Фото: З.А

Не помина ниту една седмица откако во паркот во близина на ОУ„ Кузман Јосифоски Питу“ во Кичево, беше поставена нова урбана опрема, клупи, од страна на ЈКП „Комуналец“, и истата не ја дочека ни првата седмица, а да не биде оштетена од неодговорни граѓани.

Минувачите се прашуваат на кого му пречи ред во градот и за која цел се уништува урбаната опрема која е поставена за сечие добро.

-Во нашиот град како да живеат дивјаци, бидејќи се што некој ќе го изгради, засега непознати граѓани го уништуваат без никаква причина. Тоа се случи со урбаната опрема на калето, истата судбина ја снајде и опремата поставена на кејот на реката Сушица, а најнов случај со исти последици е корнењето од темел на клупи во паркчето на улица „Борис Кидрич“, кои беа поставени пред две седмици. Граѓаните никако не можат да најдат одговор со каква цел урбаната опрема пред време го доживува својот крај – вели граѓанин кој живее непосредно до новиот парк.

Првиот човек на комуналното претпријатие Зенел Јонузи, нагласи дека тие се грижат колку што можат овие штети што побрзо да ги санираат.

-Во нашиот град продолжува една непријатна традиција на континуирано оштетување на урбаната опрема во градот. Ние се грижиме колку што е тоа можно да ја санираме опремата, која целиме во исправна состојба да им стои на располагање на нашите сограѓани – потенцира директорот на ЈКП „Комуналец“.

Можеби треба на повеќе места во градот да треба да се постават надзорни камери – посочува директорот Јонузи.

З.А