Министерството за европски прашања е подготвено да помогне во процесот на аплицирање за поголема искористеност на европските фондови со цел да се овозможи забрзан развој на општините, било истакнато на денешната средба на заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков со градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
Како што соопшти МЕП, на средбата се дискутирало за степенот на искористеност на ЕУ фондовите во општината, како и можностите за мотивирање на граѓаните и компаниите за зголемување на интересот за поголема реализација на овие фондови во општината, при што биле дефинирани и конкретни чекори со цел подобрување на капацитетите на општината за поголема искористеност на ЕУ фондовите.
Посебен фокус бил ставен и на актуелните и планираните проекти поврзани со локалните бизниси и можностите за поддршка на овие проекти преку европските фондови, со цел се помогне во развојот на општината.
Министерството за европски прашања, како што истакнала Трајков на средбата, ги става на располагање своите капацитети со цел да помогне во создавање на сите предуслови за непречено аплицирање со цел да се овозможи поголема искористеноста ЕУ фондовите во насока на подобрување на животот на граѓаните.
Во рамките на посетата на Прилеп, таа посетила компанијата „Бимфуд ДОО“, која со помош на ИПАРД средства го модернизираа производството и со тоа е овозможен понатамошен развој на компанијата.
– Заменик-министерката Трајков го посетила и Основното училиште „Добре Јованоски“ во Прилеп каде имала можност да ги види придобивките од изградбата на новото мултифункционално игралиште реализирано во рамките на проект поддржан од УНДП: „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо – економска интеграција на повратниците во Западен Балкан – стои во соопштението.
Нејзината посета на Прилеп, додава МЕП во соопштението, била заокружена со обиколка на спортските терени во општината, како и куса посета на новата градинка „Бајка“, пуштена неодамна во употреба, а со којашто се решава повеќедеценискиот проблем за згрижување и нега на најмладите на подрачјето на општина Прилеп.
– За време на посетата на Прилеп заменик-министерката Трајков порача дека Владата ќе продолжи да работи на реализација на програми и проекти за подобрување на животот на граѓаните како на национално, така и на локално ниво – стои во соопштението на МЕП.