Илустрација: „Нова Македонија“

Што покажаа оваа политичка Европа, шефицата на Европската Унија и споменатите европски челници и какви реакции предизвикаа тие со својот разговор со американскиот лидер Трамп? Во својот уреднички коментар со наслов „Снежана и седумте џуџиња“, објавен на 20 август во италијанскиот весник „Ил Фато квотидијано“, главниот уредник Ди Марко Бертолио ќе најде асоцијации меѓу бајката за Снежана и седумте џуџиња, па за Урсула фон дер Лајен и европските лидери без пардон ќе напише дека на Трамп му отишле во посета „Снежана и седумте европски џуџиња“. Слични подбивни ставови за посетата на европските лидери во Вашингтон беа изнесени и во други угледни светски медиуми

Не стивнуваат реакциите во светските медиуми за резултатите од посетата на шефицата на ЕУ, Фон дер Лајен, и европските лидери кај Трамп

Не стивнуваат потсмевањата и иронизирањата на сметка на европските лидери што беа на средба во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обид да извршат притисок врз Трамп да даде безбедносни гаранции за Украина и да спречат територијални отстапки на нејзина сметка во полза на Русија. „Политико“ го оцени настапот на европските челници како „стратегија на хумор“.
Предводени од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Белата куќа пред седум дена отидоа францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, финскиот претседател Александер Стуб и италијанската премиерка Џорџа Мелони. Нив ги придружуваше генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Речиси сите водечки светски медиуми го забележаа „заштитниот полукруг околу Зеленски“, кој го формираа европските лидери.
– Ова беше средба на која Европа имаше можност да ги покаже својата единственост и решителност дека не е немоќна – изјави за „Дојче веле“ Алмут Мелер, директорката за европски и глобални прашања во Европскиот политички центар.

Урсула фон дер Лајен и европските лидери – „Снежана и седумте џуџиња“

Но што покажаа оваа политичка Европа, шефицата на Европската Унија и споменатите европски челници? Какви реакции предизвикаа тие со својот разговор со американскиот лидер Трамп и неговите најблиски соработници? Во својот уреднички коментар со наслов „Снежана и седумте џуџиња“, објавен на 20 август во италијанскиот весник „Ил Фато квотидијано“, главниот уредник Ди Марко Бертолио ќе најде асоцијации меѓу бајката за Снежана и седумте џуџиња, па за Урсула фон дер Лајен и европските лидери без пардон ќе напише дека на Трамп му отишле во посета „Снежана и седумте европски џуџиња“!
– Нема зборови, има само пцости, со кои би можел да се опише бедниот крај на оваа „Европа“ – празен збор, кој ја опишува школата на какофонични (какофонија, разногласие – н.з.), непромислени, но за жал не и неми мекотели. Бидејќи 27-те членки на ЕУ-клубот не можат да се договорат ниту околу своите имиња, настапуваат во екстравагантни „формати“ како Коалиција на подготвени, како помалку-повеќе „волни“ – реагира Бертолио жестоко и со исмевање на „волните Европејци – мекотели“, како што ги означува во својот коментар.

Европските лидери пред Трамп – „ученичиња собрани околу учителот“!

Во својата колумна со наслов „Европа клекната на колена пред Трамп во Вашингтон“, објавена во „Евроњуз“ во петокот, Ашок Свејн, професор по студии на мир и конфликти во Универзитетот во Упсала, Шведска, со иронија напиша дека во Вашингтон кај Трамп беа отидени челниците на земјите членки на ЕУ како „ученичиња што се наредиле во полукруг пред директорот на училиштето, стасани да го молат“!
– Сликата беше впечатлива и понижувачка. Таму седеа европските лидери, наредени во полукруг, како ученичиња пред директорот на училиштето. Симболиката не можеше да биде појасна: Европа дојде не како рамноправен партнер, туку како молител. Ова не беше демонстрација на стратегиска сила, туку на постојаната зависност на Европа од Соединетите Американски Држави – констатира професорот Свејн во својата колумна.
Тој ги означува сегашнава политичка Европа и Европската Унија како „безбедносен протекторат на Соединетите Американски Држави“.
– Европа не отиде во Вашингтон за да преговара со Америка како партнер, туку да го моли Трамп да не склучува едностран договор за Украина со Путин. Без Америка, ЕУ не може да направи ништо. Европа нема ниту резерви од оружје, ниту дипломатска тежина, ниту политичко единство сама да ја одврати Русија. Европскиот континент сè уште се потпира на американското разузнавање, на американската огнена моќ и лидерство. Наводната европска сила за убедување е најобичен театар. Европа само беспомошно гледа и длабоко се понижува, инсистирајќи на „стратегиска автономија“. Но се однесува како безбедносен протекторат на Соединетите Американски Држави! Макрон може да „грми“ дека не покажува слабост кон Русија, но слабоста што се покажува е зависноста на Европа од американската волја – нагласува овој безбедносен и политички експерт од Шведска во врска со исходот од средбата на челниците на ЕУ со Доналд Трамп.

„Макрон, Стармер, Мелони, Фон дер Лајен, Мерц се човеколики џуџиња
– гноми“!

Пензионираниот аналитичар на ЦИА и разузнавач Реј Мекгаверн од Соединетите Американски Држави во својата анализа со наслов „Трамп и седумте џуџиња“, објавена дека на 19 август 2025 година во „Конзорциум њуз“ – платформа за независно истражувачко новинарство и политички анализи, ги нарече Макрон, Стармер, Мелони, Урсула Фон дер Лајен и Мерц „човеколики џуџиња – гноми“!
– Не мислам дека претседателот Доналд Трамп е Снежана, ниту сум „во џебот на Путин“, но доаѓањето на седумте европски лидери кај Трамп беше „Марш на гномите“, за да го поддржат Володимир Зеленски. А градинарските гноми, или џуџиња, ќе ми простат, зашто нив немав навреда да ги навредам! – напиша Мекгаверн.
Тој ги нарече Макрон, Стармер, Мелони, Урсула Лајен и Мерц „гноми“, што е израз за митолошки мали човеколики суштества, кои живеат под земја!
– Седумте европски џуџиња мораа да си заминат крадешкум. Дали ќе се осмелат конечно да му кажат на Зеленски дека не можат да ја поткрепат својата реторика со потребното оружје и финансиска поддршка? Ќе потрае некое време, но на крајот ќе мора да го сторат тоа – наведе Реј Мекгаверн во својата статија во „Конзорциум њуз“.
Угледниот европски аналитички портал „Политико“ во обемна анализа на четворица автори со наслов „Европа мисли дека ќе пропаднат мировните преговори на Трамп“, објавена минатиот вторник, изнесе исто така остра оценка за настапот на европските лидери кај Трамп во Вашингтон, велејќи дека „нивната стратегија била хумор“.
– Европските лидери не веруваат дека Владимир Путин е искрен во врска со мировниот договор – па затоа нивната стратегија е да настапат со хумор и фалење кај Доналд Трамп, за да сфати и тој дека ќе треба да биде построг кон Кремљ – се нагласува уште во воведот на анализата на „Политико“.

Свето Тоевски