрие суровото експлоататорско лице на цивилизацијата, иако на човекот во неа не му треба либерализам, односно лажна демократија, туку леб и автентична, а не лажна култура.
Првата опасност од цивилизацијата на капиталот и профитот скриена под дебелата маска на божемната демократија и сеопшт хуманизам ја открија романтичарите. И пак поетите што си немаат друга работа па се чепкаат, според разноразните ситни специјалистички интелекти, и во проблемите на цивилизацијата, иако некогаш и тие катастрофално грешат, како што е тоа случајот со Маринети и Мајаковски, но и погаѓаат како зенбудистичките стрелци и со заврзани очи право во центарот на метата. Романтичарите први кренаа аларм дека нешто страшно се случува за човештвото, особено, во почетокот, за западниот човек, кој сѐ уште не беше свесен дека е фатен во стапицата на капитализмот и капиталот, кои го ограничија неговиот пред тоа автентичен живот. Но отрезнувањето дојде многу брзо. Како човекот на антиката, во античките трагедии на Софокле, Еврипид и Есхил, и тој инстинктивно сфати дека судбинската космичка deus ex machina е присутна и во модерната епоха во која живее тој. Но сега конкретно на земјата и во конкретната железна машина со која се користи капиталистот за негова експлоатација.
И така, гневен тој, без да ја знае вистинската причина, што ја откри подоцна Маркс, во Англија во која, како што вели Томас Мор „овците ги изедоа луѓето“ во ткајачките манчестерски работилници почнаа да ги кршат машините наместо пршлените на капиталистите. И тој акт е именуван како патолошки со зборот лудизам, со лудилото на експлоатираните работници за кои потоа капитализмот, особено неговата либералкапиталистичка варијанта, ќе најде лек за нивно зомбирање со идеологијата на подносливото елементарно преживување финансирано и од колонијалниот грабеж по светот. Индустриската западна цивилизација на профитот го искачи триумфално на сцена златното теле на капиталот, идеолошки наследник на златното теле на Евреите залутани во пустината. Тие него го поставија на пиедестал додека Мојсеј беше во мисија со Јахве на Синај, примајќи ги од него двете камени плочи со десетте божји заповеди, документот на универзалното право, кое до ден-денес човекот затрупан со илјадници правни бесмислици не го разбра. А тоа еврејско златно теле обожавано, наместо Јахве, значеше дека Евреите уште со Мојсеј (пред она што се случува со Палестина сега, неизбежна асоцијација) го загубиле патот кон Бог и Божественото. Како и западната евроколонизаторска цивилизација денес. На тоа, како што веќе рековме, драг читателу, први алармираа романтичарите. Веројатно и прв меѓу нив на таквото европско, западно златно теле укажа мојот омилен поет, раниот германски романтичар Хелдерлин, омилен посебно и на Хајдегер во неговите егзегези за битието, кој го постави драматичното прашање: „Чуму поети во скудно време“. А тоа значи: што ќе му е на човекот дух и култура во времето на богот на парите, кој го предвиде профетски германскиот поет во перспектива во време кога штотуку се зачнуваше рожбата на капитализмот. А неговото трагично визионерско предупредување беше дека набрзо под стегите на капиталот доаѓа крај на поезијата, уметноста и културата, за што има навестување и во некои апокалиптички визии на тој план кај Хегел. И покрај тоа што Гете го предвиде, ама од литерарен агол „настапот на светската култура“. Нешто, сега ми паѓа на памет, што се римува културолошки со Гоцевата визија наследена по генска духовна линија од Античките Македонци за светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“. А тука се, драг читателу, како космополитска визија за братство меѓу народите и Рациновите „Бели мугри“ што ќе ги огреат нив со неговата „куќа ‒ цел свет“ проектирана од неговата малечка и столчена Македонија, од „смачканото племе“ на Конески кое западната, сега бриселска ама и вашингтонска цивилизација целосно и безмилосно го смачка во Преспа 2018. Во јуни кога најсилно цветаат венчалните ружи за македонските љубовници и младоженци. (Дали намерно е одбран тој месец за целосна депресија на македонското идентитетско битие, иако македонските невести катаден го зачнуваат во својата утроба Богомладенецот како Марија од Назарет за свое но и за спасение на светот.) А кога станува збор за Рацин, тој е непоправлив романтичар, но истовремено и реалист и дијагностичар на болеста на времето што надоаѓаше пред неговата смрт на Лопушник со „силно светнатиот ден“ од „Копачите“. Рацин утопист докрај, но и дистопичар што во својата утопија ги виде и „црните гробови“ на работничката класа ископани за „туѓи бели дворови“.
Утопија и дистопија, визии што се рефлектираат кај Рацин. Но пред него и кај Достоевски, па и кај Ниче на свој начин, кој варварите ги смета за посреќни луѓе од луѓето на културата. А зарем не е ист случајот со таквата варварска среќа и во денешната европска цивилизација од Брисел до Вашингтон? А и во нашата жална Македонија во која веќе духот и културата наспроти политичките и економските тајкуни се ништо. И Достоевски и Рацин во крајната инстанца се утописти, кои веруваат дека „убавината ќе го спаси светот!“. Светот што е во видното поле и на филозофите со почесто дијаметрално различно сфаќање на неговата слика. Така, во таа смисла Лајбниц мисли дека овој свет е најубавиот од сите возможни светови, а непоправливиот песимист Шопенхауер дека е најлошиот од нив. И кај едниот и кај другиот не постојат средина и нијанси. Што можеме, пак, ние Македонците да мислиме тука, драг читателу, по она што ни се случи 2018 во и од оваа цивилизација во која воленс/нолес, иако не сме по нејзина ментална и душевна мерка, сме вглобени. Претпоставуваш, тука сега поблизок ни е Шопенхауер од Лајбниц. Со тоа, пак, се поставува важното прашање кој е излезот и дали постои тој од темната шопенхауеровска слика на западната цивилизација, што ја прифатија и нашите политичари безалтернативно на илузионистичкиот пат кон Европа, која со шарени лаги ја сугерира Лајбницовата слика на најубавиот свет од сите возможни светови. Западниот капиталистички и колонизаторски.
(продолжува)