Македонското џудо постепено, но сигурно остварува континуитет со настапите на големите меѓународни настани во странство, но и кај нас, а она што е уште позначајно, освојува и медали

ЏУДО

Македонската репрезентативка во џудо и членка на клубот Дрим од Струга, Анамарија Стојмиловска, е единствената македонска претставничка што ќе настапи на Светското првенство (СП) за кадети, од среда во Софија (Бугарија). Неа ја придружува личниот тренер Ѓорѓија Стојанов од клубот Дрим. На Стојмиловска, која ќе се бори во тежинската категорија до 48 кг, ова ќе ѝ биде последна година на настапи во оваа возрасна категорија.
– Светското првенство во џудо за кадети е еден од најважните настани во младинскиот спортски календар, на кој настапуваат најдобрите млади џудисти од целиот свет. За Анамарија, ова е голема шанса да стекне искуство, да се натпреварува со врвни противници и да покаже што значи да се биде вистински спортски амбасадор на својата земја – велат од македонскиот табор.
Македонското џудо постепено, но сигурно остварува континуитет со настапите на големите меѓународни настани во странство, но и кај нас, а она што е уште позначајно, освојува и медали. Годинава во Македонија се одржа ЕП за кадети (26-29 јуни), потоа ЕП за јуниори во Скопје (2-3 август), на кое членката на ЏК Миоки, Ива Богдановска, постигна огромен успех, освојувајќи бронзен медал во категоријата до 63 кг. Беше одржан и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ 2025), каде што, исто така, беше застапено и џудото.

Македонската јуниорка, членка на клубот Преспа, Лилјана Недановска (до 57 кг) на Балканското првенство за јуниори (до 21 година), во Едрене (Турција), се закити со бронза, што е голем успех. На европски турнир за џудо-надежи, пак, кој неодамна се одржа во Ѓер (Унгарија), членката на ЏК Миоки, Емилија Паскоска, во категоријата до 44 килограми, постигна голем успех, освојувајќи бронзен медал. Да не заборавиме дека и минатата година овој месец, Борјана Поп Атанасова во категоријата над 78 кг освои бронза на Европскиот јуниорски џудо-куп во Скопје, што е значаен успех за македонското џудо…
Џудо-федерацијата на Македонија, на чело со претседателот Владимир Трпаноски, повторно се подготвува да биде домаќин, овој пат на Европскиот куп за сениори, на 20 и на 21 септември во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, на кој повторно македонските љубители на спортот ќе бидат сведоци на возбудувања на татамите, на кој ќе присуствуваат квалитетни џудисти со врвна техника. Сето ова е само нов сигнал дека Скопје пак, но сѐ посилно, почнува да пулсира во знакот на џудото. Г.И.