Во пресрет на самитот помеѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин
По посетата на Лондон од американскиот потпретседател Џej Ди Венс, каде што тој се сретна и со претставници од Брисел, но и со претставници од Киев, самиот објави дека тој посветено „работи на закажување состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски“.
– Ја поздравуваме работата на претседателот Трамп. Патот кон мирот не може да се трасира без Украина – се наведува во соопштението издадено по состанокот од лидерите Емануел Макрон (Франција), Џорџа Мелони (Италија), Фридрих Мерц (Германија), Доналд Туск (Полска), Кир Стармер (Обединето Кралство) и Александар Стуб (Финска), заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ветувајќи непоколеблива поддршка и повикувајќи на „кредибилни и робусни безбедносни гаранции“.
Украинскиот претседател Зеленски и Европејците се обидоа да го избегнат „ризикот од свртување на Трамп кон Путин“ и направија свое итно мобилизирање (во саботата), за енергично да повторат дека никакви сериозни преговори не можат да се случат „без Украина“. Оваа порака беше особено пренесена за време на состанокот свикан во Лондон од британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, во присуство на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, шефот на украинската претседателска администрација Андриј Јермак и уште неколку советници за национална безбедност од земјите на ЕУ.
Од друга страна, политикологот Сергеј Марков, кој важи за пријателски настроен кон Кремљ, во јавноста изјави дека „Русија се надева дека Трамп конечно ќе стане разумен, дека претседателот на САД ќе види оти Зеленски е главната причина за војната, а дека европските лидери се втората причина“…
Украинците стравуваат од повторување на некои сценарија од минатото…
Зеленски повторно им се заблагодари на своите партнери за силната и директна поддршка. Тој реагираше негативно на планот на Путин, кој бара територијални отстапки во регионот Донецк во замена за прекин на огнот, и инсистираше на потребата од воспоставување на второто како предуслов за какви било сериозни мировни преговори.
– Секоја територијална отстапка е забранета со украинскиот устав – предупреди тој по изјавите на Трамп за можни територијални размени.
Истовремено беше предвидено вчера да се одржи итен европски самит, по иницијатива на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас.
Како што се приближува самитот во Алјаска, Украинците потенцираат сѐ почесто во јавноста како мантра дека „ги прогонува сценарио за исклучување на Украина од Европа“. Тие сѐ погласно одат со кампања дека стравуваат дека „ќе се повтори Минхенскиот договор од 1938 година“, кој ја жртвуваше Чехословачка за амбициите на Адолф Хитлер, како и на Мировниот договор од Јалта од 1945 година…
– Проблемот е што немаат многу карти за играње против Трамп – коментира поранешниот амбасадор Мишел Дукло, истакнувајќи го во „Фигаро“ отсуството на блиски соговорници на американскиот претседател (освен Кир Стармер, и Макрон, кого малку го слуша, како и финскиот претседател, кој му стана пријател на Трамп затоа што е одличен голфер).
За поранешниот француски дипломат, европските земји, иако силно ја поддржуваат Украина, веруваат „длабоко во себе дека веројатно ќе мора да се направат територијални отстапки“. Ова сценарио, ако се оствари, веројатно би било ограничено на истовремено повлекување на двете страни од одредени региони, без правно признавање на губењето на териториите.
Средба меѓу Трамп и Зеленски
Трамп, кој во срцето останува инвеститор во недвижности, несомнено би гледал позитивно на овој вид трансакција. Но, големиот страв на Европејците е дека тој ќе се фокусира на териториите и ќе попушти по клучното прашање за украинскиот суверенитет, односно нејзиното вооружување и безбедносни гаранции. Досега, Кремљ секогаш меѓу своите барања ги вклучуваше демилитаризацијата на Украина и нејзиното невлегување во НАТО. Сега наводно е за украинска неутралност, слична на австриската, што подразбира ограничувања на нејзиното вооружување. Но токму ова сценарио очигледно е неприфатливо за Киев.
Тешкотиите на Европејците да го разберат својот енергичен партнер преку Атлантикот остануваат впечатливи, во секој случај. Оддалеченоста на самитот, во Алјаска, остава впечаток за нивна дополнителна маргинализација. Нивните напори личат на оние на тим што се обидува, со помош на јаже, да го врати Трамп во својот камп, додека Русите се на другата страна.
Но најлошите стравувања на Европејците веројатно ќе бидат избегнати, судејќи според неодамнешните постапки на Трамп. Тој ја „забоде“ Русија во геополитичкиот грб со тоа што се постави како идеолог творец зад азербејџанско-ерменскиот мировен договор, кој ја воспоставува Америка како нова, растечка геополитичка сила во Јужен Кавказ, ефикасно исфрлајќи ја Москва од нејзината вековна сфера на влијание. Тој исто така ја принуди Индија да се откаже, привремено, од дел од увозот на руска нафта со тоа што ги укина царините.
По неговата посета на Лондон, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс објави дека работи на закажување средба меѓу Трамп и Зеленски. Овие сигнали несомнено ќе бидат гледани со загриженост и неодобрување на Москва. Едно е сигурно: Русија не гледа благонаклоно на продолжување на европската поддршка за Украина.
– Евробудалите се обидуваат да ги спречат напорите на САД да помогнат во решавањето на украинскиот конфликт – истакна на Телеграм поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова, во меѓувреме, го нарече односот меѓу ЕУ и Украина сличен на „некрофилија“.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција