Тодор Донев Чопов

По расцепот меѓу раководителите на Привременото претставништво, доаѓа до распаѓање на широкото движење на Македонците во Бугарија. Во немирните години на внатрешни пресметки што следуваат, Тодор Чопов преживува неколку атентати. Во 1922 година, тој ѝ се приклучува на групата што ја предводи серскиот војвода Алексо Василев. Во учебната 1922/1923 година, станува договорен учител во Дреново, што му овозможува, покрај револуционерната, да има време и за литературна творечка дејност

Знаменитостите на Македонија

Тодор Донев Чопов е македонски револуционер, анархист, просветен, театарски и литературен деец. Тој е внук од сестра на Гоце Делчев. Уште како гимназијалец се вклучува во тајните социјалистички кружоци. Со леви и анархистички убедувања учествува во македонското ослободително движење. По завршувањето на Првата светска војна, Тодор Чопов му се приклучува на Привременото претставништво на поранешната ВМРО и станува член на управата за Горна Џумаја, која во 1919 година објавува „Повик до Македонците“. Младиот интелектуалец се залага за спроведување на идеите и акциите за создавање „Автономна Македонија како обединитела алка на идната Балканска федерација“. Убиен е за време на Септемвриското востание од припадници на ВМРО, како една од многуте нејзини жртви. Тодор Чопов оставил скромно, но значајно објавено и необјавено литературно наследство: 15 раскази, две повести, драма, песна во проза и стихови. Во 1982 година, издавачката куќа „Мисла“ издава негови собрани творби на македонски јазик.

Рани години

Тодор Чопов е роден кон крајот на февруари, или почетокот на март, во 1892 година, во Кукуш. Тој е син на фурнаџијата Доне и мајката Руша, сестра на Гоце Делчев. Со неговите тројца браќа и три сестри: Владимир (Мирчо), Туше, Ристо, Велика (Лика), Ленка и Магда, Тодор расте во револуционерно семејство, целосно посветено на македонската револуционерна борба. По завршувањето на третиот прогимназијален клас во Кукуш, образованието го продолжува во Солунската машка гимназија. Задоен со патриотски и револуционерен дух, тој уште како гимназијалец се вклучува и станува еден од водачите на тајниот македонски кружок.
Во летото 1908 година, Чопов го поминува распустот во своето родно место. По завршувањето на Младотурската револуција во која учествува и МРО, постариот брат Владимир се враќа од четата и му раскажува на младиот Тодор за животот и жртвите на македонските револуционери дадени во борбата за ослободување на Македонија. Восхитен од тоа што го слуша, помалиот брат се заколнува дека ќе ги следи делата на славниот вујко и другите македонски дејци.
Во септември истата година, како ученик во петтиот клас, Чопов учествува во бунтот против егзархиската управа на Солунската машка гимназија. Тој е еден од организаторите на учениците што јавно манифестираат низ градот, а кога вооружениот стражар се обидел да го спречи влегувањето на учениците во интернатот, Чопов му го одзел пиштолот. По бунтот, како еден од водачите, заедно со неколку соученици бил исклучен од Солунската машка гимназија.

По стапките на својот вујко

По препорака на Јане Сандански, Тодор бил назначен за учител во пиринското село Оштава. Таму ги учел децата и возрасните да читаат и пишуваат, како и за историјата на македонското револуционерно дело. Тој им читал книги и весници во кои се опишувале ликовите на познатите револуционери како Делчев, Груев, Сандански и др. По контрареволуционерниот преврат во Цариград во 1909 година, Тодор Чопов се обидува да им се приклучи на македонските доброволци што ги поддржуваат младотурците. Тргнал пеш, но успеал да стигне само до Сер.
По започнувањето на Првата балканска војна во октомври 1912 година, со верба дека конечно дојде времето за ослободување на Македонија, насекаде во земјата се формираат доброволни одреди. Доброволен одред се формира и во Кукуш, а во него влегуваат преостанатите членови од Делчевото семејство. Прв се пријавил братот на Гоце, Христо Делчев, па Тодор со брат му Туше и мајка им Руша. Сите заминуваат на фронтот каде што се наоѓа и постариот брат Владимир (Мирчо) Чопов и активно учествуваат во Првата балканска војна.
Но наместо да се борат во Македонија, испратени се на Одринскиот фронт. На почетокот на Втората балканска војна, Тодор Чопов одново се пријавува како доброволец во одредот на Васил Чакаларов, кој се бори на страната на бугарската војска. Како и другите македонски револуционери, повторно верувајќи дека се борат за конечно ослободување и обединување на Македонија, Чопов учествува во битките што одредот ги води против српската и грчката војска. Во војната, градот Кукуш бил целосно изгорен, а неговото семејство, кое по пожарот останува без основни средства за егзистенција, пребегнува во Софија каде што се соочува со беда и сиромаштија.

