Крст на Галичица (1)

Повод: Устоличувањето на Георгиј за митрополит дебарско-кичевски
(пригодни промисли и сеќавања)

Гладиолите заличуваа небаре се косите на Маченикот

Пред петнаесетина години ми дојде од некаде да подигнам крст на Галичица. Тоа, „од некаде“, се покажа како загатка за поп Атанас од црквата „Свети Врач“, во Пештани, каде што го донесовме за осветување. Не го собираше низ вратата, па го внесовме расклопен. Беше висок над четири метри, направен од професионално обработени масивни трупци од бор, неколкупати импрегнирани со фирнајз.
– Со божји благослов, господине Владимир, да ве прашам, од каде ви дојде да поставите крст на планинава? – рече тој.
Прашањето ме затече. Поп Атанас сфати дека не може да очекува брз одговор и веднаш го прошири. Како да очекуваше, дека во можните одговори што сам ги понуди, се крие мојот. За момент, намерата, на ваков начин, да ми помогне, ми прозвучи како себична, од негова страна, заборавајќи дека е тоа дел од неговиот позив, како свештено лице. Го копкаше, од каде ми дошло тоа „од некаде“.
– Дали ви се сони нешто или се избавивте од некоја мака, од болка? Можеби си посакавте нешто да ви исполнат Севишниот и светците, па се заветивте? – ме праша тој.
Бев на мака што да му одговорам. Пред мене лежеше крстот повторно склопен, голем и убав, спрострен по целата должина на големата црковна маса во средината на црквата. Неколку мига пред тоа, додека со Калиопи, брат ми Горан и со брачед ми Ванчо го китевме со цвеќиња, грижливо, и со скоро побожна почит и вдахновеност, гладиолите, со својата должина и убавина, ми се присторија небаре се косите на Маченикот. Ме имаше обземено силен наплив на дотогаш непознати емоции. На моменти губев претстава за време и простор, и додека поп Атанас го осветуваше крстот, јас веќе го видов поставен горе, на местото што пред повеќе години го имав избрано.
Знаев дека не можам да го оставам без одговор, иако немав конкретен, за да го одредам тоа – „од некадe“.
– Тоа, „од некаде“, колку што е во мене, толку е и таму горе, во планината. На местото каде што ќе го поставам крстот, Пештани и Елшани се гледаат како на дланка, посадени скоро на линијата на езерото. Мојата душа, секогаш кога таму ќе стапнам, го наткрилува сиот тој простор, сè до кај Свети Наум – се обидов да заобиколувам со одговорот, а истовремено да звучам искрено, соодветно на пригодата.
Во прашање, всушност, беше летањето. Летањето без крилја и пердуви, доколку не се земат предвид крилјата на душата и на вознесот. Местото го открив случајно пред дваесетина години барајќи чај по каменестите падини над Елшани. Секогаш кога ќе се најдев таму, чувствував дека не сум истиот, од пред само час и половина кога сум го започнал качувањето. Добивав чувство дека ми растат крилја. Крилја што не се гледаат, но се доволно моќни за да ме вивнат угоре и од таму, до каде што допира погледот на душата. Поп Атанас, иако школуван по прашањaтa на вознесот и на поривот, не можеше да добие баш чиста претстава за крилјата што ми израснуваа секогаш кога ќе се најдев на врвот на камениот ѕид, надвиснат над вертикалната бездна, од околу седумстотини метри, што зјапаше удолу, кон езерото. Ми се чинеше несоодветно да се расправа за порив и вознес, веднаш по церемонијата на осветувањето на крстот. Чувствував дека не сум способен за рационално споделување чувства. Впрочем, како да се смести во кус исказ „нештото“ што ти ги допирало душата и срцето со години? Како да се објасни необјаснивата силина на вознесот и поривот, преобразени во намера да се преземе нешто што ќе ти ја смири душата и ќе биде вредно за да трае како симбол со кој би се идентификувале и други намерници што случајно или намерно ќе се затекнат на ова место, високо горе во пазувите на Галичица. Но зошто тогаш крст, кога тоа „нешто“ би можело да биде што било друго како обележје. За некој како мене што бил израснат, како и сите од неговата генерација, во атеистичко општество, тоа не е лесно прашање.
На поп Атанас, веројатно, не му бев доволно убедлив за кажаното од мене пригодно да го сподели со верниците во неговата црква и со колегите свештеници, а можеби и со владиката дебарско-кичевски, Тимотеј. Имав впечаток како да се задоволи со фактот дека ми се јавил некаков порив, на чија суштина не можам прецизно да се повикам. Доволно од човек што верува во силата на „нештото“, иако не е воспитуван како посветен верник, кој строго се придржува до црковното учење и богослужбата.

