Повод: Устоличувањето на Георгиј за митрополит дебарско-кичевски (пригодни промисли и сеќавања)
„I am married to a Greek lady“
Едно утро, во втората половина на август, излегов на сртот каде што пред неколку години поставив дрвен крст. Од тоа место се протега нестварен видик кон Пештани и Елшани. Црвените покриви на куќите, стотина метри вертикално удолу, се присторуваат џиновски гнезда на предисториски птици населени на линијата што го одвојува синилото на езерото од зеленкастото подножје на Галичица.
Кога стигнав на местото во близината на крстот, наеднаш слушнав продорен звук. Ме потсети на зоолошка градина. А само што се бев подготвил да си ставам крилја и да се вивнам во таинствените предели на душата, како што правам секогаш на ова место. Во она што ненадејно го слушнав, препознав рик на шумски ѕвер.
Доаѓаше од левата страна од еден не многу широк дол. Беше обраснат со густа букова шума, само по рабовите испреплетена со ниски грмушки од глог и по некое стебло од дива слива. Често поминував оттаму за да го избегнам сачот на августовско сонце. Во долот беше пријатно свежо и темно.
Откако рикањето се повтори, се почувствував непријатно. Бев премногу изненаден за да можам веднаш да разгатнам дали е предупредување или закана. Се сетив на глетката од пред дваесетина минути, на половина растојание меѓу Елшани и крстот. На патот забележав неколку големи камења. Беа истркалани од угорнината на само две-три метра од левата страна на патот. Во лежиштата од кои беа искорнати имаше шари од лавиринти и канали издлабени во земјата. Сфатив дека се тоа мравји живеалишта. Од мечка ќе да е, си реков изненадено во себе, откако се обидов безуспешно да помрднам еден од камењата. Наеднаш се присетив дека мечките, во потрага по протеини и мравја киселина, безмилосно ги таманат мравките заедно со нивните белузлави јајца. Некои од камењата беа превртени и земјата на нив беше сè уште свежа. Во тој момент не ни помислив дека одејќи кон крстот, одам во насока од каде што пред извесно време најверојатно дошла мечка.
Инстинктивно погледав кон долот од кај што ми изгледаше дека доаѓа рикот. Немаше повеќе од педесетина метри од мене. Се свртев наоколу иако точно знаев каде се наоѓам. Почнав да барам некакво решение во случај работите да тргнат на лошо. Се наоѓав во средината на еден тесен појас, меѓу местото од каде што доаѓаше рикот и камена платформа што од западната страна завршуваше со бездна од неколку стотини метра. Изгледаше како да немам отстапница. Кога рикот уште еднаш се повтори, почнав да чувствувам страв. Сфатив дека, дефинитивно, не сум сам. Всушност, дека сум сам со мечка, која непријатно рика од непосредна близина. Можеби во прашање се само неколку секунди пред мечката да се појави од долот и да тргне на мене, си помислив. За миг не знаев каде да се упатам и што да правам.
Тогаш неочекувано ми дојде мисла. Спасот ми е во крстот! Нешто ме влечеше кон него. Си помислив, ако дојде до најлошото, ќе треба, како знам и умеам, да се изјазам нагоре. Барем да го дофатам хоризонталниот крак и, на спојот на двата крака, да го побарам спасот. Но веднаш ми проструи дека треба да совладам четири метра вертикален дрвен столб. Беше дваесетина сантиметри широк, со остри рабови на четирите страни. Што доколку мечката е упорна и настојчива да се пресмета со натрапникот во нејзиниот природен хабитат? Доколку се исправи на задните нозе, сепак ќе може да ме дофати пред да успеам да го дофатам спојот. Границата меѓу лудата надеж и отрезнувачката реалност, немилосрдно се стесни. Мечката имаше повеќе шанси да си ја оствари намерата отколку јас да си го спасам газот.
Не можам да кажам колку време ми беше потребно за да стигнам до крстот. Веднаш почнав да правам процена за изводливоста на замислата за спас од мечката. Бев сè уште напрегнат. И, тогаш се случи нешто што сосема ме измести. Иако во последните две-три минути рикањето се немаше огласено, очекував мечката конечно да се појави од долот. Бев потпрен со грбот до крстот. Наеднаш, од зад грмушката што беше на само десетина метри пред мене, почна да се појавува нешто. Како да излезе од земја. Ми смрзна крвта. Гранките на грмушката нагло се поместуваа. Низ нив се пробиваше нешто, сè додека не се стори глава прекриена со бели бандажи. Во дел од секундата сфатив дека е тоа глава на средно висок маж. Уште пред да излезе сосема од зад грмушката, видов дека се крсти. Се движеше брзо и лесно, како некој што добро го познава теренот. Продолжуваше да се крсти, постојано гледајќи во мене и во крстот. По начинот на кој се крстеше, со полузатворени очи, изгледаше како посветен верник. Во истиот момент, уште пред да стигне до мене, почнав и јас да се крстам. Конечно воздивнав со олеснување што пред себе наместо мечка гледам човек.
– Нека е благословен крстот, за арно да е и за убаво – изговори човекот.
Ме затекна подзинат меѓу него и крстот. Не бев свесен колкупати се имав и самиот прекрстено.
– Добар ден, да е благословен, да си жив и здрав – изговорив со олеснување, иако сè уште вџашен од случувањето.
Пред мене стоеше човек со боја на кожата на Индијанец од северноамериканската прерија. Беше слабичок. Имаше испоснички изглед на лицето, од кое сонцето како никогаш да не се симнало. Тоа беше една од најнеобичните средби што кога било сум ги имал во планина во последниве шеесетина години. Вклучувајќи ја дури и онаа од 1994 година, во третиот висински логор на Аконкагва, на Андите, на 6.000 метри височина, кога на граница на речиси целосна исцрпеност и со ранецот сè уште несимнат од плеќите, им се приближував на група планинари што се беа стуткале во нивниот полуотворен шатор и им се претставив, реков дека сум Владимир и дека сум од Македонија, а еден од тројцата планинари веднаш ми одговори, пред другите, како да беше лично засегнат и мотивиран прв да отпоздрави, велејќи: We’re from Canada, and when you say, Macedonia, you mean like – the former Yugoslav Republic of Macedonia, на што јас веднаш му реплицирав дека ни во сон не би очекувал на таа височина, на која поради разредениот воздух почнува зоната на смртта, кога главната битка е околу преживувањето – да водам дипломатска расправа околу името на мојата земја, а тој полу на смеа ми одговори: You know, I am married to a Greek lady.
Крсте од Пештани – талкач од искона повеќе отколку планинар од сегашноста
Човекот кај крстот што така необично се појави и пристапи сакаше да прикажува и, како што набрзо се покажа, самиот тој беше прикаска. Една од најнеобичните и најинспиративните што кога било сум ги слушнал во планина. Ми кажа дека се вика Крсте, дека е професор по физичко во училиштето во Косел, дека речиси секој ден се искачува на овој дел од Галичица поминувајќи покрај крстот, ми покажа со рака кон подножјето на крстот, велејќи дека некој оставил мала пластична кутија во која веќе имало ставено неколку десетдинарки, дека до врвот Магаро оди пешки директно од Пештани и дека не користи автомобил до преслапот што ja одвојува охридската од преспанската страна како што прават, речиси без исклучок, сите што се искачуваат на највисокиот врв на Галичица, дека планината му е како дом, исто како оној во Пештани, дека е длабоко посветен верник, кој верува во Бога и во исцелителната моќ на верувањето во Бога, дека така излечил негов најблизок во семејството со молитвите што ги упатувал кон Севишниот додека коленичел пред иконата, дека има едно единствено место на сета планина, ене онаму, во близината на Бугарска Чука, рече покажувајќи со раката, од каде што истовремено можат да се видат двете езера, на што јас, од моето искуство, му реков дека има безбројно многу места, а не само едно, од кои можат да се видат двете езера штом се излезе на планинскиот срт, на што тој ми рече: Не, не, не ме разбравте, ова за што јас ви зборувам е единственото место од кое можат да се видат истовремено и Охридско и Преспанско Езеро, без да ја поместувате главата лево и десно, туку само со движење на очите и додаде, веројатно тоа е единственото место на планетата од кое на ваков начин можат да се видат две големи езера истовремено, кои се наоѓаат на две спротивни страни на светот, источно и западно од местото од кое се набљудуваат.
Во муабетот дојдовме до точка кога станав многу љубопитен и без каква било намера да го задевам, го запрашав за крстот.
– Знаете ли кој го има поставено крстов?
– Слушнав дека го има поставено некој скопјанец. Шетал вака низ планинава, дали му се сонило или нешто друго, не знам, ама направил убаво дело, да му поможит Горнион – ми одговори Крсте без колебање, како да соопштува општопознат факт, а не претпоставка што и самиот ја слушнал од некаде.
– Да ни поможит на сите, да си ми здрав и весел. Една работа погоди, онаа за скопјанецот, а за другата ни сам не сум сигурен. Јас сум скопјанецот што го има поставено крстот.
Крсте не прозборе ниту збор. Не изгледаше изненадено. Како да помислувал на ваков одговор. Само направи чекор кон мене и цврсто ме прегрна со простосрдечност од најблагороден вид. Некаква топлина на чисти чувства проструи од него. Во нив како да препознавав почитување кон човек кого само што го запознал и со кого си направил убав муабет за Галичица, за верувањето во Бога, за здравиот живот и за здравата мисла кај човека, без да знае претходно нешто за него. Ми се стори како да прегрнувам нешто неприродно цврсто, небаре вертикален столб од коски поврзани со цврст мускул, нестварно тело завиткано во облека на талкач од искона, повеќе отколку на планинар од сегашноста, со чудни бандажи на главата за чија намена ми се чинеше непримерно да го прашам. Две испотени тела, од кои едното сè уште со траги на пот исцедена од стравот и неизвесноста, за миг се соединија. Тогаш му спомнав за мечката, за стравот и за намерата да се соочам со искушението барајќи спас во крстот.
– Слушна ли предмалку еден продорен рик – му реков. – Бајаги се уплашив, ми се стори дека е од мечка, дека дотука било, дека ми дојде крајот. Трипати во растојание од триесетина секунди рикна некаде откај долон.
– Не, не слушнав ништо, но да знаете, господине Владо, не треба да се плашите, тоа би било најлошо. Мечката препознава страв и вознемиреност, што ѝ неа ја вознемирува. Треба да ѝ оставите малку време да се привикне на вас, да добие впечаток дека сте добронамерен, дека не мислите ништо лошо да преземате кон неа. Мечката препознава непријател, некој што не ѝ мисли добро и некој што е ненасилен, добронамерен. Во планина човек треба повеќе да стравува од човек отколку од дивина, јас сум имал блиски средби и со мечка и со волк неколкупати. Еднаш дури и се доближив до дувлото со намера да го сликам волкот, беше толку убав, но тој повеќе се уплаши од мене отколку јас од него, не успеав да го сликам во крупен план, со очите, муцката, зошто пред да чкрапнам наеднаш изрипа и почна да бега, ме изненади, јас трепнав со очите и кога го развив филмот видов дека сум му ја сликал задницата.
– Да, но помислив дека е можеби со мече, дека тогаш мечката е нападна и недоверлива, зарем не, и дека главна грижа ѝ е мечето, дека може да нападне – се обидов да го сведам муабетот на пореалистична ситуација.
– Точно е, мечка со мече може да е по малку предвидлива, но нема да нападне ако не направите погрешен чекор.
– А, што би било погрешен чекор – го прашав со намера да научам како да се однесувам ако во некоја ситуација сретнам мечка, а во близината нема крст, како сега.
– Да знаете, ако ви се појави мечка в планина, особено ако е со мече, основно е веднаш да запрете и да не покажете дека ви е страв. Ако случајно продолжите да одите кон неа или направите некои нагли движења, може да се почувствува загрозено и тогаш може да нападне. Треба внимателно, без брзање и без нагли движења, да почнете полека да се повлекувате одејќи наназад, но никако да не ѝ го вртите грбот. Ние луѓето мораме да сфатиме дека сме гости на планината, а мечката и сите животни си се дома. Сакале или не, ние сме натрапниците, а тие си се во својата животна средина. Затоа, треба да ги почитуваме. Ако случајно наидеме на дивина, треба да имаме предвид дека ние сме тие што ги вознемируваат, а не тие нас. И така треба да се однесуваме. Не заборавете, вака кога одите сам низ планина не е лошо одвреме-навреме да си потпевнувате гласно или да свиркате, за секој случај, да ве чуе мечката уште од далеку, за да не ја изненадите во последен момент пред евентуалната средба. Не е добро да се изненади во блиска средба.
На крајот, пред да се разделиме, јас по својот, а тој по неговиот пат, Крсте ме покани во прва пригода кога ќе ме донесе патот, да навратам кај него во Пештани, на салатичка од неговата градина, во дворот.
– Не пијам ракија, но може да ти сварам кафе – ми рече.
Слегувајќи надолу веднаш штом го напуштив пределот на крстот, поминувајќи покрај долот, се сетив на зборовите на Крсте. Започнав гласно да пеам. За секој случај, а и не ми паѓаше тешко бидејќи сакам да си потпевнувам одвреме-навреме. Дури едно време си помислив дека рикот што го слушнав можеби и не беше од мечка, дека можеби беше од Крсте. Дека, можеби, тоа е некој негов скриен начин, имитирајќи рикање на мечка, да си направи шега, егзибиција кон невидливите компањони во планината. Дека сака да ги потсети дека ние сме гости во планинава, а не тие, и дека тоа не треба да го забораваме. Но, од друга страна, како да си ги објаснам превртените камења по патот со откриените мравји градови под нив. Кој би имал причина и кој би можел да превртува толку тешки камења ако не мечка. Сепак ќе мора да го препрашам Крстета, во првата следна пригода. Иако малку верувам дека ќе ме удостои со некаков смирувачки одговор, дека она што дебело ме преплаши не било мечка, туку тој. По муабетот кај крстот, мислам дека добро го запознав уште при првата средба, за да верувам во тоа дека сепак ќе ја дознаам вистината.
Владимир Петковски
Авторот е универзитетски професор и амбасадор
крај