Фото: ЕПА

Пари сен Жермен се обидува да го освои петтиот трофеј од пет турнири сезонава, а Челси игра за својот втор пехар сезонава. Финалето помеѓу двата клуба на планетарниот клупски шампионат е утре (од 21 часот) во Њу Џерси

ФУДБАЛ – УТРЕ ФИНАЛЕ НА КЛУПСКОТО СП 2025

Пари сен Жермен (Франција) ќе игра со Челси (Англија) во утрешното финале (од 21 часот) во Њу Џерси, на реформираното клупско Светско првенство (СП) на кое првпат настапија 32 екипи, со што ќе заврши едномесечниот турнир во САД.
Пари сен Жермен се обидува да го освои петтиот трофеј од пет турнири сезонава, откако тимот на тренерот Луис Енрике го освои Трофејот на шампионите во Франција во јануари, Лига 1 во април, шест кола пред крајот на сезоната, како и Купот на Франција и Лигата на шампионите во мај, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Ниту еден од другите 31 тим што играа на годинашното клупско фудбалско Светско првенство не освои повеќе трофеи во сезоната 2024/2025, а Челси, кој неодамна славеше во Конференциската лига, може да го освои својот втор пехар сезонава, во финалето утре на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси, пишува ФИФА.
Четворица светски прваци со репрезентации ќе имаат шанса утре да освојат златен медал и на клупско светско фудбалско првенство, откако Усман Дембеле, Лукас Ернандез, кој ќе биде суспендиран за финалето, и Преснел Кимпембе ѝ помогнаа на репрезентацијата на Франција да ја освои светската титула на првенството во Русија, во 2018 година, а Енцо Фернандез беше клучен за триумфот на селекцијата на Аргентина на шампионатот во Катар, во 2022 година, објави ФИФА.
Финалистите на СП 2025, Пари сен Жермен и Челси, се најмладите европски тимови на годинашното планетарно клупско фудбалско првенство, пишува Светската фудбалска федерација. Н.М.