Фото: „Нова Македонија“

Несомнено спомнувањето „лидери што знаат да решаваат билатерални прашања“ од страна на еврокомесарката за проширување во себе крие симболична порака до актуелните власти во земјите во регионот, вклучително и за Македонија, дека нема да напредуваат во процесот на евроинтеграции сѐ додека тврдоглаво опстојуваат на ставот за „европски критериуми и дебилатерализација на пристапните преговори“. Што значи тоа? Нашите соговорници имаат дециден и недвосмислен одговор при читањето на оваа и на уште една европска флоскула: Дека „актуелните европски елити сакаат аморфни лидери што би биле моделирани и обликувани по волјата на Брисел, а не по волјата на граѓаните што им го доделиле мандатот да ги решаваат прашањата од интерес на нацијата и државата!“ Но соговорниците додаваат дека се препознава, барем што се однесува на Македонија, дека „тие времиња на слепа лидерска послушност, дури и на штета на нацијата, веќе се минато“!

Бриселските елити посакуваат партнери што беспоговорно ќе ги исполнуваат нивните желби

Она што веќе одамна е повеќе од јасно е дека за Европската Унија нема да бидат доволни ниту едни реформи доколку земјите кандидатки не ги решат билатерални прашања со актуелните членки, па затоа посакуваат лидери што се подготвени на нови отстапки.
Таква порака неодамна испрати и еврокомесарката за проширување Марта Кос при обраќањето на Бледскиот стратешки форум во Словенија, на кој се собраа регионалните лидери и министри, како и високи европски претставници.
– За да можеме да ги примиме новите земји членки, тие мора да испорачаат. Потребни ни се лидери што може да ги стават реформите пред секојдневните активности, кои знаат како да решат билатерални прашања – изјави Кос во говорот на Бледскиот стратешки форум.
Несомнено спомнувањето „лидери што знаат да решаваат билатерални прашања“ од страна на еврокомесарката за проширување во себе крие симболична порака до актуелните власти во земјите во регионот, вклучително и за Македонија, дека нема да напредуваат во процесот на евроинтеграции сѐ додека тврдоглаво опстојуваат на ставот за европски критериуми и дебилатерализација на пристапните преговори. Дополнително, меѓу редови може да се насети и барањето флексибилност на лидерите и за нови отстапки, кои неминовно ќе следуваат во текот на преговарачкиот процес со Унијата.
Со други зборови, обидите на актуелните македонски власти да го ослободат преговарачкиот процес од билатералните пречки за Брисел е јалова работа, па затоа европските бирократи од другата страна на преговарачката маса бараат луѓе што ќе прифатат сѐ што се бара од нив.
Пораките од Бледскиот стратешки форум деновиве нашироко ги коментираат повеќе експерти од областа на европските политики во земјава и регионот, повеќето со заеднички став дека за ЕУ се пожелни кооперативни лидери со кои нема да имаат проблем.
– Комесарката Кос кога вели дека на земјите им се потребни лидери што знаат да решаваат билатерални прашања, очигледно мисли на еден поранешен македонски премиер, кој ги реши билатералните прашања така што ги задоволи сите барања поставени од две земји членки на ЕУ, но во исто време ја доведе сопствената држава во подредена улога. Не се работи воопшто за реформите, Македонија е отидена подалеку од сите земји кандидати, туку се работи дали ќе ги задоволиме билатералните барања на Грција и Бугарија, кои беа ставени во преговарачката рамка. Затоа ЕУ сака лидери што само ќе им кимаат со главата и ќе го исполнуваат она што се бара од нив – коментираат експертите.
Според нив, токму македонскиот пример покажува зошто ЕУ го изгуби целиот кредибилитет и зошто и натаму постои огромна недоверба во пораките што стигаат од Брисел.
– ЕУ цели седум години имаше во земјава лидери по нивен терк, кои исполнуваа сѐ што се бараше од нив. Сменија име, потпишаа идентитетско-самоубиствен договор со Бугарија и повторно земјава не ги започна пристапните преговори. Сега повторно им недостигаат такви послушници. Зошто? За да го заокружат идентитетскиот инженеринг? Ако се принципиелни, нека се држат до исполнувањето на Копенхашките критериуми, наместо да бараат лидери што ќе им ги исполнуваат нивните желби – коментираат дел од експертите.


И првиот човек на Советот на ЕУ признава дека реформите по утврдените (Копенхашки) критериуми и не се толку важни, туку нешто друго

Кошта со барање за „нов начин на размислување за минатото“, но адресата на барањето е погрешна

Несомнено, првиот човек на Советот на ЕУ забелешките за поинаков начин на размислување и за надминување на историските конфликти ги упатува на погрешна адреса имајќи го предвид фактот дека земјите кандидати немаат проблем со ничија историја, туку некои од земјите членки на Унијата размислуваат анахроно и продолжуваат да ја користат историјата како алатка за остварување на сопствените интереси

И додека еврокомесарката за проширување Марта Кос на Бледскиот стратешки форум говореше за „лидери што ќе решаваат билатерални прашања“, првиот човек на Советот на Европската Унија, Антонио Кошта, побара нов начин на размислување кај земјите кандидатки, односно надминување на историските конфликти.
Говорејќи за проширувањето во своето воведно обраќање на форумот на Блед, претседателот на Советот на ЕУ рече дека, според него, најголемиот проблем не се потребните реформи или преговорите за различни поглавја и кластери, туку дека вистинскиот предизвик кај овие земји лежи во усвојувањето нов начин на размислување, кој подразбира надминување на историските конфликти.
– Проширувањето нема да биде лесно, но ќе вреди. Тоа е најдобрата инвестиција што можеме да ја направиме за да ги помириме народите и историите и да изградиме пообединет континент. Ќе продолжиме да соработуваме со сите партнери за пристапување – порача Кошта.
Несомнено, првиот човек на Советот на ЕУ забелешките за поинаков начин на размислување и за надминување на историските конфликти ги упатува на погрешна адреса, имајќи го предвид фактот дека земјите кандидати немаат проблем со ничија историја, туку некои од земјите членки на Унијата размислуваат анахроно и продолжуваат да ги користат историските и идентитетски прашања како алатка за остварување на сопствените интереси.
Некои од домашните историчари веќе подолг период сметаат дека Европа се обидува да избрише одредени темни делови од историјата, особено оние во кои учествувале и некои актуелни земји членки.
– Постои еден тренд на ремоделирање на историјата во кој сите оние што своевремено беа на страната на фашизмот се претставуваат во поинакво светло, па затоа се барањата и ние да ја промениме историјата. Тоа е целата работа, не се работи ниту за реформите, ниту за критериумите, за ништо, туку да се прифати тој нов европски наратив. Проблемот е што за нас тоа ќе значи и идентитетско обезличување бидејќи без Илинден и АСНОМ нема да ја има ниту македонската држава. Ако ЕУ вистински се залага за нов начин на размислување и нов пристап кон историските конфликти, нека поработи со некои земји членки оти очигледно тие и натаму живеат во минатото – заклучуваат историчарите.

Сашо Таневски