Министерството за економија и труд преку Агенцијата за вработување го објави јавниот повик за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“, која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
Со оваа мерка, се овозможува вклучување на 200 невработени лица – активни баратели на работа, кои ќе бидат вработени во микро, мали и средни претпријатија што ќе инвестираат во зелени технологии, производи и процеси, се вели во соопштението од Министерството за економија и труд.
Финансиската поддршка се доделува во вид на неповратни грантови од 250.000 до 750.000 денари, зависно од бројот на новоотворени работни места:
-250.000 денари за едно ново вработување,
-500.000 денари за две нови вработувања,
-750.000 денари за три нови вработувања.
Преку оваа поддршка, компаниите ќе можат да финансираат набавка на нова опрема и машини, софтвер и лиценци, опрема за обновливи извори на енергија, како и материјали за енергетска ефикасност.
Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија од приватниот сектор кои ги исполнуваат условите предвидени во јавниот повик, со приоритет за компании од секторите: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, снабдување со вода и управување со отпад, градежништво и транспорт.
Јавниот повик е отворен до 1 септември 2025 година. Заинтересираните работодавачи можат да се пријават во центрите за вработување секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. Условите, правата и обврските помеѓу АВРСМ, УНДП и претпријатијата на кои им е одобрена неповратна финансиска поддршка ќе бидат уредени со склучување на меѓусебни договори.
Претпријатието има можност да додаде сопствени средства кон доделената финансиска поддршка за набавка со повисока вредност.
Детални информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување www.av.gov.mk, како и на официјалните контакти на УНДП.