Со мала свеченост на која присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, претставници на канцеларијата на Европската унија и други гости, беше предаден во употреба првиот млекомат во Македонија. На свеченоста министерот Трипуновски истакна дека ова е прв ваков апарат во земјава, кој ќе му служи на локалното население, и во иднина министерството ќе продилжи да подржува вакви иницијативи во соработка со кацеларијата на ЕУ во земјава.
За оваа инвестиција и за земјоделската задруга Крнино, зборуваше претставникот на земјоделската задруга, Станоја Станојоски.
-Земјоделската задруга „Крнино“ беше корисник на грантот за поддршка, модернизација и иновативно управување во земјоделскиот сектор финансиран од ЕУ од ИПА-2019 програмата. Проектот започна да се реалзира од февруари 2023 година и заврши во мај оваа година, а помошта беше поделена на два лота. Доби млекомат и средства за модернизација на постоечките капацитети за производство на млечни производи од кравјо и овчо млеко, лактофризер со капацитет од 650 литри, комплет линија за молзење на шест крави во еден турнуз, котларница за пастеризација на млеко и утоварач за ѓубре – посочи Станојоски.
Гостите во текот на денот го посетија манастирот и разговараа со сестринството на манастирот „Богородица Пречиста“.
-За прв пат во Македонија манастирот „Богородица Пречиста“, познат по својата долга и развиена сточарска дејност, се погрижи жителите на Кичево и околината да имаат можност да набавуваат свежо органско кравјо млеко директно од манастирската фарма. Повеќе годишното искуство во сточарството и млекарството на жителите во манастирот, донесе голем раст во поглед на модернизација на зајакнувањето на земјоделските задруги меѓу кои една се наоѓа токму над градот Кичево на 1.000 метри надморска височина,„Крнино“ – истакнаа од манастирот. З.А.