Доследен на македонските идеали

Во Софија, Тодор Чопов се соочува со тешките премрежиња што ги поминува неговото семејство. Со помош на бугарскиот поет и македонски револуционер Пејо Јаворов, близок пријател на семејството Делчеви, Чопов се вработува со Централната пошта во Софија. Подоцна настаните ќе ги опише во расказите „Бегалци“ и „Војна“. По започнувањето на Првата светска војна, во март 1915 година семејството на Доне и Руша Чопови се преселува во Горна Џумаја. Таму Чопов работи како телеграфист и тутунар, а заради школување во Софија остануваат само неговата сестра Лика и неговиот брат Владимир (Мирче), кој бил бугарски војник. Подоцна браќата Туше и Мирче биле испратени на фронтот, каде што Мирче загинува.
Во периодот од 1916 до 1917 година, Чопов формира театарска група и бил главен иницијатор за обновување на некогашното читалиште „Согласие“. Со дозвола од надлежното министерство, под раководство на Чопов, младите македонски ентузијасти ја пренамениле полуразрушената џамија во центарот на градот во дом на културата со читалиште, а тој бил избран за претседател. Во рамките на читалиштето била формирана библиотека, а тој за потребите на групата забрзано пишувал раскази и драмски текстови за војната и настаните. Чопов истовремено бил претседател, актер и режисер.
Набрзо станува омилен во сите средини во градот. Се зближува со Ромите, го учи нивниот јазик и работи на нивно образование како основа за надминување на нивната маргинализација. За таа цел подготвувал ромска граматика со азбука што сам ја составил. По завршувањето на Првата светска војна, Тодор Чопов му се приклучува на Привременото претставништво на поранешната ВМРО и станува член на управата за Горна Џумаја, која во 1919 година објавува „Повик до Македонците“. Младиот интелектуалец се залага за спроведување на идеите и акциите за создавање „Автономна Македонија како обединитела алка на идната Балканска федерација“.
По расцепот меѓу раководителите на Привременото претставништво, доаѓа до распаѓање на широкото движење на Македонците во Бугарија. Во немирните години на внатрешни пресметки што следуваат, Тодор Чопов преживува неколку атентати. Во 1922 година, тој ѝ се приклучува на групата што ја предводи серскиот војвода Алексо Василев. Во учебната 1922/1923 година, станува договорен учител во Дреново, што му овозможува, покрај револуционерната, да има време и за литературна творечка дејност.
По решението за востание под раководство на БКП, во Горна Џумаја се формира револуционерен комитет и Чопов станува командир на одделение во востаничкиот одред. Веднаш по започнувањето на востанието на 23 септември 1923 година, горноџумајскиот одред предводен од Коста Сандев и Тодор Чопов се упатува кон Дупница. Одредот бил запрен од заседа пред Дупница, а по веста дека востанието во градот било загушено, дел од одредот се враќа кон Горна Џумаја. Сите тие ќе доживеат трагична судбина. Како делегиран преговарач со околискиот војвода на ВМРО, Ангел Коларов, на 25 септември 1923 година Чопов е уапсен. Одведен е во Горна Џумаја и по два дена е стрелан со други левичарски активисти на падините на Рила по наредба на Тодор Александров. Д.Ст.