Споменици

По која логика во имињата на политичките партии се додава етнички предзнак ако таа партија треба да работи во интерес на сите граѓани? Впрочем, секоја партија кога добива пари од буџетот ги добива од сите граѓани, а не само од македонската, албанската, турската, српската, влашката, ромската или од друга заедница. Затоа и треба да работат за сите наместо со своето дејствување да се обраќаат само кон одредена група граѓани и да мотивираат општествена сегрегација и да го поткопуваат унитарниот карактер на државата

Македонските граѓани, барем најголемиот дел од нив, цел живот домаќински планираат како да го истуркаат месецот до крајот, како да ги платат сметките, како да обезбедат добро образование за своите деца, да имаат квалитетна здравствена грижа, да дишат чист воздух, да имаат вода за пиење, да живеат во средена урбана средина каде што нема да се грижат за сметот, пожарите, неефикасната администрација, лошото судство…
Сето ова погоре наведено е поради акумулиран децениски континуитет на предизвици и проблеми на граѓаните, кои сега се предмет на офанзивен приод за нивно амортизирање или целосно решавање. Но последиците од тие проблеми сѐ уште болно се чувствуваат. Многумина, по линија на помал отпор, бегаат од државата… Со повеќето што сум имал можност да поразговарам пред да си ги спакуваат куферите ми го имаат кажано истото: Македонија е прекрасна земја, штета што внатре работите не функционираат, затоа си одиме. Странците, пак, никако да сфатат како во една толку убава земја не може да се најде некој што конечно ќе почне да ги решава проблемите и ќе направи од Македонија не пристојно, туку прекрасно место за живеење.
Кога некој сето ова ќе ви го каже отворено, јасно е дека македонските граѓани, без оглед на нивната етничка припадност, се соочуваат со истите маки, па затоа решенијата треба да бидат сеопфатни и да се однесуваат на сите, а не само на една етничка заедница или на одредена општина каде што тие се мнозинство.
А токму тоа го прават веќе со децении најголем дел од политичарите во албанскиот политички кампус, кои секогаш детектираат проблеми со кои се соочуваат само македонските Албанци, но не и другите што живеат во државата. Другите воопшто не ги интересираат, како да живееме во паралелен свет, едни покрај други, а не едни со други.
И тоа е така, без оглед колку некој да се правда и да вели дека не е така. Прво, по која логика во имињата на политичките партии се додава етнички предзнак ако таа партија треба да работи во интерес на сите граѓани? Впрочем, секоја партија кога добива пари од буџетот ги добива од сите граѓани, а не само од македонската, албанската, турската, српската, влашката, ромската или од друга заедница. Затоа и треба да работат за сите наместо со своето дејствување да се обраќаат само кон одредена група граѓани и да мотивираат општествена сегрегација и да го поткопуваат унитарниот карактер на државата.
Неодамна беа распишани локалните избори и повторно се огласија партиите на етничките Албанци во Македонија со истите наративи, дека правата на Албанците биле загрозени, дека само Албанците се отпуштале од институциите, дека некој сега ќе им го укинел правото да говорат на албански јазик, дека им се заканува македонска доминација, дека не биле доволно застапени ваму или онаму, со што само се подгрева националистичката атмосфера.

А подгревањето на ваквата националистичка атмосфера, дури и пред локални избори, е само од една и единствена причина, да се затскрие некадарноста да се решаваат проблемите на граѓаните. Па сега повторно слушаме дека тие или оние ќе победеле во „албанските општини“, ќе донеле попристоен живот за Албанците и слично, но секогаш се работи само за една етничка заедница, другите кој ги ферма.
За волја на вистината ДУИ нема етнички предзнак во името, дури и звучи симпатично она Демократска унија за интеграција, но името е оксиморон само по себе бидејќи оваа партија произлезе од паравоена формација што ги нападна македонските институции и држава однатре, работеше на разбивање на унитарниот карактер и на отцепување територии, така што џабе им е името, кога сите знаат дека во нивната основа остануваат антидржавниот елемент и борбата за територии, која некој отстрана потоа маркетингшки им ја нашминка како борба за „човекови права“.
Но нејсе, муабетот ми е дека целата оваа националистичка приказна што пред секои избори ја тераат повеќето партии на македонските Албанци е само за добивање глас повеќе бидејќи досега тоа палеше. Имено, ДУИ на крилјата на национализмот 20 години ги водеше жедни преку вода сопствените поддржувачи и гласачи, додека нивните функционери енормно се богатеа, трупаа недвижности на атрактивни приморски локации, купуваа трговски центри по багателни цени, ги добиваа сите можни тендери и дебели провизии, а нивните гласачи останаа со прстот во устата.

Сѐ уште се соочуваат со баналните егзистенцијални проблеми, немаат вода, нема канализации, во населените места има депонии што секој втор ден се палат, патиштата се во никаква состојба, дишат загаден воздух… Деновиве поминав низ западниот дел на државата, а од она што можев да го видам, тоа се трикатните нови куќи изградени со парите испратени од печалбарите. Убави куќи, но сите празни. Ролетните спуштени, во дворовите нема детски џагор и смеа, само понекој луксузен автомобил ќе профучи откако дел од истите тие печалбари наминале накратко враќајќи се од годишен одмор што го минале во луксузните апартмани на море чии сопственици можеби се истите оние што се богателе врз нивниот грб. Тие чат-пат наминуваат до родните огништа, но нивните деца нема никогаш да се вратат, а високите и убави куќи ќе останат како спомен за тоа што можело, а не се направило само затоа што оние што им ветувале мед и млеко, дрпале и ставале исклучиво во своите џебови.
Сега истите тие повторно го бараат нивниот глас преку истата реторика, дека тие ќе им ги одбранеле нивните права, ќе им го подобреле животот и ќе ги направеле свои на своето. Но ова веќе не е 2000 година, македонските граѓани од албанска етничка припадност добро знаат дека тука отсекогаш биле свои на своето, никој ништо не им зел, никој никогаш не им загрозил некакви права, туку оние што три и кусур децении им продаваат националистичка романтика ги оттргнале од своето и ги испратиле во туѓиот свет. Овде само споменици им оставија. Истите тие, добар дел од нив, соочени и со коруптивни афери, повторно ќе го бараат нивниот глас оти сега по 20 години власт, одеднаш се освестиле и сега ќе им го подобреле животот. Баш сега. Дури ни програми не подготвуваат (никогаш и не подготвувале), туку народот да им ја напишел програмата, а тие демек ќе остварувале. Па ако народот сам ја пишува програмата, тоа е самоуправување, не им треба уште еден функционер што ќе живее врз нивен грб.

Секому треба да му биде јасно дека нема веќе, или не во некоја сериозна бројка, наивни луѓе во оваа држава на кои некој одново ќе им продава национализам. Сите сме исти, сите сакаме пристоен и нормален живот, сите живееме во македонски општини (албански општини има во Албанија), впрочем сите живееме во државата Македонија, така што партиите треба да се обраќаат до сите граѓани, а не само до една етничка заедница. Крајно време е политичарите да сфатат дека времето на лажни ветувања помина, граѓаните сакаат резултати, сакаат реализирани проекти, а не празни ветувања потсилени со реминисценции од минатото. Наместо да продаваат националистички приказни и да ветуваат подобар живот само за сопствената етничка заедница, крајно време е партиите на македонските Албанци да сфатат дека егзистираат на македонската политичка сцена и дека сите граѓани се нивни потенцијални гласачи, се разбира ако понудат вистински решенија и проекти за сите, без оглед на нивната етничка припадност. Од тој момент ќе почнат вистински да работат за иднината на сите граѓани и за иднината на Македонија. Сѐ друго што досега работеа и што продолжуваат и сега да го работат е само поткопување на државата однатре.