Лажна теза и фингирани наративи

Во текот на еден век излегоа повеќе бугарски написи и академски студии за Мисирков, но бугарските интелектуалци не успеаја да одговорот на прашањето дали Мисирков е бугарски патриот или бугарски предавник. Одговор на ова прашање нема да добиеме, затоа што самата теза уште од самиот почеток е погрешно поставена. Таа е лажна! Мисирков не може да биде ниту бугарски патриот ниту бугарски предавник од едноставна причина што не е Бугарин, туку е Македонец! Некој може да ни противречи на напишаното, но Мисирков уште во 1925 година кажа: „Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“. Сега бугарските интелектуалци слободно нека се обидат да докажуваат дека Мисирков е бугарски патриот или бугарски предавник, но сепак ќе биде како во поговорката млати празна слама, односно зборува многу, но без содржина

Истакнатиот филозоф Никола Милошевиќ велеше дека „никому досега не му успеало своите идеи да ги изложи на начин целосно хармоничен и кохерентен, лишен од сите можни противречности“, како и дека постои „само стремеж кон логична доследност што одделни мислители го остваруваат, помалку или повеќе, успешно“. Не смееме да забораваме дека кога се пишува одреден текст, без разлика дали станува збор за есеј, статија или академска студија, тезата е ’рбетот на секој сериозен текст. Но што всушност е тезата? Таа е основната идеја или тврдење околу кое се гради напишаниот текст, таа е патоказ што им покажува на читателите што да очекуваат, но и патоказ на истражувањето и аргументите. Со други зборови, во еден есеј или статија тезата е концизна реченица или две што јасно го изразуваат главниот аргумент или поента на есејот, а сѐ во есејот треба да се однесува на таа идеја. На овој начин читателите ја разбираат главната поента на текстот бидејќи аргументите се организирани и кохерентни.
Но понекогаш се појавуваат контрадикторни тези, тези во кои идеите се судираат, перспективите се разминуваат и опсегот на темата се заплеткува. Понекогаш тоа се случува затоа што при анализирањето одредени податоци може да се дојде до спротивни заклучоци или поради преголема генерализација на нештата. Меѓутоа не секогаш противречните тези може да се објаснат на овој начин. Некојпат во недостиг од аргументи се прават конструкции што сами по себе се поништуваат сѐ со цел да се оправда одредено тврдење.
Совршен пример за ова се повеќевековните бугарски тези за ликот и делото на македонскиот великан Крсте Петков Мисирков. Не можејќи да се соочат со вистината што тој ја проповедаше, односно дека македонскиот народ има сопствени народносни особености и дека е различен од бугарскиот или српскиот народ, разни бугарски историчари, дипломати, новинари или академици му лепеа етикети за да го деградираат или релативизираат неговото дело. На тој начин бугарските ставови за Мисирков не само што се нехармонични и некохерентни туку се и лишени од секаква логична доследност. Затоа истовремено за Мисирков можеме да прочитаме бугарски ставови што сами по себе се контрадикторни и си противречат. Оттука, за Мисирков можеме да прочитаме дека тој е голем бугарски патриот и славист, кој ги истражувал бугарските дијалекти, но и дека е бугарски предавник, кој ги мразел Бугарија и бугарскиот народ.
Совршено е јасно дека овие две бугарски тези си противречат! Крсте Петков Мисирков може да биде бугарски предавник или бугарски патриот, не може да биде и едното и другото. Меѓутоа на бугарските историчари, научници или академици не им е важна логичноста или доследноста на мислата, туку, напротив, тие за ликот и делото на Мисирков пишуваат во согласност со бугарските политички позиции. Доколку денес треба Мисирков да се фали, тогаш тој е истакнат славист или патриот, а доколку утре треба да се куди, тогаш тој е предавник. Во недостиг од аргументи и неможност да се побијат јасните Мисиркови гледишта, бугарското интелектуално општество секогаш жонглирало надевајќи се дека ќе ја прикрие вистината за нашиот македонски великан. Но, сепак, ќе биде како во поговорката млати празна слама, односно зборува многу, но без содржина.

Во текот на еден век излегоа повеќе бугарски написи и академски студии за Мисирков, но бугарските интелектуалци не успеаја да одговорот на прашањето дали Мисирков е бугарски патриот или бугарски предавник. Одговор на ова прашање нема да добиеме, затоа што самата теза уште од самиот почеток е погрешно поставена. Мисирков не може да биде ниту бугарски патриот ниту бугарски предавник од едноставна причина што не е Бугарин, туку е Македонец! Некој може да ни противречи на напишаното, но Мисирков уште во 1925 година кажа: „Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив.“ Сега бугарските интелектуалци слободно нека се обидат да докажуваат дека Мисирков е бугарски патриот или бугарски предавник, но сепак ќе биде како во поговорката млати празна слама, односно зборува многу, но без содржина.

На самиот крај, бидејќи сакаме многу да филозофираме, ќе завршиме со Хегеловата дијалектика или Хегеловиот дијалектички метод, како и неговите мисли за тезата, антитезата и синтезата. За Хегел, процесот на размислување е динамичен, а противречностите не се ќор-сокак, туку движечка сила. Оттука, тезата е концептуална гледна точка што тврди одредено нешто, а антитезата е директна негација што ги открива нејзините ограничувања. Истовремено синтезата е решавање на судирот помеѓу тезата и антитезата, формирајќи повисока, посеопфатна идеја. За да биде појасно за читателите, доколку Хегеловата дијалектика ја примениме за бугарските и македонските работи, главната теза ќе биде дека Македонците се Бугари, а антитезата ќе биде токму Мисирков, бидејќи тој е директна негација на бугарските тврдења. Од оваа теза и антитеза произлегува и една синтеза, а тоа е македонската држава, која е заштитник на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн.