Македонски туризам – одржлива иднина преку спој на традицијата и дигиталниот свет

Туристичкиот потенцијал на Македонија

Денешните општества ретко ги рефлектираат традицијата и културата на просторите каде што постојат и уште поретко соодветно ги чуваат природните ресурси. Неопходната потреба за промена на свеста и проширување на знаењето за начините на живот на предците е клуч за успешно адаптирање во новиот дигитален век. За да се создаде самоодржлива економија, знаењето достапно преку модерните технологии треба да се спои со „живиот бит на македонскиот мит“. Можностите за научни истражувања, недопрените региони од туристи, како и постојните ресурси, отвораат можности за нови пазари, каде што краткорочната одржливост и долгорочната самоодржливост ќе се реализираат преку стабилно прогнозирање и управување, поврзувајќи ја модерната технологија со основните човечки морални и етички вредности. Во свет што забрзано се соочува со еколошки предизвици и губење на идентитетот, Македонија се појавува како светилник на надеж – регион каде што мудроста на предците може да го отвори патот кон одржлива иднина. Додека планетата Земја е под притисок од неконтролирано искористување на ресурсите, а општествата се оддалечуваат од своите корени, овој македонски регион нуди уникатна можност за пресврт. Токму тука, во срцето на Македонија, лежи потенцијалот да се спојат модерната технологија и древниот „македонски бит“ за да се изгради самоодржлива економија, која ќе биде основа за стабилен развој. Водите мора да останат незагадени, а изворите разумно искористувани, што е клучен предуслов за зачувување на здравјето, животниот век, стандардот и природата. Разумното користење на алтернативните извори на енергија, како што се сонцето и ветерот, кои се изобилни во Македонија, претставува стратешка можност за енергетска независност. Почитувањето на планетата, природните ресурси и непроценливото културно богатство е императив за градење разумна иднина каде што човечката цивилизација ќе биде одговорен жител на заедничкиот дом – планетата Земја. Регулирањето на пазарите преку меритократија и економска одржливост е неопходно за иден развој и раст на економиите. Овој 21 век нуди можност да се избегнат старите деструктивни шаблони и да се започне нова епоха во научните истражувања, каде што растот и развојот, изразени преку традицијата и културата, ќе бидат основа за промени во свеста на човештвото и надминување на пречките кон мирен и достоинствен живот.
Демографските промени, иселувањето, намалениот наталитет и недостигот од стручна работна сила влијаат на одредувањето на идните инвестиции и стратегии. Последните децении опустошија многу села и градови во Македонија. Адаптирањето на раселените населби и нивната преобразба во туристички капацитети се предизвик за инвеститорите и менаџерите. Културното наследство и природните ресурси на Македонија имаат огромен туристички потенцијал. Неупотребеноста на Македонија како туристичка дестинација претставува конкурентна предност на регионалниот пазар, доколку се организира туристичкиот потенцијал и се применат ефективни маркетинг-стратегии за доловување на автентичноста. Достапноста на Македонија, нејзината поврзаност со Европа и Азија, можностите за инфраструктурни подобрувања, транзитноста во регионот и огромниот туристички потенцијал се клучни фактори за мотивација за подобро организирање и управување со ресурсите што се достапни. Употребата на автентични стопански дејности, природните пејзажи, спомениците со културно значење и други атракции се дополнителен фактори за успех. Посебноста на регионот, неговите природни и географски граници, традицијата и културата, нè прави дестинација во која не само искусните туристи туку и многуте патници и домашни туристи ќе можат одблизу да се запознаат со непроценливата вредност на Македонија.

Формирањето првична канцеларија (организација, биро, центар, менаџерски тим и сл.), која ќе ги организира постојните информации за расположливите ресурси, е фактор за привлекување инвестиции и работа врз реставрирање, реновирање и градба на инфраструктурата потребна за идно менаџирање на Македонија како туристичка дестинација. Маркетинг-стратегиите што можат да се применат за промоција, претставување, прикажување, соопштување, проширување на информациите за овој древен регион може да бидат конзервативни – со употреба на основните правила и принципи за маркетинг, до современи – стратегии во кои традиционалното и модерното се вешто преплетени преку технологијата и дигиталниот свет и на долгорочен план достигаат степени по кои развојот е неизбежен. Разбирањето на пазарот како жив организам, но и вреднувањето на улогата на потрошувачот и поимањето на клиентите не само како пари туку и како целосно живи суштества, кои можат да размислуваат и чувствуваат, заедно со вклучувањето на животната средина и локалните заедници во маркетинг-кампањите во туризмот, се услови за привлекување искусни туристи, но и за големо придвижување на транзитните посети. Домашниот пазар има недостиг од автентична еколошка, органска, етнолошка понуда, но и од подигање на свеста за мистичните локации со непроценлива културна вредност. Создавањето еко и етносела со нивни придружни елементи е предизвик и за промени во туристичката понуда на домашниот пазар, а маркетингот на новиот век е алатка што може да ги постави и домашните туристи како водечки елемент во туристичката понуда. Географската поставеност нè прави идна дестинација како за туристите од соседните земји така и за тие од најдалечните што тука поминуваат или ја посетуваат Република Македонија. Работата на истражување, заштита, промоција, туристичка употреба и практична примена на културното наследство е сложен процес, кој бара вештини и умешности, но и човечки ресурси што можат да работат според условите што ги нуди 21 век. Собирањето документи, информации, податоци и дигитализирањето значајни записи и книги, како и работата на организирање на туристичката понуда, бараат мултидисциплинарен пристап, па затоа во овој труд се наведени информации од повеќе различни науки што одат во прилог на управувањето и маркетингот со туристичкиот потенцијал во Македонија. Организирањето на постојните ресурси и поврзувањето на локалната заедница со економските процеси се предизвик со кој новиот век треба да се соочи, доколку сака да достигне развој на општество според основните човечки правила, норми и вредности.

Туристичките атракции претставуваат места на интерес што туристите ги посетуваат поради нивната инхерентна или изложена културна вредност, историско значење, природна или изградена убавина или можности за забава. Некои примери вклучуваат историски места, споменици, зоолошки градини, музеи и уметнички галерии, ботанички градини и градби (на пример, замоци, облакодери, мостови), национални паркови и шуми, тематски паркови, историски музеи, етнички заедници, историски места и културни настани. Многу туристички атракции истовремено се и знаменитости. За да развие различни видови на туризам, туристичката дестинација треба да исполнува некои критериуми. За градскиот туризам се важни голем број знаменитости и настани, привлечен и одржуван градски центар и привлечни можности за пазарење. Културниот туризам бара важни историски и културни места, културни настани, музеи, спомен-куќи, археолошки локалитети и слично. За планински туризам се потребни атрактивни планински венци, лесна достапност во текот на годината и поволна клима. Република Македонија ги има сите потребни предуслови и за развој на авантуристички туризам, за кој треба да се организираат неколку извонредни авантуристички тури на постојни мистични места и необични локации. Еколошкиот туризам, за кој недопрените природни пејзажи, флората и фауната, традиционалната култура, начинот на живот и органската храна се основни ресурси, допрва треба да се развива во сите региони на РМ. Концентрирањето на домашните туристи и честите патувања за посети на семејство и пријатели, како и духовните патувања до религиозни места и објекти, мистични и духовни места и локации каде што се случиле важни историски настани, се неизбежни во работата на развојот на туризмот. Вмрежувањето преку паметните уреди и интернет-мрежата прави спојот на маркетингот со новата технологија да има свои предности, но и опасности.

Македонија, со својот богат културен и природен потенцијал, е повеќе од подготвена да порасне и да започне да развива самоодржлива економија и одговорен туризам. Со употреба на модерната технологија за зачувување и промоција на традиционалните вредности, државата би можела да прерасне во пример за тоа како човештвото може да живее во хармонија со природата и своето наследство. Преку производство на здрава храна, автохтоно сточарство, обновливи извори на енергија, правилен менаџмент на културното наследство, разумна употреба на природните ресурси и иновативни маркетинг стратегии, Македонија не само што би можела да подобри животот на своите жители туку и би понудила единствено искуство за туристите, покажувајќи дека економската одржливост, енергетската независност и еколошката свест се достижни цели, реални за векот во кој живееме.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)