Нешто се прекрши во мене

Приказната и не е толку едноставна. Уште при првото искачување на ова место пред дваесетина години, забележав дека на највисоката точка на каменестиот ѕид некој невешто поставил два подебели стапа со намера да личат на крст. Беа прицврстени еден преку друг со жица од поодамна зарѓавена. Хоризонталниот крак беше благо изместен и веќе не формираше прав агол со вертикалниот. Со години гледав како хоризонталниот крак на крстот сè повеќе се накривува кон вертикалниот. Растојанието од прав агол сè повеќе се намалуваше до степен двата крака да почнат да изгледаат како искосени и случајно поставени еден покрај друг. Сè повеќе заличуваа на два паралелни стапа. Тогаш нешто како да се прекрши во мене. Не можев да го поднесам натамошното обезличување на она што некој го имаше замислено како крст и своевремено направил колку што можел со цел тоа да личи на крст, а што пред мои очи се преобразуваше во карикатура на првобитната замисла. Решив да го повратам симболот, да го спречам обезличувањето. Поривот да преземам нешто се облагороди во мене до вознес што со години постепено ме обземаше. Со обновувањето на претходниот невешто импровизиран крст од два стапа на анонимниот талкач низ Галичица, чувствував дека си ја облагородувам душата. Почнаа да ме обземаат некои нови подлабоки чувства и сознанија секогаш кога ќе се најдев на тоа место. Чувствував дека симболот на верата, за мене лично, постепено почна да станува симбол на вознес што ми ја облагородува душата, на начин што порано го немав почувствувано.
И, така, започна сè. Би имал многу што да кажувам околу замислата, реализацијата и самото поставување на крстот. Можам да кажувам за тоа дека имав среќа што можев да се потпрам на брачед ми Ванчо Попоски од Струга, од попско семејство многу генерации уназад, мој главен консултант за канонските и религиските прашања околу крстот и посветен помошник за практичните аспекти. Дека негов прв братучед е, исто така, свештеник во Струга, Ванчо е долгогодишен стечаец од ЕМО-Охрид, машинобравар по струка, со уметнички мустаќи а ла Салвадор Дали, само малку поголеми и поисфитилени, по кои го препознаваат и сосема мали деца во улицата, посветен верник што има изработено крстови, како и лустери од бакарни делови и стакло за над десетина цркви и манастири во Струшко и Охридско, човек со ретка дарба да пронаоѓа подземна вода и нездрави зрачења по куќите и становите, со што има усреќено многу луѓе, цел еден ден имавме поминато заедно во цинкарната на ЕМО во Кичево, која сè уште работи, за таму, по повеќечасовен третман, во големите индустриски кади, да се поцинкуваат полуметарските метални спојки, со кои се прицврстува хоризонталниот на вертикалниот крак на крстот (најизложените на сонце, дожд и снег), како и постаментот на крстот, за Трајчета од Наумета од Елшани и неговиот брачед Ламбе, кои беа главните мајстори околу пробивањето на карпата и бетонирањето на местото во кое е вграден поцинкуваниот постамент, во кој крстот влегува околу 60 сантиметри, за магарето Марко на Ламбета, со кое двапати носеа песок, вреќи цемент и неколку канти вода горе во планината, за Танчета од Елшани, нивен комшија, инженер информатичар, вработен во ЕВН во Скопје, кој, ненадејно за мене, се појави рано изутрината во четири часот дента, кога со крстот натоварен на магарето, од пред куќата на Трајчета, се упативме горе во планината, сакајќи и тој да помогне, одличен фотоаматер, кој направи преубави фотографии од местото и од поставувањето на крстот додека погледот угоре кон Магаро и удолу кон езерото ни го земаше здивот, кој помогна не само во логистиката при монтирањето на крстот, според упатствата на мајсторот столар од Охрид, што ги изработи дрвените краци на крстот, и во неговото исправање, туку и со џипиес ја измери точната висина на која е поставен – 1.460 метри, за носењето на крстот натоварен на магарето, за тоа дека во еден момент додека поминувавме низ еден тесен дел од каменести ѕидови низ кој, пред векови, е пробивана патеката во планината и која на тоа место е закосена скоро под прав агол, па поради должината на крстот, магарето се заглави, ни напред ни назад, па четворицата моравме, со занесување, да го поместуваме лево-десно, додека не се изнајде најповолниот агол да може да се протне, како што со занесување се поместува погрешно паркирано возило од страна на несовесен возач што го оставил заклучено…

продолжува

Владимир Петковски

Авторот е универзитетски професор и амбасадор