Илустрација: „Нова Македонија“

Додека грчката економија беше релативно мала, со францускиот БДП од три трилиони евра и население од 68 милиони, тешко е да се замисли дека Германија или ЕУ ќе можат да ја „спасат“ Франција. Експертите укажуваат дека Франција не може да се споредува со Грција поради големината на економиите на двете земји. Францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да избегне катастрофа со нов политички курс. Неговото решение е сегашниот премиер Франсоа Бајру – третиот по ред што се обидува да најде компромис меѓу финансиската дисциплина и социјалниот мир. Според повеќе соговорници, дипломати од кариера и политиколози, нему исклучително тешко му оди на внатрешен план за консолидација на републиката, а направи и сѐ уште прави сериозни промашувања на надворешен план и за Франција и за политиките на ЕУ, така што неговата „ѕвезда“ сериозно бледнее…

Задолжувањето на Европската Унија во динамичен раст

Европските експерти веќе стануваат сѐ погласни во нивната констатација во јавноста дека финансиската состојба во Франција сè повеќе потсетува на онаа во Грција за време на финансиската криза во 2009 година, со вртоглаво продлабочување на финансиските тешкотии. Петтата република се приближува до точката каде што владата ќе мора да прибегне кон радикални мерки или да се соочи со можен банкрот, укажуваат експертите откако европскиот статистички центар „Евростат“ забележа нов раст на долгот на земјите членки на Европската Унија. Во последните 50 години, Франција немаше буџетски суфицит и секоја година државата троши повеќе отколку што заработува, и покрај тоа што има еден од највисоките даноци во Европа.

Актуелниот долг на Франција

Националниот долг на Франција моментно изнесува 114 отсто од БДП, а дополнителен проблем претставува фактот што само во 2024 година, каматата за тој долг се зголеми за шест милијарди евра. До крајот на 2025 година, се очекува Франција да плати најмалку 60 милијарди евра камата, а до 2029 година, таа сума би можела да достигне дури 100 милијарди. Додека долгот продолжува да расте, земјата постојано бележи дефицити што ги надминуваат дозволените 3 отсто од Европската Унија. Во 2022 година дефицитот во францускиот буџет изнесуваше 4,7 проценти, а во 2023 година дури 5,4 отсто.
Во исто време, француската економија бележи слаб раст. По краткорочното закрепнување од 2,5 отсто по пандемијата, во 2023 година БДП порасна само за 0,8 проценти. Бидејќи даночните приходи не се зголемуваат, државата е принудена да се задолжи дополнително за да ги финансира своите расходи.

Раст на задолженоста на ЕУ

Во согласност со последните податоци објавени на крајот од првиот квартал од 2025 година, соодносот на бруто-долгот во еврозоната (EA20) изнесуваше 88 проценти и има благ раст во споредба со 87,4 отсто на крајот од четвртиот квартал од 2024 година.
За издвојување е што аналитичарите на „Евростат“ исто така потенцираат дека има раст и на задолженоста на целата Европска Унија и таму долгот од 81 процент, достигнал 81,8 отсто од бруто-домашниот производ.
Може овде, само за информација на читателите, да направиме мала дигресија од главната нишка на темата и да издвоиме дека што се однесува до Македонија, иако и понатаму расте висината на номиналниот долг, во согласност со последните податоци за првиот квартал од 2025 година, процентот на долгот е намален и падна на 57,7 проценти од БДП.

Каде се зголемија долговите кај европските земји?

Кај европските земји се забележува дека во споредба со првиот квартал од 2024 година, односот на државниот долг во БДП се зголеми и во еврозоната и во ЕУ. Аналитичарите објавуваат дека на крајот од првиот квартал од 2025 година, долгот бил составен од 84,2 проценти од должнички хартии од вредност во еврозоната и 83,6 во ЕУ, потоа од 13,3 проценти кредити во еврозоната и 13,9 отсто во ЕУ и 2,6 проценти валути и депозити во еврозоната и 2,5 проценти во ЕУ.
Она што е интересно за промените што настанаа од почетокот на годината во Европската Унија е растот на долгот во земји што претходно не бележеа толку високи задолжувања.
Прв пример е Полска каде што има и најголем раст на долгот од високи 6,1 проценти, по што следува Финска со раст на задолжувањето од 5,1 проценти, но и Австрија и Романија имаат голем пораст на долгот од 4,1 проценти. Потоа следува Франција со 3,6 проценти раст, па Италија со 2,9 отсто раст, Словачка со 2,6 и Шведска со 2 отсто раст на долгот.
Од друга страна, нашиот сосед Грција, која е меѓу најзадолжените земји во Европската Унија, во овој период бележи најголемо намалување на долгот, и тоа за високи 9,3 проценти поени, потоа следува Кипар со пад од 8,2 отсто на долгот, па Република Ирска со 6,1 отсто намалување на долгот, Хрватска со 3,6 процентни поени намалување на долгот, па Данска со 3,2, Шпанија со 2,8 и Португалија со 2,7 процентни поени.
Словенија е една од земјите каде што речиси и да нема промени кај задолжувањето.
Сепак, податоците откриваат дека нашиот јужен сосед, Грција, и понатаму е на врвот, односно е најзадолжена земја од сите членки на Унијата. Имено, долгот на Грција надминува 150 проценти, а веднаш зад неа е Италија со долг од 137 отсто од БДП. По нив е Франција со 114 отсто задолженост од БДП, па доаѓа Белгија со 106 отсто задолженост.
Спротивно на нив, меѓу земјите со најмал долг е нашиот источен сосед, Бугарија, која е на самото дно, и нејзиниот долг достигнува 23,9 отсто од тамошниот БДП. По неа, со малку поголема задолженост од само 24,1 проценти е Естонија, па следува Луксембург со 26,1 отсто долг и Шведска, чиј долг достигнува 33,5 проценти.

Дилемите во врска со „Планот за спас“ и француската спирала на финансиско тонење

Секој обид на надлежните (власти) да укинат некоја социјална услуга или да го намалат буџетот предизвикува масовни протести. Експертите укажуваат дека Франција не може да се споредува со Грција поради големината на економиите на двете земји. Додека грчката економија беше релативно мала, со францускиот БДП од три трилиони евра и население од 68 милиони, тешко е да се замисли дека Германија или ЕУ ќе можат да ја „спасат“ Франција. Францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да избегне катастрофа со нов политички курс. Неговото решение е сегашниот премиер Франсоа Бајру – третиот по ред што се обидува да најде компромис меѓу финансиската дисциплина и социјалниот мир. Планот вклучува намалување на јавните расходи, бројот на државни службеници и трошоците на локалните самоуправи, зголемување на даноците за најбогатите и замрзнување на буџетот за една година. Најконтроверзниот предлог е укинување на два национални празника, понеделникот по Велигден и 8 мај, Денот на победата во Втората светска војна. Оваа идеја предизвика остри критики од јавноста и политичарите.
Планот предвидува отпуштање 3.000 државни службеници и укинување на многубројни административни позиции по пензионирањето на вработените. Се очекува мерките да заштедат околу 42 милијарди евра. Е.Р.


Задолжување на земјите членки на ЕУ

Земја Процент на долг од БДП
Грција 152,5
Италија 137,9
Франција 114,1
Белгија 106,8
Шпанија 103,5
Португалија 96,4
Австрија 84,9
Финска 83,7
ЕУ 81,8
Унгарија 75,3
Словенија 69,9
Кипар 64,3
Словачка 62,8
Германија 62,3
Хрватска 58,4
Полска 57,4
Романија 55,8
Малта 48,1
Летонија 45,6
Холандија 43,2
Литванија 40,6
Р Ирска 34,9
Шведска 33,5
Луксембург 26,1
Естонија 24,1
Бугарија 23,9