Македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул ја постави изложбата „Трага на нематеријалното“ на македонската уметница Софија Грабулоска, во галерискиот простор на центарот.
Во оваа галериска адаптација, Грабулоска отвора врата кон светот на дигиталната тишина, каде што звукот, светлината, линијата и бинарниот код се трансформираат во визуелна медитација. Изложбата се состои од 10 вертикални дигитални дела (50 x 210 cm) и видеопроекција што алгоритамски ги интерпретира нивните облици, спој меѓу аналогното и дигиталното, меѓу надреалното и конкретното.
Оваа симбиоза нуди нов начин на доживување на уметноста: тивок простор каде што технологијата не ја заменува уметноста, туку ѝ дава нова длабочина. Проектот нуди ретко визуелно и сензорно искуство, во кое публиката не е само набљудувач, туку активен учесник во дијалогот меѓу видливото и невидливото.
„Трага на нематеријалното“ ги отвора границите на перцепцијата, поставувајќи прашања за суштината на објектите, на просторот, на постоењето и повикува на интимна, тивка, но интензивна уметничка размена. Оваа изложба е гест на современата уметност што не бара одговори, туку нови начини на гледање.
Софија Грабулоска (1981, Прилеп) е македонска уметница, која со специфичен визуелен јазик ги спојува скулптурата, дигиталната технологија и звукот. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2006), каде што во 2015 ги завршила и постдипломските студии, со фокус на скулптура и 3Д-печатење.
Нејзиното творештво опфаќа концептуални и скулптурни дела што ги истражуваат односите меѓу просторот, звукот и формата, низ пристап што таа го именува како „Нова ДНК“. Со долгогодишна соработка со Богдан Грабулоски Бонач и Виолета Блажеска, Грабулоска е меѓу првите во регионот што го третираат звукот како визуелен елемент во ликовната уметност, преку процеси на дематеријализација и повторна материјализација на звучни структури во визуелни форми.
Во последните години, таа активно истражува неоматеријализам, развивајќи уникатен концептуален пристап што комбинира рачно цртање, алгоритамски код, анимација и просторна инсталација.