Преспа 2018: Или анатомијата на едно злосторство (8)
Тоа е крај на нашиот циклус колумни, драг читателу, на темата: „Преспа 2018: анатомија на едно злосторство“. Излез? Тоа не е сега поглавјето од Стариот завет во кое Евреите излегуваат со Мојсеј од Египет и се упатуваат кон ветената земја Ханаан. Не. Сега Македонците излегуваат од идентитетската смрт во која ги стави цивилизацијата и се упатуваат кон нивната ветена од Господ земја Името варварски грабнато од варварските Грци. И пак ќе кажеме нешто за него како имот на македонската колективна душа. Името е најскапоцениот Господов дар даруван на едно племе или народ и неговите жители, но и на сите други нешта во природата: животните, билките и растенијата, од качунката до џиновскиот даб и од мравката до нилскиот коњ и крокодилот со кои Создателот го искушуваше Јов. Во сè од нив стои Бог како царски печат на идентитетот. Слично е и со секој човек и колективот на кој му припаѓа тој, слеани едно во друго. Тоа е наследство и од архаичните магиски култури во кои Името е извор на животот, кој секнува откако некоја зла сила ќе го украде него, или ќе исчезне тоа. Така како што се случи тоа и со нас, драг читателу, по Преспа 2018. Именувањето всушност, кое покрај Бог на почетокот го врши, за да му помогне нему, и Адам, но со негова дозвола, е онаа „мистична партиципација“ за која говори и францускиот антрополог Леви-Брил. Тоа е тајниот севажечки закон, мистичната формула на архаичниот човек за населување на нештата со Светскиот Дух на животот со чинот на нивното именување. И таа мистична формула важи до денес, и ќе важи засекогаш. Подолго од формулата на Ајнштајн.
Толку за вовед, веќе познат, за влез во главната струја на нашата денешна тема, сега in medias res, раскинување на смртоносниот Преспански договор од јуни 2018 што нè стави во длабока идентитетска смрт. Нè стави цивилизацискиот европски (но и евроамерикански) плус и грчкиот ѕвер незаситен за македонската идентитетска но и физичка смрт, ако го имаме предвид тоа во поновата историја од Букурешт 1913 сè до денес, и понатаму. Повеќе од столетие на безмилосно ништење на еден сега мал и столчен, а во минатото голем и славен народ. По неговата неуспешна физичка ликвидација (бидејќи македонските невести непрестано го обновуваа породот) западниот ѕвер со неговите волчешки балкански предатори помина, инвентивен за создавање смрт, на идентитетска гибел на Македонците како најсигурен метод за нивно целосно исчезнување. Антрополозите добро се запознаени, драг читателу, со тој тип смрт на индивидуата и нејзиниот колектив. Во таа смисла и вели сјајниот француски антрополог Луј Вансен Тома: „Со право можеме да се запрашаме дали има пострашна смрт од таа што се состои од лишување на еден народ од неговиот идентитет“.
Ништењето, или во нашиот случај со Грците грабеж на Името, што е исто, значи идентитетско убиство на народот, племето што го поседувало него, а сега во новата ситуација значи апсолутна смрт, како што се случи имено тоа со Македонците по Преспанскиот договор 2018. Договорот со кој сме par excellence во идентитетска гробница, одделени од коренот на нашето генеолошко идентитетско дрво на предците и прапредците. И тоа сега по тој кобен договор листа и цвета не кај нас и за нас, туку кај друг и за друг. Кај Грците „лицем светци, срцем волци“ како што ги сјајно антрополошки и психолошки окарактеризира нив Прличев.
Така. И што треба, драг читателу, да направиме ние ставени во идентитетски мртовечки ковчег сега? Треба да излеземе од него. Треба да ја победиме смртта со смрт (читај: саможртва) како што го направи тоа по Голгота Исус, формулата што ја знаеја нашите илинденски комити и асномски партизани, па не случајно неа ја испишаа и на знамето со кое се бореа: „Смрт или слобода“. Ама дали сега ние ќе успееме барем малку да се подискачиме на нивно ниво, барем до нивните колена, или ќе останеме и понатаму кукавичка генерација што ги срами нив, како што се случи впрочем тоа со бледиот и речиси никаков отпор кога ни го грабаа Името? Ни референдумот не беше тоа. Да беа живи илинденците и асномците ќе дадеа одговор, но ние останавме пред смртта неми и немтури. Долга е приказната. Ние пред Преспа 2018 бевме на работ од онаа гранична линија (ситуација), хамлетовска, што ја дефинира и Шекспир, во која требаше да се донесе одлука меѓу она „да се биде и да не се биде“. И ние како Хамлет останавме анемични без волја за скок, во состојба на матна инерција и речиси се лизнавме во смрт, во непостоење, лишени од Светиот Дух на идентитетот. Од Името!
