Нешто… Како ѕвезден извор на зрачење

Присуствував на настан најавен само преку едно од множеството посредништва за јавно информирање. Веста беше испорачана во не особено посетен термин во утринските часови. Но… содржината беше навистина необична: …Во оваа невозможна земја постои здружение чија гравитација е страста да се пишува поезија (обрнувам внимание дека овде одамна се одгледува таа традиција и исто така потсетувам дека специјализацијата и во оваа категорија го зема својот данок одделувајќи ги поетите на пропишано растојание од народот). Според текот на настанот беше јасно дека ова здружение нема поддршка од ниедна институција – политичка, стопанска, културна итн. Здружението има само желба да биде во поезијата…?! Во невозможна земја – невозможни нешта… Собор! Колку и да е забрануван и ограничуван во оваа секојдневност… сепак се случи.

Известување бр. 25072925, трета планета Сончев Систем Локална Група… веројатно околу 20 милијарди светлосни години по Големиот Почеток

Соборот започна во мала театарска сала. Според древномакедонската традиција, прво беа повикани душите на оние што се неопходни да дојдат од повисоките димензии за Соборот да се доближи до Вистината.
Потоа беа поздравени поетите што од сите континенти испратиле стихувана порака. Потоа на сцената беа поканети присутните автори… Беа среќни… Изговараа зборови од надеж, зборови од љубов, зборови од вера… Со свои зборови… Секој на свој начин без да се замислува дека изговара високопарна белетристика. Само желба да се подари најдоброто можно… овде=сега… во огледалото на своите… Потоа се запеа… Потоа се изговорија благодарности и се оспоменичи настанот со благодарници… и… конечно распоредот најави дека соборот не ги заборава оние што низ примерот на својот живот обилно придонеле со гордост да расте телото на спомените – таа единствена храна на цивилизацијата… Тогаш…
Снема струја… или… секојдневноста откри дека тука се одигрува нешто несекојдневно… или… организацијата на настанот потфрли… или на чуварот му заврши работното време… или…
Публиката почна со шепка, мрморења… но… Од мракот на сцената се слуша како претставата да продолжува… како… некако… светлост повремено доаѓа од излезната врата… Се фокусирав на гласот што доаѓаше од сцената… Мислам дека успеав да го снимам во препознатлива целина… вака… приближно:
„…на последниот хоризонт на нашето сознание има една населба… населена е со учени луѓе на кои треба да им се верува на збор… понекогаш испорачуваат соопштенија од откритијата во темната материја на ноуменот… ја вознемируваат секојдневноста…
Не беше тоа одамна (што може да биде одамна во Македонија кога таа како единица мерка за време има милениум)… учените соопштија дека во ноуменот откриле нешто како ѕвезден извор на зрачење и дека се оддалечува од нас… побрзо од брзината на светлината!!!???… Нештото го именувале описно, на денешниот скован коине јазик: QUASI STELLAR SOURCE OF RADIATION… потоа сфатиле дека е предолго (незгодно за викање) и ја примениле комунистичката практика на каратенки… така знаеме за КВАЗАРИ…“.
Ова сознание ме вознемируваше. Се обидов да го преведам на македонски. Бргу ми текна дека симбол не се преведува. Се обидов да го препеам… (нели и јас членувам ви здружението!?)… еве… вака:

НЕШТО КАКО ЅВЕЗДЕН ИЗВОР НА СПОМЕНИ

Додека другите се оддалечуваат… прилега
Како да си стасал до забранета граница… несвесно
Си ја барал… зошто таква потреба да се биде сам…
Зад неа… се надеваш…: Твоите соништа…
а постојано сонуваш празно
(тоа трае премногу долго за да биде здраво)
Се убедуваш: единствено откритие!
И… тоа те исполнува некое време…
Знаеш:
она што си го оставил
не задолжило никого да се вратиш…
Коработ чека…
Можеш само да ги поставиш прашањата…
Како?… Да си тука,а не си сега-тука
Како?… Да чекориш, а се колеба Земјината тежа
Како?… Да се обраќаш, а публика допрва да се роди
Бреј, замешан в’многумина заборавен од сите
Како?… Да љубиш, а во огледалата те нема ни сенка
Коработ се колеба… чека
Носталгија… Жал ти е за ѕвездите
Подај им ја оваа куса визите… нека биде дар
(и Ангелите се уплашени
кога пловат побрзо од сопствената светлина)
Мазна… Кристална… Топка
Заблагодари се за споменот
3.

Најдоброто дело е незаборав
Благодарам што се сеќавате….

Мислам дека е важен и овој податок: веднаш штом, некако се испразни театарот, волшебно, напојувањето со електрична енергија се востанови и во објектот започна секојдневна петочна забава…
…завршувам со испраќањето на извештајот…
На крајот, знам, чуварот ќе прогласи фајронт, столчињата ќе се качат на маса, пазарот ќе се преброи… и… сѐ ќе си биде како што секогаш било…
… поминале тарунари преку три угари – сам стар тарунар не поминал… поминале тарунари преку три угари – сам стар тарунар не поминал… (ова треба да се изговара бргу, едно по друго, но без да се издишиш…)
Колку можеш да издржиш?

(овој текст како наслов е започнат 1984… мислам дека нема повеќе да се навраќам на овој наслов)

Вангел Божиноски