Крајно време е и Македонија сериозно да се сврти кон изготвување стратегија за националните води, во чија изработка би се вклучиле сите експерти, научници и академици, за да може со време да се започне со реализација на проекти што ќе значат обезбедување доволни количества вода за земјата за следните 100 години. Со оваа долгорочна стратегија треба да се обезбеди водата во природните езера, во акумулациите, во реките и да се мапираат подземните водни базени, а индустријата, земјоделството и урбаните средини да се преориентираат кон нов режим на рационално користење на водата
Ниту нафтата, ниту гасот, ниту литиумот ќе бидат важни ако исчезне главниот ресурс на планетата (4)
Сите предвидувања и студии на експертите покажуваат дека планетата ќе продолжи да се загрева, што во пракса ќе значи намалување на врнежите од година на година, а критична точка што се посочува кога многу градови и земји би можеле да се соочат со недостиг од вода е 2050 година.
Од тие причини Европската Унија веќе започна со планот за обезбедување водни ресурси, САД исто имаат проекти во насока на обезбедување пивка вода, а стратегии со иста цел развиваат и државите низ светот за да не се случи во еден момент да останат без вода.
Крајно време е и Македонија сериозно да се сврти кон изготвување стратегија за води, во чија изработка би се вклучиле сите експерти, научници и академици, за да може со време да се започне со реализација на проекти што ќе значат обезбедување доволни количества вода за земјата за следните 100 години. Со овие проекти треба да се обезбеди водата во природните езера, во акумулациите, во реките, да се мапираат подземните водни базени, а индустријата, земјоделството и урбаните средини да се преориентираат на нов режим на рационално користење на водата. Тие чекори треба да се преземат веднаш бидејќи драстичната промена на климата, која секојдневно ја чувствуваме, се заканува дека многу брзо ќе ги секне сите водни ресурси, а без нив перспективата на Македонија не е ниту малку розова.
Треба да се спречи празнењето на природните езера
Еколошката катастрофа што со години му се случува на Преспанско Езеро бара решителен одговор веднаш, без губење време. Од тие причини, наместо само сликање и заложби за прекугранична акција за спас на езерото, треба да се дејствува на терен.
Имено, експертите потврдуваат дека има голем истек на вода од карстните подрачја во Албанија, но и од големиот број бунари за наводнување во близината на езерото. За дел од нив спорна е и вештачки подигнатата брана од грчка страна меѓу Мало и Големо Преспанско Езеро, со што е прекинат важен доток на вода.
– Доколку се докаже дека значително количество вода се губи поради наводнување, една од мерките би била ограничување на наводнувањето. Да не заборавиме дека најголемите езерски катастрофи, на пример, на Аралско Езеро во Централна Азија или на езерото Чад во Африка, се предизвикани токму од прекумерно наводнување. Друга мерка би претставувала затворање на подводните понори, на дното од езерото во регионот на Пустец и Мала Горица, Албанија, со чакал и камен. Но тоа е скапа операција, за што би требало да се бараат средства од Европската Унија – објаснува професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, во повеќе свои објави поврзани со судбината на Преспанско Езеро.
Според познавачите, во услови на намалена издашност, би било добро да се соберат сите води од Баба Планина и да се пренасочат кон езерото, нешто слично на системот што го спаси Дојранско Езеро.
– Потребно е да се направи контрола на сите водотеци што придонесуваат со свои водни количества во водите на езерото (особено поголемите реки како што се Герман, Брајчинска и Голема во горните делови од сливот и пред влив), контрола на подземните води, контрола за запирање на истекот кај месноста Грло, контрола за спроведување на договореното испуштање вода од браната на Мала Преспа, односно Грција да дозволи нормален прилив на вода од Мало Езеро, но и да се следат изворите на Црн Дрим кај Св. Наум и изворите кај Тушемишти, за да се има предвид дали истекот под Галичица е зголемен – предлагаат експертите.
Потоа, да се запре со испумпување на водата преку бунари за наводнување на земјоделските површини и да се воведе систем капка по капка, со кој најрационално ќе се користи водата. За Дојранско Езеро состојбата е далеку подобра бидејќи веќе постои систем што се покажа дека може да спречи еколошка катастрофа.
– Подземниот резервоар кај Ѓавато има огромни количества вода, не само за снабдување на хидросистемот туку и за потребите на државата во иднина. Она што во моментот треба да се направи е да се ревитализира опремата и да се вклучат сите пумпи за снабдување на Дојранско Езеро со вода и да се одржуваат континуирано. Оправдувања дека сметките за струја биле скапи не смее да има, оти ако снемаме вода, џабе ни е струјата – објаснуваат познавачите.
Охридско Езеро засега е стабилно во поглед на нивото, но она на што треба да се обрне внимание се претераната урбанизација и загадувањето на езерските води, но и да се води сметка околу испустот на водите за потребите за производство на електрична енергија.
Со реките и акумулациите треба подомаќински да се управува
Сушната клима несомнено доведе до драстично намалување на штедроста на речните извори. Сите реки во Македонија се со намален водостој, па од тие причини треба да се направат проекти што ќе значат рационално искористување на речните води.
Со други зборови, треба да се спречи какво било непланско пренасочување на делови од реките за наводнување на земјоделски површини, за полнење рибници, базени и други индивидуални содржини.
– Секаде каде што е можно, на реките треба да се направат акумулации, да може што повеќе вода да останува. Приоритет треба да биде изградбата на браната „Чебрен и Галиште“ на Црна Река бидејќи на тој начин ќе добиеме во резерва огромни количества вода, а ако таа произведува струја преку реверзибилен процес, тогаш ќе имаме постојан обрт на големи количества вода. Ако некогаш и на Вардар се реализира проектот „Вардарска Долина“, тоа исто ќе значи нови водни резерви распоредени во неколку каскадни езера. И за реката Бабуна своевремено имаше проект да се направи помала брана кај Богомила, така што не треба да се отфрлаат овие идеи бидејќи треба да ја складираме водата. Има и други реки, Пчиња, Радика, Треска е веќе искористена максимално со Козјак, потоа Брегалница, кои сега се со помала издашност, но треба да се направат некакви проекти со кои и овие води би се зафатиле и би се складирале за подоцна да ги покриваат потребите во сушните периоди.
Клучно е вештачките езера и акумулациите да се одржуваат во добра кондиција, да се санираат местата каде што има загуби на вода, но и да се изготви план за рационално трошење на водата при производство на електрична енергија. Онаму каде што има можност, да се размислува и за реверзибилни системи. Никогаш не треба акумулациите да се празнат речиси до дното, туку тој некој критичен минимум да биде кренат малку повисоко. Гледано од аспект на обезбедување вода за иднината, тогаш вакви акумулации, макар и помали, ни се повеќе од неопходни.
Богати подземни водни басени
Она што секако е добро во сите овие песимистички предвидувања на климатолозите е дека под Македонија се кријат големи водни басени од кои некои ги мониторира Управата за хидрометеоролошки работи.
Моментално во земјава нивото на подземните води се следи во: полошкиот, скопскиот, кочанскиот, овчеполскиот, пелагонискиот, струмичкиот, струшкиот реон. За нормално функционирање на државниот мониторинг на подземните води потребно е дополнително ангажирање за обезбедување нови пиезометри, и тоа во следниве региони: дојрански, охридски, преспански, струмички, кочански, овчеполски, беровски, делчевски, кумановски, кривопаланечки, скопски, полошки, кичевски, демирхисарски, дебарски, демиркаписки, гевгелиски, кавадаречки, пробиштипски.
Со помош на овие информации во секое време ќе се следи нивото на подземните води во одредено подрачје. Во ситуација кога некој сака да користи подземна вода за наводнување или водоснабдување би можел да ги планира своите активности, но и да ги димензионира своите пумпи за црпење подземна вода.
Во исто време, прецизните информации за подземните води се потребни за да може и државата да има прецизна слика за сиот воден ресурс со кој располага.
Треба да се следи и состојбата со водите во карстните облици, во пештерата Врело каде што се смета дека има огромни количества вода, но и во пазувите на Солунска Глава, каде што одредени испитувања сугерираат за присуство на огромни количества вода во внатрешноста на планината. Не треба да се заборави ниту на понорниците, чија вода наместо неповратно да се губи, може да се зафати и да се искористи за потребите на луѓето. Една таква река е Патишка Река, која понира под истоименото село и останува неискористена, иако добар дел од населените места во Сопиште се без вода. Швајцарија на Алпите ги зафаќа водите од топењето на снеговите и прави мали планински акумулации, па не пречи да се размислува и во таа насока, нормално со почитување на сите еколошки стандарди.
Промена на менталниот склоп за важноста на водата
Она што е особено важно е да се подготви итна стратегија како во иднина ќе се менаџира водата во урбаните средини.
Имено, се покажа дека македонските градови имаат проблем со водоснабдувањето со години, а ова лето истата судбина го зафати и Скопје. Претераната урбанизација, предимензионирањето на системот, но во најголем дел дивите приклучоци и загубите на вода низ системот, придонесоа за ваквите лоши состојби.
Затоа е потребно надлежните институции да почнат со итна ревитализација на водоводните системи, вградување дигитална технологија и сензори со кои ќе се контролира протокот на вода и во реално време ќе може да се утврди каде бега водата. Новата технологија овозможува и лесно откривање на дивите приклучоци, со што би се спречил неконтролиран одлив на повеќе од 60 отсто од водата. Тоа за градовите е огромна заштеда.
Дополнително, водата мора да остане социјална категорија, но само до потрошено одредено разумно количество вода за едно семејство. Сѐ над тоа треба да го изгуби социјалниот повластен статус, односно енормните потрошувачи треба да бидат санкционирани со драстично повисоки цени бидејќи со своето неодговорно однесување ја загрозуваат иднината на целото општество.
Некои земји како Грција, Франција, Италија, Јапонија веќе воведуваат систем за рециклирање на употребената вода за туширање и за перење, која потоа како техничка се враќа во казанчињата во тоалетите. Рационално треба да биде и полевањето на дворовите, така што онаму каде што има можност, треба да се зафаќа и дождовницата, која потоа може да се користи за наводнување на цвеќињата и тревата. Ова се само мал дел насоки за кои треба да се размислува во иднина доколку Македонија како држава сака да им обезбеди нормални услови за живот на сопствените граѓани, во ситуација кога климатските закани стануваат сѐ поизразени, сушите сѐ подолги, а водата ја има сѐ помалку.
Во државата има голем број експерти што може да се вклучат активно во изготвувањето државна стратегија за тоа како да се обезбеди вода за иднината, оти без неа, членството во ниту еден сојуз, унија или каква било друга асоцијација ќе нема никаква смисла. Наш клучен приоритет треба да бидат водата и чистиот воздух и тие приоритети да се фаворизираат и да се туркаат паралелно со сите други процеси. Впрочем, 2050 година речиси е на дофат, затоа не треба да се губи драгоцено време, туку да се дејствува сега и веднаш.
крај