Во писмо упатено до францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот амбасадор Чарлс Кушнер го истакнува „недостигот од доволна акција“ од страна на француската влада во услови на „зголемување на антисемитизмот“ во земјата. Француското МНР ги осудува овие забелешки како „несоодветни на квалитетот на трансатлантските односи меѓу Франција и САД“. Претходно Париз го повика италијанскиот амбасадор по „неприфатливите“ коментари на вицепремиерот Матео Салвини
Амбасадорите на САД и на Италија во Франција повикани на објаснување по „неприфатливите обвинувања“ против претседателот Макрон
Овој пат обвинувањето не доаѓа од еврејската држава, туку од Американците. Амбасадорот на САД во Франција, Чарлс Кушнер, го осуди „недостигот од доволни мерки“ на францускиот претседател Емануел Макрон против антисемитизмот, повторувајќи ги критиките од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Во писмо до шефот на државата, кое го доби АФП во неделата, амбасадорот ја изрази „својата длабока загриженост за порастот на антисемитизмот во Франција и недостигот од доволни мерки од страна на (неговата) влада за борба против него“.
Во своето писмо американскиот амбасадор го повторува аргументот на Бенјамин Нетанјаху, кој во последните недели покажа невидена острина против Емануел Макрон по темата на антисемитизмот, предизвикувајќи огромни тензии. Израелскиот премиер не ја прифати одлуката на францускиот претседател да ја признае палестинската држава во септември, за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Во писмото објавено во вторникот, израелскиот лидер изјави дека одлуката на Емануел Макрон „поттикнува омраза кон Евреите на улиците“, наведувајќи список на неодамнешни антисемитски напади за да ја илустрира својата поента. Одговорот на францускиот шеф на државата беше остар, нарекувајќи ја оваа реакција „подмолна“, додека увери дека „Франција ги штити и секогаш ќе ги штити Евреите“.
Американскиот амбасадор во Париз, кој е и татко на зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, исто така ја нападна Елисејската палата. „Не поминува ден во Франција без да бидат нападнати Евреи на улиците, вандализирани синагоги и училишта, како и бизниси во сопственост на Евреи. Министерството за внатрешни работи на вашата влада забележува дека училишта биле цел на антисемитски напади“. Според него, „изјавите што го оцрнуваат Израел и гестовите за признавање на палестинската држава ги охрабруваат екстремистите, поттикнуваат насилство и го загрозуваат еврејството во Франција“.
– Денес повеќе нема простор за одложување: антиционизмот е антисемитизам, точка – инсистира дипломатот во своето писмо.
Претставникот на САД во Франција е исто така огорчен што „речиси половина од младите Французи велат дека никогаш не слушнале за холокаустот“.
– Упорноста на таквото незнаење затоа нè наведува да го доведуваме во прашање наставниот план во француските училишта – додава тој, фалејќи ги постапките на претседателот Трамп во оваа област и неговата способност да „се бори против антисемитизмот, сè додека нашите лидери имаат волја да дејствуваат“, амбасадорот на САД во Франција го повикува францускиот претседател „да дејствува решително“.
Официјален Париз смета дека се „неприфатливи обвинувањата“ кон Макрон
Кеј д’Орсеј (француското МНР) одговори преку соопштение во неделата вечер, велејќи дека „цврсто ги побива“ овие „неприфатливи обвинувања“.
– Зголемувањето на антисемитските акти во Франција од 7 октомври 2023 година е реалност што ја осудуваме и на која француските власти се целосно посветени – увери Министерството за надворешни работи.
За француската влада овие коментари од американски дипломат стациониран во Франција ја кршат Виенската конвенција од 1961 година, која ги регулира дипломатските односи и ја гарантираат „должноста да не се меша во внатрешните работи на државите“. Ваквите коментари „исто така не се соодветни на квалитетот на трансатлантските односи меѓу Франција и САД и довербата што треба да произлезе од нив меѓу сојузниците“, инсистираше Париз, најавувајќи дека ќе го повика амбасадорот овој понеделник, 25 август.
Кога Емануел Макрон објави на крајот на јули дека Франција ќе ја признае Палестина, повеќе од десетина западни земји, вклучувајќи ги Канада и Австралија, веднаш ги повикаа другите земји низ целиот свет да го сторат истото тоа. Генералното собрание на ОН, закажано за септември завршува точно на 23-ти, денот на еврејската Нова година и датумот пред кој Бенјамин Нетанјаху го повика Емануел Макрон „да ја замени слабоста со акција, смирувањето со решителност“ во борбата против антисемитизмот.
Антисемитските акти се во пораст во Франција од 7 октомври 2023 година, датумот на невидените напади на Хамас врз Израел и почетокот на војната во Газа. Контекстот е особено деликатен бидејќи Франција е дом на најголемата еврејска заедница во Западна Европа, со приближно 500.000 луѓе, како и многу голема арапско-муслиманска заедница, длабоко загрижена за тешката положба на Палестинците во Газа.
Франција ја повика амбасадорката на Италија во Франција, Емануела Д’Алесандро, „по неприфатливите забелешки“ дадени од италијанскиот вицепремиер Матео Салвини против претседателот Емануел Макрон поради неговата поддршка за испраќање трупи во Украина, изјави дипломатски извор за АФП во петокот.
Затегнување на односите меѓу Париз и Рим околу Украина по „неприфатливите“ коментари на вицепремиерот Матео Салвини
– Амбасадорот на Италија (повикан во француското МНР минатиот четврток) беше потсетен дека овие коментари се спротивни на климата на доверба и историскиот однос меѓу двете земји, како и на неодамнешните билатерални случувања, кои истакнаа силни конвергенции меѓу двете земји, особено во однос на нивната непоколеблива поддршка за Украина – изјави дипломатски извор, потврдувајќи извештај од радиото „Франс Интер“.
Запрашан за време на патувањето во Милано за можното распоредување на италијански војници во Украина по прекинот на непријателствата, како што Франција и Обединетото Кралство размислуваат да го сторат тоа, Матео Салвини му предложи на Емануел Макрон „да оди таму самиот“, односно да „стави шлем и да носи пушка“. Лидерот на антимигрантската партија Лига, близок до лидерката на француската крајна десничарка Марин Ле Пен, веќе го нарече францускиот претседател „лудак“ во март, обвинувајќи го дека ја турка Европа во војна со Русија.
Франција и Обединетото Кралство, кои ја предводеа „коалицијата на добронамерните“, размислуваат за распоредување контингенти во Украина како безбедносна гаранција за да се спречи продолжување на непријателствата откако ќе се постигне прекин на огнот или мировен договор меѓу Киев и Москва. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, од своја страна, одби да го стори тоа.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција