Паскоска (прва од десно) на победничкиот подиум

За одличните борби и освоениот медал добивме пофални зборови од претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот, кој изрази задоволство од резултатите што нашите џудисти почнуваат да ги остваруваат на натпреварите организирани од ЕЏУ, вели тренерот Паскоски

ЕВРОПСКИ ТУРНИР ЗА ЏУДО-НАДЕЖИ ВО УНГАРИЈА

На европски турнир за џудо-надежи, кој се одржа во унгарскиот град Ѓер викендов, македонската претставничка и членка на ЏК Миоки од Скопје, Емилија Паскоска, во тежинската категорија до 44 килограми, постигна голем успех, освојувајќи бронзен медал. Покрај неа, на овој турнир, кој е дел Европската џудо-турнеја на млади надежи (настапија 273 натпреварувачи од 19 земји), од Македонија на татамите се натпреваруваа уште Виктор Трчков (категорија над 60 кг, ЏК Миоки) и Марко Димитријоски (до 46 кг, ЏК Пролетер).
Настапот беше реализиран од страна на матичните клубови, а џудистите ги предводеа клупските тренери Игор Паскоски (Миоки) и Игор Димитријоски (Пролетер), кои неодамна се стекнаа со лиценци за тренери од Академијата ИЏФ и засега се единствените тренери со ваква лиценца во Македонија.
– Емилија Паскоска, и покрај лошиот старт со пораз во првата борба од претставничката на Србија, во репасажот беше одлична и апсолутно доминираше против ривалката од Унгарија, која ја совлада со ипон, со што се пласира во финалниот блок. А таму ефектно и повторно со највисок поен, ипон, ја совлада претставничката на Хрватска и на тој начин го освои бронзениот медал, што претставува голем успех. За Виктор Трчков ова беше прв настап, прикажа две одлични борби, кои ги загуби само поради недоволното искуство, но истовремено покажа дека постои голем потенцијал во него. Најуспешниот наш пионер Марко Димитријоски, а слободно можам да кажам и еден од најголемите македонски џудо-таленти во моментов, на овој турнир едноставно имаше лош ден и не успеа да се вмеша во борбата за медал иако прикажа одлични борби. Да потсетам, Димитријоски освои сребро на Европскиот куп во Сараево, БиХ, во април, а беше петти на Европскиот куп во Коџаели, Турција, минатиот месец. За одличните борби и освоениот медал на ова натпреварување добивме пофални зборови од претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот, кој изрази задоволство од резултатите што нашите џудисти почнуваат да ги остваруваат на натпреварите организирани од ЕЏУ, меѓу другото алудирајќи и на бронзата што ја освои Ива Богдановска на Европскиот куп за јуниори во Скопје пред две недели – ни изјави тренерот на ЏК Миоки, Игор Паскоски.
Турнирот во Ѓер не само што беше прв од ваков вид во Унгарија туку воведе и возбудлив нов елемент, а тоа е натпреварот со мешани тимови, и тоа не само по пол туку и по националност. Тот ја пофали иницијативата и нејзиниот иден потенцијал во рамките на турнејата „Заедно“.

Емилија Паскоска со тренерот Игор Паскоски

– Ова е исклучително добра иницијатива. Мислам дека покажува не само колку е одржливо адаптирано џудото туку и колку може да биде моќен целиот овој концепт, што беше прекрасно прикажан тука. Ако можеме да продолжиме со ова, тогаш овој мешан тимски формат би можел да стане многу успешен дел од серијата натпревари на годинашното Европско првенство во адаптирано џудо во Италија. Уверени сме дека настанот во Италија ќе привлече не само европски спортисти туку и џудисти од други континенти, поради што би сакале да остане отворен. Беше одлично искуство да се биде сведок на такво натпреварување од почетокот до крајот. Ги гледам нашиот успех и резултатите и гледам иницијатива што може да постави пример за пошироко параолимписко движење – рече, меѓу другото Тот, пренесе ЕЏУ.
Заедно со натпреварите, настанот во Ѓер вклучуваше и технички семинар предводен од Србинот Александар Кукољ, европски шампион и освојувач на светски медали, и Казухико Токуно, експерт за кодокан од Јапонија. Комбинацијата од високо ниво на учење и енергична конкуренција создаде атмосфера на инспирација кај сите учесници.
– Кодокан-експерти се лица што ги исполнуваат критериумите на ИЏФ за едукатори и истите тие се ангажираат да водат едукативни сесии за време на одржувањето вакви турнири за најмладите џудисти – појаснува Паскоски. Г.И.