Тоа е и таква е сега ситуацијата во која се наоѓаме ние, драг читателу. Ситуација на идентитетска смрт што ни ја смисли нарцистичката ариевска цивилизација за која мислевме дека врши геноциди само далеку од неа и по другите континенти, но сега со нашиот македонски пример покажа дека за тоа е спремна и на почвата на својот континент. А зошто да не, кога и самата повте да си го стори тоа со двете нејзини светски војни со кои го доведе целиот свет на работ од бездна. Многу факти говорат во прилог на тоа дека е таа повеќе танатосна отколку еросна. Впрочем и трампата на Фауст како нејзин симбол со Мефистофел кому тој му ја продаде душата јасно говори за тоа. Говори и идентитетскиот геноцид врз Македонците што го направи таа со свечена погребна церемонија на нејзините политички и секакви други накази во Преспа 2018. Тоа беше замислено како темна празнична претстава на македонската смрт со која таа цивилизација, користејќи ги и нејзините крволочни балкански предатори, толку долго време се мачеше. И тоа беше симболизам ПОД чија маска се криеше црн натурализам на еден за неа карактеристичен садизам профилиран уште со нејзините темплари (12 век), а потоа и со крстоносците и конквистадорите, сè до фашистите и неофашистите во најново време. А тие беа присутни и во Преспа 2018. Ние ги препознавме и почувствувавме на своја кожа, и не можат никогаш да побегнат и да се скријат од нас. Залудно за да се скријат тие покажуваат со прст на своите гении, на Шекспир, Гете, Шилер, Иго и преостанатите блескави ѕвезди на темното и геноцидно европско небо. Нив Господ им ги прати за да ги освестат и хуманизираат, да ги обожестват, но тоа не се случи. На терезијата на западната ариевска цивилизација како надраса (со која сепак нема ништо заедничко натчовекот на Ниче) меѓу културата и варварството сепак претежнува тасот на варварството.
Слично како што беше случајот и со терезијата на Римската Империја, чија ментална сурова слика ја вглоби во себе таа, па не случајно сега во Македонија го обнови римскиот колосеум во кого во устата на ѕверовите (балканските омилени ѕверови на цивилизацијата) се фрлаат како евроробови Македонците. Преспа 2018 е најголемиот таков спектакл на бриселската цивилизација, која доби дополнително американско зајакнување по Хирошима и Нагасаки (август 1945). Да. И сè тоа без срам и перде како што вели нашиот народ, се вика цивилизација, драг читателу. Цивилизација во која културата е целосно засенета од варварството. Оттука Маркузе греши кога го формира парот „цивилизација-култура“, оти е исправно „варварство-култура“ како елементи на цивилизацијата, која стои настрана, ама повеќе наклонета на варварството отколку на културата. Таа ужива потпалувајќи го огнот на танатосот и гаснејќи го огнот на културата.
Да. Тоа е вистината за таа темна цивилизација, драг читателу, во која еден по еден гаснат електроните на нејзината осветлена ренесансна слика, која пред шест столетија блесна во Италија, прегрнувајќи ја со својата светлина цела Европа. Притоа, пак, да не заборавиме дека, макар во уметноста, некои историчари нејзиниот извор го лоцираа, имено, во Македонија. Станува збор конкретно за фреската „Оплакување“ во Нерези (11 век) од која потече таа. Да. Но естетскиот кај Македонците е и длабоко онтолошки факт. Македонската фреска за која станува збор и од која тргна италијанскиот ренесансен гениј Џото е естетика на тагата, хајдегеровски речено и на смртта, која го осмислува животот. Тоа е (Хајдегер не го знаел тоа) македонската егзистенцијална филозофија на животот.
Тоа е тоа и така е тоа, драг читателу, колку за наша утеха дека сме ѝ дале некои важни импулси на оваа цивилизација, кај која естетиката е одвоена од онтологијата. Таа не е чувстена проекција на судбината на земната егзистенција како болка и копнеж како што е тоа генијално претставено во „Оплакувањето“ во Нерези, кое го разбра Џото. Џото Италијанец. Оти Италијанците на чија почва беше Римската Империја не ја прифатија и вглобија во себе нејзината сурова ментална слика како европскиот север и останаа разроки во неа. Тие се понапред Тројанци и Етрурци отколку Римјани, но за тоа друг пат. Важно е. Италијанците го немаат во себе крвожедниот и колонијалистички нагон за смрт на други карактеристичен за западната европска психа. Nocturno. De profundis. Memento mori.
