Она што мора навистина да се стори е конечно да се разбие митот за европската евроинтеграција. Самиот збор „мит“ значи нешто непостојно, нешто празно во содржината и суштината и токму во тоа се претвора 20-годишниот напор на граѓаните на Македонија оваа држава достоинствено да си го заземе своето место меѓу членките на Европската Унија. Се наложува императивот македонското државно-политичко раководство да започне да ја насочува надворешната политика и пред сѐ државната евроинтеграциска политика во согласност со новите веќе долгорочни трендови во врска со ЕУ, заради постапно и „тивко“ откажување од празните и контрапродуктивни колнења пред Брисел за нашата „максимална посветеност“ кон евроинтеграциите
Митот за македонската евроинтеграција се заканува да влезе во нова, многу опасна фаза кога повторно се обидуваат да нѐ убедат како да сме недоветни и дека треба само да го промениме Уставот и биднала прикаската, ништо повеќе немало да бара Бугарија. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пред неколку дена кажа дека „разумно е да ѝ се гарантира на С. Македонија дека нема да има нови барања“. Признавајќи дека го разбира одреденото незадоволство кај нас поради многубројните чекори што веќе се направени – „промена на Уставот, знамето и името на државата“, Кошта во стилот на некаков европски учител ни ги истегна ушите и нѐ предупреди: „Ние нема да бараме ништо повеќе да се прави подоцна, но одобреното е одобрено, договореното е договорено и мора да се исполни!“
Кошта „ова морање“ и ова најново продавање „бугарско-европска магла“ го стори во содруштво со бугарскиот премиер Желјасков, но тој заборава дека нам сеќавањето не ни трае само еден ден, па да заборавиме дека највисоките бугарски државни претставници во повеќе наврати имаат кажано дека внесувањето „бугарски државотворен народ“ во македонскиот устав нема да биде прв и единствен чекор, туку оти по него ќе следуваат многу други бугарски барања. Потсетувам дека на 26 јуни 2023 година, бугарскиот претседател Румен Радев во опширно писмо до сите европски лидери и институции има нагласено дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е само прелиминарен услов, но и оти со тоа не се исцрпуваат другите услови, кои треба да ги спроведе Македонија.
На 15 февруари 2025 година, бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев на својот македонски колега Тимчо Муцунски ќе му каже дека внесувањето на Бугарите во Уставот е само првиот чекор, што ќе овозможи почеток на преговорите, по кој ќе следуваат сите други чекори зацртани во преговарачката рамка протоколите и францускиот предлог: значи, исполнување на сите барања на Бугарија за македонскиот јазик, историја и идентитет, до последната точка и до последниот збор!
Е, сега кого се обидуваат да измамат Кошта и неговите бугарски пријатели? Навистина ли мислат дека ќе им веруваме во лагите што ни ги сервираат? Чекорењето по „европскиот пат“, „поплочен“ со бугарските, а покрај нив и со грчките „идентитетско-јазични мини“ би претставувал поправо бескрајно долг пат кон пеколот за македонскиот народ. Затоа, не треба да дозволиме никакви прикаски од стилот „само сменете го Уставот и толку“!
Она што навистина мора да се стори е конечно да се разбие митот за европската евроинтеграција. Самиот збор „мит“ значи нешто непостојно, нешто празно во содржината и суштината и токму во тоа се претвора 20-годишниот напор на граѓаните на Македонија оваа држава достоинствено да си го заземе своето место меѓу членките на Европската Унија. Се наложува императивот македонското државно-политичко раководство да започне да ја насочува надворешната политика и пред сѐ државната евроинтеграциска политика во согласност со новите веќе долгорочни трендови во врска со ЕУ, заради постапно и „тивко“ откажување од празните и контрапродуктивни заколнувања пред Брисел за нашата „максимална посветеност“ кон евроинтеграциите. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е внатре во ЕУ, со аргументи предупреди дека таа е веќе во фаза на распад.
