Тамара Стојаноска е млада, но веќе позната режисерка, која неодамна во Бугарија ја освoи наградата за најдобар млад режисер, како и наградата од публиката. Таа вели дека била среќна што била дел од финалистите, за потоа да стане и добитничка на првата награда на конкурсот за млад театарски режисер „Слави Шкаров“ во Русе.
– Самото учеството на вакви конкурси е значајно само по себе, затоа што ја покажуваш креативноста и се соочуваш со театарот во една најискрена форма. Предизвик беше да се биде дел од еден толку уникатен театарски експеримент. Интензивното искуство што го добив таму ми донесе нови пријателства и нови можности и ми даде охрабрувачка енергија да продолжам понатаму со мојот театарски свет. Особено ми значи поддршката од целиот колектив на драмскиот театар „Сава Огњанов“, селекторката, организаторите, публиката, жирито и прекрасните актери со кои работев. Најмногу се радувам што следната година повторно ќе се вратам во Русе, повторно ќе соработувам со актерската екипа, со која една недела интензивно работев, и заедно ќе ја реализираме претставата „Срце од ајкула“, според романот на Емили Хабек – вели Тамара.
Во септември таа ќе почне да работи на текстот „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во продукција на театарот „Златен Елец“ од Скопје.
– „Сина сенка“ ќе биде мојот прв проект во кој авторот е целосно вклучен во процесот, со директна комуникација. Возбудена сум, но ја чувствувам големата одговорност. Подолго време посакував ваков тип на процес, во кој ќе имам можност да соработувам и комуницирам со автор. Бидејќи имам свој стил на работа, за мене тоа претставува нешто ново и едвај чекам да започнам со процесот – додава режисерката.
Стојаноска најголем дел од режиите има реализирано во независните театри. Таа објаснува дека да се работи на независната сцена значи да се избере пат без структурна поддршка, без стабилни услови и често со многу лични жртви и напори.
– Независната сцена носи креативна слобода, флексибилност, автентичност и големо искуство. Сè што правиме е резултат на лична мотивација и сметам дека токму затоа независните продукции често се поискрени, директни и блиски до реалноста во која живееме. Тој дух сакам да го носам во сите претстави, без разлика каде ги работам. За мене, поддршката од театарот „Златен Елец“ е значајна. Независната сцена е слобода и потврда дека постојат и други начини на творење и надградување и дека не треба да чекаме и да зависиме од институциите. Уметноста таму се создава пред сè од искрена желба за работа без разлика на условите или финансиите. Од друга страна, искуството со државен театар, со режијата на „Чиста куќа“ во прилепскиот театар, ми овозможи да ја видам другата страна, од одбирање текст до процес со вработени актери, процес со малку повеќе ресурси и многу поголема техничка екипа од тоа што сме навикнати кога работиме независно. Искуствата во театар се различни и без разлика дали е независна или државна сцена, суштината во секој процес е иста, да се создадат искрена претстава и енергија на семејство во текот на процесот. Ја спомнав „Чиста куќа“ и можам да кажам дека претставата го започна својот живот и уште од самиот почеток постои интерес кај публиката. Многу ми е драго што текстот на Сара Рул и пред сѐ претставата предизвикуваат толку разновидни реакции кај гледачите. Некои ја поврзуваат со хуморот, други приказната ја доживуваат емотивно, а трети се збунети од мешавината на жанрови и чувства. И тоа е сосема во ред. Разновидноста ја прави претставата жива. Во секоја моја претстава зборувам за нас, за луѓето, за обичните работи во животот, за соочувањето со смртта, за ширењето емпатија и човечката душа – теми што секој ги доживува на свој начин. Среќна сум за секоја изведба и посакувам претставата и понатаму да отвора сè подлабок дијалог со публиката и да има долг живот. Многу сум задоволна што со „Чиста куќа“ го имав првото искуство – работа во државен театар, и пред сѐ што бев дома, во мојот роден Прилеп… Многу ми значат и сите моменти поминати со актерите, техничката екипа и сите вработени во НТ „Војдан Чернодрински“, бидејќи додека се подготвуваше претставата ги фатив последните моменти во старата зграда полна со историја – раскажува режисерката Тамара Стојаноска.