Една долга дигресија или меѓудигресија, драг читателу. Но природно се наметна таа, оти не постои ни во светот, дури ни во демолираната и опљачкана од оваа западна цивилизација Африка, поубава Аладинова ламба од Македонија, која може да го осветли злосторството на оваа цивилизација, посебно со Преспа 2018. Добро, сè е тоа во ред, но сега по сè што ни се случи од неа со нашата идентитетска Хирошима што треба да правиме за да излеземе од гробницата на идентитетската смрт во која сме ставени и хибернизирани, како што мислат тие идиоти, до крајот на вечноста. Тоа е нивната есхатологија, која секогаш го подразбира крајот, без да знаат дека Македонците есхатологијата како и Господ ја гледаат само како врата за отворање на бескрајот, бришејќи го крајот како поим. Така, оти тие во Откровението на апостол Јован во Новиот завет, имено, се задолжени како светите воини во Армагедон да ја остварат вечноста како бескрај, поразлично од Европа, чија психа никогаш немала смисла за бескрајот, впрочем како и нејзините омилени Грци кои никогаш немале космополитски хоризонт стуткани како пирати во средоземноморското крајбрежје од Крит до Сицилија.
Толку. При крај сме, се занесов, драг читателу, пловејќи низ смртоносниот Преспански договор, иако всушност него го понудивме во насловот, или поднасловот што гласи категорично „Раскинување на Преспанскиот договор“. Да. А со тоа е решена хамлетовската дилема на граничната ситуација во која сè уште и покрај идентитетскиот погреб се наоѓаме: „Да се биде или не“. А ние, положени во идентитетска смрт, одбираме да се биде бидејќи и во смртта како кај Исус ни работат perpetuum mobile електроните на воскресението и нема смрт на македонскиот атом во атомите на космосот. Друга, пак, работа е што Заев, неговиот министер Димитров и целата нивна парламентарна сурија на велепредавници меѓу тоа хамлетовско „Да се биде или не“, го одбраа срамното „да не се биде“. На самиот крај сме, а ти ми замеруваш, драг читателу, дека не го спомнав меѓународното право, кое според сите свои убави параграфи е на наша страна. Да. Во право си. Тоа се навистина убави, прекрасни параграфи, како самиот Господ да ги пишувал, ама тие не вредат ништо за нас. Со нив манипулира како што сака крупната меѓународна мафија, а тоа е во македонскиот случај, а и пошироко, Евроамерика. За тоа неодамна се изјасни и професорот од Универзитетот „Колумбија“, американскиот просветлен и хуманистички ум Џефри Сакс, кој во интервјуто за белградска „Политика“ рече дека Европската Унија и Америка ги убиваат Обединетите нации, нивната Повелба на меѓународното право со јус когенс како загарантирано право на сопствен идентитет, и сите други права на слобода и слободен избор на постоење меѓу народите како „куќа цел свет“ (Рацин) за сите, и како „поле за културен натпревар меѓу народите“. (Гоце).
Да, драг читателу. Наведовме два фрагмента од македонскиот космополитизам, од македонската колективна душа прегрната со бескрајот. Душата што е замислена во македонската хуманистичка визија како душа на човештвото. Нешто слично на она на Шлаермахер со неговиот концепт за човекот-човештво, односно секоја индивидуа да биде израз на човештвото. И тоа, да не бидеме погрешно разбрани, драг читателу, не е губење на индивидуата и индивидуализмот, туку нивно зајакнување со императивот на сечовечката судбина и заедничко споделување со сите на болката и радоста. Тоа беше културолошкиот и онтолошкиот концепт на Македонците уште во антиката. Таков е тој и денес втиснат како шифра во македонската ДНК на македонското битие. Да. Но и покрај сè основниот императив на Македонците е да го раскинат смртоносниот Преспански договор. Итно. Мора да се оствари тој скок salto mortale во вера, како што би рекол Киркегард. Скокот што по аналогија го направи Емпедокле скокајќи во кратерот на Етна, оставајќи ги сандалите горе. Босоног скок како што им прилега на хероите, а сандалите ќе ги обујат откако ќе ја остварат слободата. Тоа е тоа. Јас и ти, драг читателу, веќе го имаме раскинато тој проклет смртоносен за нас договор и пред да се родиме, оти знаевме кај ќе нè донесе овој живот и во каква сурова, безмилосна цивилизација. А дали е способна на тој чекор и нашата влада, која сака мирно и без потреси да владее, не знам. Сепак мислам дека таа и не размислува како Емпедокле за скок во бездна од која ќе се извлече на површина тајното злато на Слободата. Името! Дај боже да се лажам. Ама не се лажам. Сепак, ние ќе се бориме и ќе ја отстраниме македонската преспанска смрт на за нас смртоносната цивилизација. Резолуцијата што ја подготвивме под наслов: „Резолуција за осуда и спречување на геноцидот врз Македонците“ е почетокот на таа борба под знамето на македонските илинденски комити и асномски партизани „Смрт или слобода“. Амин!