Но има и други причини поради кои мораме да се замислиме во која насока се стремиме да одиме. Во својата шокантна политичко-економска анализа со наслов „Европејците работат и гладуваат“, политичкиот аналитичар Џое Манарино во својата остра процена изнесе слика за животот и секојдневието на европските граѓани, во која речиси нема место за оптимизам. Според него, денешниот просечен жител на Европската Унија работи повеќе од четириесет часа неделно, но веднаш половина од својата заработка ја предава на државата преку даноци. „Луѓето се принудени да штедат на сè, од храна до комунални услуги, но сепак мнозина гладуваат“, посочува Манарино. Тој укажува дека покрај сериозниот пад на активноста на германското стопанство и отпуштањата на сѐ поголем број работници, драматично влошената социоекономска приказна за животот и секојдневието на граѓаните на Европа е посебно илустрирана и со примерот на Финска: во неа се зголемуваат цените на енергијата, земјата доживува сериозен пад – инвестициите паѓаат, расходите растат, а конкурентноста на домашните производи се урива.
Манарино оди чекор понатаму – тој заклучува дека ниедно цивилизирано општество не може да преживее ако ги игнорира потребите на мнозинството. Ако ништо не се промени, пишува тој, Европа ќе ги изгуби карактеристиките на стабилно општество. Колку подолго властите ги затвораат очите пред очигледните проблеми, толку побрзо обичните луѓе ќе потонат во ситуација каде што работат и гладуваат во исто време, додека гледаат како оние што не придонесуваат во системот ги уживаат придобивките. Манарино го поставува прашањето: што ќе се случи кога незадоволството на граѓаните на Европа ќе се прелее преку работ?
Еден друг аналитичар, Чеј Боус, претходно напиша дека сè повеќе обични Европејци губат доверба во „јастребите“ на власт, кои го туркаат континентот во насока спротивна на интересите на граѓаните. Боус предупредува: луѓето бараат алтернатива, додека властите честопати одговараат со репресија врз опозицијата. Сепак, како што забележува Боус, репресијата не го менува фактот дека општеството станува незадоволно, уморно и финансиски исцрпено.
Во својата анализа со наслов „Незадоволството на европските граѓани – главната закана и за самото преживување на ЕУ“, проф. д-р Андрес Родригез-Посе од Лондонската школа за економија и политички науки истакнува дека над 60 милиони граѓани се судираат со голем пад на животниот стандард и оти тоа може да предизвика „сеизмички политички последици во ЕУ“.
Игнорирањето на овие факти за ЕУ може да биде кобно за Македонија и македонските граѓани и затоа ќе заклучам: ако европските граѓани бараат алтернативи, дали не смеат да имаат и македонските граѓани други алтернативи, освен оваа и ваква лицемерна ЕУ, која врие сѐ повеќе и економски и политички и за која Орбан веќе кажа вчера дека е пред распад? Дали смееме да се залажуваме и натаму дека Европската Унија е „долината во која течат мед и млеко“ и во која „на дрвјата растат евра“, а ние ќе треба само да ги собираме?
Македонија мора еднаш засекогаш да ја затвори темата „Бугари во устав“ и да не се кокетира повеќе со тоа во стилот „бараме гаранции дека тоа ќе биде последното барање“. Зашто така секогаш ќе ни се појавуваат пред очите некои нови Коштовци, Урсули, Марти и други, кои ќе ги снема по некое време од европскиот хоризонт.
Во Пекинг се исцрта повторно и тоа силно новиот светски мултиполарен пат, по кој ние треба како држава и народ, како граѓани сите да чекориме, со сите свои политички специфичности и проткаено со македонската формула за мултилатералноста, соработувајќи со сите во светот, кои нѐ почитуваат кои сме и што сме, без уцени и услови. Митот за Европа и ЕУ се крши на парчиња, мораме и ние да се нурнеме во оваа еврореалност!
Свето Тоевски