
Вчера беше предвидено повеќе европски лидери, меѓу кои Емануел Макрон, Урсула фон дер Лајен, Фридрих Мерц и Кир Стармер, да го придружуваат украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон, каде што требаше да биде примен од неговиот американски колега Доналд Трамп
Дилеми во Брисел за тоа што да прави ЕУ за Украина: Да попушти пред Трамп или да не попушта пред Путин?
Два дена по средбата во Алјаска меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин – која не успеа да доведе до договор за прекин на огнот и покрај амбициите на американскиот претседател, но на која се воспостави заедничка рамка Трамп-Путин, во која ќе се преговара за конечен мир – европските лидери, исфрлени од игра, се обидуваат да се вратат во рамката, издвојувајќи го нивното становиште дека „без Европејците, а посебно без Киев не може да има одржливо решение на украинскиот судир“.
Зеленски во Вашингтон
Поканет од Трамп да се сретне со претседателот на САД во Вашингтон, Володимир Зеленски овој пат ќе биде придружуван од неколку негови колеги. Тие се надеваат дека ќе избегнат повторување на фијаското што го обележа претходниот состанок меѓу двајцата шефови на држави, минатиот февруари, во Овалната соба.
– По барање на претседателот Зеленски ќе учествувам на состанокот со претседателот Трамп и другите европски лидери во Белата куќа – објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на состанокот во Вашингтон. Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, италијанската премиерка Џорџа Мелони, британскиот премиер Кир Стармер и финскиот претседател Александар Стуб, исто така, го потврдија своето присуство во Вашингтон.
Што се надеваат да постигнат, со оглед на тоа што сега се водат преговори меѓу Москва и Белата куќа и се чини дека се оддалечуваат сè повеќе од почетните позиции на Европа, се прашува париски „Фигаро“. Сведени на статус на повеќе или помалку непоколебливи „поддржувачи“, но сега обезбедувајќи го поголемиот дел од воената помош на Украина, европските земји „одат по тенко јаже“. Тие се растргнати меѓу желбата да го одржат притисокот врз Москва – ЕУ објави дека работи на деветнаесетти пакет санкции против режимот, закажан за септември – и загриженоста да не го навредат Доналд Трамп со тоа што ќе изгледа премногу отворено дека се спротивставува на неговите мировни напори, без да прави премногу отстапки кон Владимир Путин.
Коалицијата на подготвените преку видеоконференција викендов ги утврдуваше своите следни потези надевајќи се дека ќе се слушне нивниот глас
Во пресрет на судбоносната средба во Вашингтон, Европејците се обидуваа да се организираат. Емануел Макрон, Кир Стармер и Фридрих Мерц ги свикаа сите 31 земја од таканаречената Коалиција на подготвените преку видеоконференција во неделата за да ги подготват следните фази од мировните преговори. Создадена во март годинава, оваа коалиција ги вклучува повеќето од главните европски држави, како и Турција, Канада и претставници на Европската Унија. Украинскиот лидер, кој беше во Брисел оваа недела, учествуваше на состанокот.
Европејците се надеваат дека ќе се слушне нивниот глас за три различни прашања: природата на безбедносните гаранции што ѝ се нудат на Украина, одржувањето трипартитен состанок со Москва, Киев и со Вашингтон и територијалните отстапки што ги бара Русија. Трамп сега сугерира дека неговата земја би можела да придонесе за обезбедување безбедносни гаранции. На Украина, наводно, ѝ се нуди клаузула за колективна безбедност од страна на некои од нејзините западни партнери, донекаде во согласност со членот 5 од Северноатлантскиот договор, во случај на обновен напад. Другите две прашања се во фокусот на несогласувањето. Русија досега одбиваше да ја разгледа идејата за средба со својот украински колега. Веројатно нема да направи компромис во својата желба да ги задржи повеќето од териториите окупирани од нејзината армија.
По состанокот на коалицијата, неколку европски лидери ја повторија својата поддршка за Киев, уште еднаш нагласувајќи ја потребата да се одржи или дури и да се „зголеми“ притисокот врз Русија и да се добие гаранција дека Украина ќе биде целосно вклучена во дискусиите поврзани со нејзината територија. Ова е тешка задача во време кога Москва не покажува знаци на попуштање. Путин дури успеа да го придобие американскиот претседател за некои од неговите барања. Во петокот, Трамп се чини дека се откажа од својата првична намера за воведување моментален прекин на огнот.
Трамп: Најдобриот начин да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина е директно да се премине кон мировен договор
Во објава на својата социјална мрежа Трут соушл, американскиот претседател изјави дека „најдобриот начин да се стави крај на ужасната војна меѓу Русија и Украина е директно да се премине кон мировен договор, кој би ја завршил војната, а не едноставно кон договор за прекин на огнот, кој често не држи“. Овој аргумент досега беше поддржан исклучиво од Москва, која знае дека е во силна воена позиција – додека Украинците бараат прекин на борбите за да се завршат мировните преговори.
Дали европските лидери би биле подготвени да го признаат рускиот напредок? Додека тие упорно одбиваат да признаат какви било насилни промени на границите, нивната реторика суптилно се префрли за да ја одложат конечната одлука на украинските лидери.
– Украина мора да го зачува својот територијален интегритет. Границите на земјите не можат да се менуваат. Ова е одлука за Украина и само за Украина. Не може да се донесе еднострано – изјави претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен во неделата, по билатералната средба со Зеленски.
Таа на тој начин се воздржува од одобрување на барањата на Москва, кои ефикасно бараат отстапување на Донбас и замрзнување на фронтот во регионите Херсон и Запорожје, без, сепак, целосно да ја исклучи можноста за признавање на рускиот суверенитет над дел од окупираните територии, под претпоставка дека ова е договорено и прифатено од Украина.
Зеленски го потенцира украинскиот устав
Володимир Зеленски засега одбива да чуе за тоа. Лидерот се повикува на украинскиот устав, кој забранува какво било отстапување територии.
– Путин го напаѓа Донбас дванаесет години. Територијалното прашање може да се дискутира само на трипартитен состанок, што во моментов не е на дневен ред – изјави тој.
Емануел Макрон во неделата изјави дека Владимир Путин „не сака мир“, туку „капитулација“ од Киев, додавајќи дека „не може да има територијални дискусии за Украина без Украинците“ ниту „дискусија за безбедноста на Европејците без нив“. Во изненадувачка објава на својата социјална мрежа во неделата попладне, американскиот претседател Трамп објави „голем напредок“ со Москва.
– Останете со нас! – напиша тој, без дополнителни детали.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција